Дома Инспирација Исповед: Два пати се борев со ракот на дојка, внимавајте, стресот е...

Исповед: Два пати се борев со ракот на дојка, внимавајте, стресот е убиец

„1997 година првиот пат се оперирав. Претходно на десната дојка почувствував едно грутче. На доктор ми рекоа дека е масно ткиво. Јас тоа си го „врзав во крпче“ и не заминав на контрола следни 10 години. Тоа ми беше катастрофална грешка“ – вака Зорица Аџиевска ја почнува својата приказна, за епизодата од животот која, како што вели, не само што и донела неизвесност, страв и предизвици, туку благодарение на бесот којшто го почувствувала во моментот кога ја дознала дијагнозата, решила дека ќе се бори и нема на овој начин да го заврши животот.



Зорица Аџиевска – координатор за град Скопје на здружението „Борка“

После некое време ќерката почувствува грутче и ние трчајќи за неа, всушност дознавме за мојата состојба. Сопругот во еден момент му се обрати на докторот со зборовите „она е исплашена, но има поголема мака од неа“. Следниот ден заминав на преглед и кога ме виде докторот кажа дека ова мора веднаш да се реши и ме праша зошто сум чекала толку долго време. Фала му на Господ, беше втор почетен стадиум, вели за „Приказна“, Зорица, координаторка за здружението „Борка“ за град Скопје.

Зорица со ракот на дојката се соочила двапати, во 1997, а потоа во 2015 година.

Приказна ЕП29 – Отворено за ракот на дојката

Беше тежок период. Од тогаш, 18 години не пропуштив ниту една контрола, односно преглед. На 6 месеци ехо и еднаш годишно мамографија.

Последниот пат, пред операцијата кога бев на мамографија, докторката ме советуваше да не доаѓам повторно толку брзо, односно следниот преглед да е за година и половина. Тие денови само што почнав да се подготвувам да најавам дека сакам да одам на преглед, доживеав нов стрес кој ме „измести“ од место. После два дена на левата страна не можев раката да ја допрам до телото. Почувствував како нешто да ми пречи. Кога се допрев, почувствував како едно пинг-понг топче. Беше петок, не можев да одам на доктор. Во понеделник со приоритетен упат веднаш заминав на преглед и ми кажаа дека повторно имам канцер, меѓутоа сега со зафатени три лимфни јазли, вели Зорица.

Следуваат операција и хемотерапии, борба од која Зорица повторно излегува како победник. Вели дека човек кога ќе се сретне со оваа дијагноза, сфаќа многу работи, тогаш дознава кои работи треба да ги цени, а на кои да не им обрнува внимание, бидејќи стресот е најголемиот причинител на оваа состојба.

Велат внимавајте што јадете. Секако треба да внимаваме што јадеме, треба здрава храна, но повеќе треба да внимаваме што не јаде, а не што јадеме. Тоа не тера да се промени. Сфаќаме дека животот е еден и може за секунда да се промени сето. Си посветуваме повеќе внимание на себе. Не е тоа себичност. Како пример ќе го земам мојот случај со ќерката. Како јас ќе и помогнам нејзе, кога и бев најпотребна, ако не се грижев за себе и ме немаше?

Значи ако сум јас малку посебична во однос на грижата кон своето здравје, ако се оптоварувам со непотребни мисли и нервози, нема да може да им помогнеме ни на блиските, а камоли на самите себе. Таа ситуација не тера да си го промените животот.

Велат на една страна напишете тоа што сакате да го правите, а на другата напишеме што во моментов правите и направете ја промената. Тоа што во моментов правите ве довело до болеста, а со тоа што сакате да го правите ќе бидете позадоволни, додава Зорица.

Поддршката, отворените разговори, трагањето по одговори на многу прашања се работи на кои не треба да се заборави кога човек поминува низ искушенија во животот, вели Зорица, а токму семејството од здружението „Борка“, каде е и координатор за град Скопје, премногу и помогнало за да  преброди многу работи полесно. Оваа инспиративна и борбена приказна на Зорица, ја завршуваме со најважниот совет:

Прво секој треба да оди барем еднаш во годината на преглед. Помладите нека одат на ехо. Многу се важни контролите. Не мора ништо да има, или ако има грутче не мора да е канцер. Не треба да се оставаме без проверка. Мојата најголема грешка беше што знаев дека имам, а не го контролирав тоа. Рекоа дека е масно ткиво, а масното ткиво може да прејде во нешто несакано. Најважна е превенцијата. Затоа постои нашето здружение. Да ги едуцира луѓето и да ги потсетува дека треба да направат контрола, вели на крај во интервјуто за „Приказна“, Зорица

За „Приказна“

Ване Маркоски

Exit mobile version