14.8 C
Skopje
Monday, September 16, 2024
spot_img

Ирина Тошева: Со облеката ги загадуваме водите

Тука е тексасот кој користи многу големи количества на вода, особен при боењето. Има сезони каде модерен е тексас во одредени бои, и сето тоа црпи нови количини на вода. Тексасот е нешто што не мора по секое носење да го переме. Тој рок може да го продолжиме со тоа што ќе го носиме неколку пати, па ќе го испереме. На крајот од денот сè се сведува на нас. Сите мали промени можеме да ги направиме малку, по малку. Секако, не се само водите во прашање кога зборуваме за тоа како текстилната индустрија влијае врз загадувањето, вели во интервју за Приказна модната дизајнерка и активистка, Ирина Тошева.

Приказна На кој начин текстилот ги загадува водите и нашата живота средина?

Ирина Тошева Работата со текстилот загадува на неколку начини.

Таа облека која ние не ја носиме, и која најлесно ни е да ја фрлиме, а не да ја донираме некаде, завршува во депонија. Има такви депонии кои се само од облеки. На пример облеката од поголемите земји завршува во третиот свет. На тој начини имаме пустини, само со облека.

Загадувањето на водата го вршиме самите. Со секое перење на материјалите кои не се од природно потекло, се испуштаат мали микрочестички. Таа вода на крај завршува во реките и езерата, морињата, океаните. Потоа со таа вода се прска нашата храна која ние ја јадеме, и на некој начин, повторно ги внесуваме тие микрочестички во организмот.

Многу пати луѓето велат дека ако купат неколку работи, нема ништо да сменат, или дека не зависи од нас самите, туку од поголемите играчи. Но, не е така. Ние сами си правиме лошо. Ако таа храна ја изедеме, тоа не е добро за нашето здравје.

Приказна Многу земји од ЕУ, САД, Австралија има многу продавници како т.н „втора рака“во коишто многу од луѓето ја пронаоѓаат својата облека. Како е кај нас?

Ирина Тошева Кај нас полека почнува. За поздрав е што имаме веќе неколку дуќани коишто имаат убав избор. Во т.н „Втора рака“ продавници не е важно само да имаат стари парчиња, веќе носени кои некој ги дал за да се продаваат, туку тие треба пред сè да ни бидат привлечни, особени за младите кои практично се најголемите потрошувачи. Тие треба да сакаат да одберат во таа продавница, наместо да одат во некој трговски центар.

Имаме ние многу продавници коишто носат роба која е од постарите сезони. Секако, тие не сепродавници за „облека од втора рака“, бидејќи таа роба не е носена од некого, туку едноставно да не биде запалена или фрлена во некоја депонија таа облека, се носат во други земји, од каде потоа можеме ние да купиме.

Приказна Брзата мода на некој начин поттикнува консумеризам, па сите во таа трка собираме едно брдо облека којашто никогаш не ја облекуваме во животот. Како да го разбереме фактот дека и текстилот ја загадува животната средина?

Магазин Приказна на тема модата како загадувач

Ирина Тошева: Можам да кажам дека има некое покревање на свеста последниве години, а тоа можеби е благодарение на пандемијата. Но, сепак треба уште многу да се едуцираме, јавноста, самите потрошувачи, за да стигнеме до некое ниво кое ќе биде задоволително за подобро утре за сите нас.

Приказна Колку сме свесни дека не мора да купиме 10 парчиња, туку дека и едно ни е доволно некогаш и колку сме свесни дека изборот на органски материјал влијае на нашата околина?

Ирина Тошева Јас од лично искуство, можам да кажам дека има менување на свеста. Не се некои огромни чекори, но сепак се работи за круг на луѓе во кој јас се движам, мои потрошувачи.

Не можам да зборувам за нивото на цела земја, но сметам дека луѓето полека се отвораат, се едуцираат, читаат, гледаат, бидејќи сè повеќе се зборува и за текстилната индустрија, за лошите работи кои се случуваат во неа, модната индустрија.

Имаме и организации како Fashion revolution кои гласно говорат за транспарентност, во целиот синџир. Ние дизајнерите се трудиме сè повеќе да зборуваме, но за жал, имаме и многу луѓе кои тоа го злоупотребуваат, брендови кои тоа го злоупотребуваат. Кажуваат дека се одржливи, дека се грижат за животната средина, а сето тоа е всушност само еден маркетинг трик за да ги привлечат луѓето да купуваат од нив. На крајот од денот потрошувачите се тие кои треба да оценат дали тој бренд или дизајнер прави „green washing“ или прави „green marketing“ и да купат од него.

Модна револуција е светско движење кое започна со рушење на фабриката во Бангладеж, каде беа сместени многу брендови. Луѓето во таа фабрика, уште од тогаш кажувале дека има многу пукнатини, условите не се соодветни, но. никој за жал не ги слушал, дури ни тие брендови за кои се шиело. Околу 1200 животи се изгубени со рушењето на таа фабрика и тоа ги отвори очите на светската јавност, да се направи ова движење и да се поттикнува секоја година, особено на датумот кога се сруши оваа фабрика, 24 април. Модна револуција како движење придонесе самите консументи, да ги прашуваат брендовите кој ја прави мојата облека и сега најновото од што е направена мојата облека.

Приказна Што е разликата помеѓу рециклирана и одржлива облека?

Ирина Тошева Рециклирана облека уште немаме.

Проблемот со рециклирана облека и собирањето на текстилот е дека најчесто работите од брзата мода се од мешан состав, многу ретко се чисти и сè уште овој начин на произведување не е совршен, за да може да ги мешаме сите облеки кои ги имаме да се рециклираат и да добиеме еден совршен материјал.

Во нашата земја една организација започнува да работи на ова и ќе се добива материјал кој ќе биде во облик на филц, којшто може да се користи за изолации, ќе може да се користи за изработка на торби, футроли за таблети итн.

Одржливи материјали се материјали каде што не е битно дали се само од природно потекло, иако е важно. Тука спаѓаат материјалите кои се земени како остатоци од фабриките, односно текстилниот отпад или материјалите од големите модни куќи. Модните куќи кои кога ќе помине сезоната, материјалите што им остануваат, тие ги продаваат на различни магацини, а потоа младите дизајнери можат да си ги купат од тие магацини, значи не завршуваат во канта. Покрај ова, имаме и материјали што може да ги земеме од веќе направени парчиња облека, од продавниците за облека од втора рака, да ги купиме, па потоа да ги преработиме па да направиме сосема други.

Приказна Колку е важна селекцијата на текстилот?

Ирина Тошева Проблемот со памукот е што при перењето се користи многу вода. Самиот памук впива многу вода и затоа се поттикнува јавноста, она парче облека што не мора секојдневно да го пере, секое носење, да проба да го пере на неколку носења.

Органскиот памук е материјал за кој при самото одгледување, не се користат пестициди. Сите ние имаме потреба многу од памукот, и тој најчесто многу се прска со пестициди, за што побрзо да порасне и да дојде на пазарот. Ние како консументи, не сме свесни секогаш што носиме. Знаеме да кажеме ова е памучно, но може да направи алергија кај некој. Тоа е поради фактот што тој памук не е како што треба. И затоа органскиот памук најчесто е поскап.

Често пати за производство за одредени видови облека се користи големо количество на вода, а веќе климатските промени ни укажуваат дека мора да се едуцираме и да бидеме штедливи.

Приказна Како да го поттикнеме тоа кај јавноста да биде повнимателна во таа насока?

Ирина Тошева Најпрво може да почне со тоа да не се прават за сè и сешто обични маички, како репрезентативен материјал.

Тука е тексасот кој користи многу големи количества на вода, особен при боењето. Има сезони каде модерен е тексас во одредени бои, и сето тоа црпи нови количини на вода. Тексасот е нешто што не мора по секое носење да го переме. Тој рок може да го продолжиме со тоа што ќе го носиме неколку пати, па ќе го испереме. На крајот од денот сè се сведува на нас. Сите мали промени можеме да ги направиме малку, по малку.

Секако, не се само водите во прашање кога зборуваме за тоа како текстилната индустрија влијае врз загадувањето.

Приказна Колку зелениот договор ќе придонесе и нашата земја да биде поактивна во менување на перцепциите, како и активностите коишто сите ние треба да ги направиме за зачувување на нашата планета?

Ирина Тошева Искрено се надевам. Најпрвин ни треба поголема отвореност и информираност и од самите фабрики. Еве на пример текстилниот отпад да може дизајнерите да го земаат, затоа што за жал долги години кружеше една дезинформација меѓу нас дизајнерите дека не смееме да го земеме, дека законот не ни дозволува.

Јас работев многу на таа тема, успеав да покажам дека таа дезинформација не е точна, и да им помогнам на мои колеги. Сега работам со фабрики како сето ова да се направи. Ова е мал почеток и сите треба да работиме. На крајот од денот и самите потрошувачи треба да го ценат повеќе тоа парче ако е направено од остатоци, а не да мислат буквално дека е направено од отпад.

Приказна Дали имаме регулатива која ќе ни овозможи ова да го практикуваме, да не биде само теоретски дека се залагаме, всушност во реалноста мора да имаме закон кој го третира ова?

Ирина Тошева Во зелениот закон има потточки за текстилниот отпад. И сега имаше измени, кога го донесоа законот за кесите, и практично веќе станува многу подостапно. Секако на крај, мора да бидат и самите фабрики отворени да ни ги дадат тие остатоци материјали.

За Приказна,

Вики Ч.

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,656FansLike
3,312FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ