Податоците од 2007 година беа алармантни. Направена беше евалуација, со којашто се покажа дека КЕП индексот (Кариес, Екстракција, Пломба) е 6,88%, процент којшто е навистина висок и тогаш се создаде Националната стратегија во којашто учествуваа стручни професори и специјалисти по детска и превентивна стоматологија. Значи културата датира од пред 18 години, а тоа значи дека се работи. Важно е да се спомене дека направена е контролна евалуација со којашто се увиде во 2016 година дека КЕП-от е намален на 2% и треба да се одржи на тоа ниво, вели во интервју за „Приказна“, д-р Катерина Стаменковска, специјалист по превентивна стоматолошка здравствена заштита.
Приказна: Имаме ли национална стратегија за орално здравје?
Стаменковска: Национална стратегија постои за превенција на орални заболувања кај деца од 0 до 14 годишна возраст. Таа е имплементирана со одлука на Владата во 2008 година, а ревидирана во 2018 година за наредниот период од 10 години.
Националната стратегија ја спроведуваат превентивните стоматолошки тимови при јавните здравствени установи низ целата наша држава. Целта на стратегијата е изведување на активности коишто вклучуваат стоматолошка едукација, воспитување и најважно, залевање на фисурниот систем на сите трајни молари според редоследот на нивната ерупција, како и по потреба на млечните заби.
Многу важно е да се појасне моментот на залевање на фисурите на трајните заби кај децата. Тука може да се направи паралела со различните вакцинации кај децата и населението кои се извршуваат постојано и во континуитет низ години. Значи можеме да направиме споредба, вакцинирано дете е здраво дете, здрав заб на дете, значи здрави залеани заби на дете.
Приказна: Што велат податоците? Имаме ли култура за орално здравје?
Стаменковска: Податоците од 2007 година беа алармантни. Направена беше евалуација, со којашто се покажа дека КЕП индексот (Кариес, Екстракција, Пломба) е 6,88%, процент којшто е навистина висок и тогаш се создаде Националната стратегија во којашто учествуваа стручни професори и специјалисти по детска и превентивна стоматологија. Значи културата датира од пред 18 години, а тоа значи дека се работи. Важно е да се спомене дека направена е контролна евалуација со којашто се увиде во 2016 година дека КЕП-от е намален на 2% и треба да се одржи на тоа ниво.
Приказна: Се грижиме ли за оралното здравје?
Стаменковска: Здравствениот систем преку Националната стратегија овозможува да се грижиме за оралното здравје на сите деца, но тука мораме да напомниме дека и индивидуалната грижа е доста важна, бидејќи секој треба поединечно да се грижи за оралната хигиена и постојани посети на превентивните стоматолози.
Приказна: Дали пандемијата донесе промени во работата на стоматолозите, кои ќе останат и после нејзиниот крај?
Стаменковска: Мојот заклучок е дека пандемијата ќе промени многу работи. Една од работите кои ги донесе пандемијата е подобра лична заштита на секој стоматолог, додека е на своето работно место како користењето на добри заштитни средства, визири, маски, протокол за работа и слично. Сите овие работи треба да останат и после Ковид 19, бидејќи се позитивна промена.
За Приказна,
Ване Маркоски