Многу луѓе ја кријат својата насмевка само поради фактот што нивните заби не изгледаат убаво, односно не се третирани како што треба.
Навремената и редовна посета на стоматолог е навика којашто секој човек треба да ја стекне од најмала возраст, советува доктор Родне Димовска, стоматолог од стоматолошката ординација „Омнидент“.
Откако децата ќе осознаат за себе и откако ќе никнат запчињата и родителите ќе им укажат за важноста на нивните запчиња, треба да ги однесат на стоматолог. Првата посета на стоматолог не треба да биде официјална. Треба да биде во склоп на некој преглед од нивните родители, да тие осознаат каде се наоѓаат, атмосферата, околината, односно тоа да го сфатат како еден вид на забава. Значи, првата посета треба да биде после никнувањето на запчињата, некаде после 2-рата година, за да не биде после предоцна, бидејќи ако се јават првите болки и тогаш за прв пат детето се однесе на стоматолог, тоа кај него ќе предизвика дополнителен страв, вели д-р Родне Димовска.
Редовни посети на стоматолог, прават само луѓето кои посветено се грижат за своето орално здравје.
Под редовни контроли се подразбира, не само тоа кога имаме проблем, па треба да отидеме на стоматолог, туку се подразбира редовна контрола на 3, 4 или 6 месеци, во зависност од состојбата на забалото. Стоматолог, откако ќе го санира забалото на еден пациент или откако ќе види дека е направен тој контролен преглед, веднаш си го закажува пациентот и си го става во агендата за повторно доаѓање, па така низ тие редовни контроли, ние си го чуваме оралното здравје. Најдобро би било барем двапати годишно да се прават превентивни контроли, додава д-р Родне Димовска
Кариесот или како што го нарекуваат болест на модерното време, не доаѓа преку ноќ, туку прогресира поради нередовна хигиена на забите.
За жал кај нашата популација не можеме да се пофалиме дека луѓето имаат многу здрави заби. Често се сретнуваме со таа болест на модерното време, кариесот и само со редовни контроли ние можеме да ја спречиме неговата прогресија и да го санираме уште додека е во почетна фаза, советува д-р Димовска.
Залевањето на детските заби е една превентивна мерка во правец да ги сочуваме забите.
Не е ова нешто ново. Залевање кај запчињата на децата почна да се прави уште пред некои 20 години, со никнување на првиот траен заб околу 6-тата година. На тие заби се врши залевање, а може да се залеат и други запчиња. Залевката е исто така еден материјал којшто се аплицира на забот, со претходна подготовка на забот. На тој начин се запечатуваат сите вдлабнатини во забот, којшто се места каде може да се задржат наслагите, кои потоа со нивно разлагање, се создава кариес, додава д-р Димовска.
За крај запомнете, грижата за оралното здравје е всушност и грижа за нашата целокупна здравствена состојба.
За Приказна,
Ване Маркоски