Во интервју за „Приказна“, каде тема беа хуморот и сатирата, со Божидар зборувавме колку политичарите кај нас прифаќаат хумор и колку нашето општество е зрело да прифати политичари кои ќе се шегуваат на своја сметка.
Моџо Килингтон е писател, сценарист, активист на социјалните мрежи. Препознатлив е по популарната македонска комична телевизиска емисија „Фчерашни новости“. Работи како сценарист на серијата „Преспав“ и ја води рубриката (Не)реално со Моџо Килингтон, во рамките на политичкиот магазин „Трилинг“ на Телевизија 24.
Приказна: Има ли простор за хумор на социјалните мрежи?
Божиновски: На социјалните мрежи има доволно простор за хумор. Ако до пред некоја година хуморот беше присутен само во неколку емисии на телевизија или на радио, сега веќе секој може да го искаже своето, што е добра работа од една страна, затоа што се појавува свежина и за разлика од емисиите, на социјалните мрежи си секогаш во текот со настаните. Секако тоа си има и свои нуспојави како што е говорот на омраза и слично, но сепак мислам дека има голем простор, посебно во Србија каде што веќе тој интернет хумор зазема големи размери и има голема публика.
Приказна: Го прифаќаат ли политичарите хумор?
Божиновски: Во моментот кога политичарите го сфаќаат хуморот како непријател, тогаш тоа е моментот кога почнуваат да паѓаат од власт, затоа што тој не може да се сопре. Ако го нема на социјални медиуми, ќе го има меѓу луѓето.
Хумор имало и за Сталин и за Хитлер, во тие тешки времиња. Мислам дека до високите политичари не стасува овој народен хумор, затоа многу поопасни се нивните поданици и ботови кои во желба да се искажат пред лидерот, спремни се да ги бранат нивните зборови и со закани и со уцени и разни ниски удари.
Приказна: А кој од нашите политичарите има смисла за хумор?
Божиновски: Кај нас смисла за хумор имаше Амди Бајрам. Мислам дека и самиот тој се чудеше до каде дотурка со политиката. Едно време беше и фактор кој ќе биде на власт. Мислам дека другите немаат многу смисла за хумор, бидејќи немам друг слушнато да се шегува на своја сметка, а тоа е голем минус, но за тоа свој удел има и општеството кое е конзервативно и нема да го сфати сериозно политичарот којшто се шегува.
Новата книга на Божидар Божиновски, познат како Moџо Килингтон, „Уништување“, беше промовирана на почетокот од овој месец.
Романот „Уништување“ е дел од едицијата „Во еден здив“. Станува збор за трета книга на Моџо Килингтон, по стихозбирката „Аутопсија на љубовта“ и романот „Денот кога не се разбудив“.
За Приказна,
Ване Маркоски