19.8 C
Skopje
Monday, September 16, 2024
spot_img

Илина Арсова за „Приказна“: Како жена – спортист многумина ме гледаа како закана, која ќе руши рекорди

Илина Арсова е страстен планинар – алпинист и ликовен уметник. Илина неодамна се искачи на врвот „Arista Santa Barbara“, 5.790 метри, еден од највисоките и најтешките за освојување во Јужна Америка. Претходно, заедно со експедиција го искачуваше еден од највисоките активни вулкани во светот „Котопакси“. Инаку, Илина Арсова е првата Македонка и една од 60-те жени во светот која ги искачи највисоките седум врвови на сите седум континенти. Илина има работено и на ликовни проекти ширум светот, а редовно изложува на групни и самостојни изложби каде преку својата уметност ја претставува инспирацијата токму од овие најнедостапни планински врвови. Во нејзиниот случај, бидејќи станува збор за спој на спорт и уметност, во разговор за „Приказна“, вели дека повеќе имала проблем како жена во спортот, отколку во уметноста.

Можам да кажам дека во некои професии машките се доминантни, на пример повеќе сум имала проблем како жена спортист, отколку како уметник. Ќе цитирам една женска ликовна група „Герилас“ којашто има напишано дека само 5% од уметниците застапени во музејот на модерна уметност се жени, а дури 95% од делата во музејот се инспирирани од жени, вели за „Приказна“, Илина Арсова.

Според Илина, генерално денес на уметноста, но и на спортот, не се гледа како некогаш, а повеќето луѓе за уметниците зборуваат дека се „чудни“ и друга класа на луѓе, без разлика дали некој е машки или женски уметник.

ПРИКАЗНА – ЕПИЗОДА: ЖЕНИ ВО УМЕТНОСТА

За разлика од времето кога уметниците и спортистите биле идолите на една држава и спортот и уметноста биле на едно високо ниво, денес некако на уметниците се гледа да си „забеган“, воопшто не се цени како професија и уметниците се етикетираат како да се друга класа на луѓе. Во однос на дискриминација, во мојата кариерата сепак повеќе тоа сум го почувствувала во спортот, каде што луѓето ме доживувале како закана, како жена која ќе им ги руши рекордите и ќе поставува нови норми. Епа ќе поставувам, ќе поставуваме заедно уште повеќе, вели Илина.

Односот во светот на уметноста, кон жените уметници се менува, а ако зборуваме за индивидуалните примери, секој уметник на свој начин има придонес во тој процес.

Можеби поради тоа што често зборував за уметноста и ја поставував на исто рамниште со другите социјални проблеми што ги третирам, бидејќи секој пат гледав преку уметноста да пренесам порака, било да е тоа од моето искуство на планините или еколошка порака, секој пат наоѓав начин, тоа да го пренесам преку уметноста. Преку сите тие мои излагања и споделувања на позитивни искуства како уметник сум успеала да поттикнам неколкумина да се охрабрат и да преземат чекори за да ги поттикнат креативните индустрии и сигурна сум дека директно или индиректно сум влијаела за раѓање на некои нови иницијативи од областа на уметноста, каде што тие млади луѓе сфаќаат дека тоа може да биде доходовно, смета Илина.

Секој уметник и секое негово дело се инспирација за некого, но и самите уметници имаат свои колеги од кои се инспирираат.

Низ историјата ги има доста, ете ќе ја спомнам Фрида Кало како човек во целина со сета нејзина приказна, не само низ нејзините дела, тука се и уметничките групи кои се јавуваат во современата уметност како што се „Герилас“, а кај нас исто така имаме многу „здрави“ уметници, би ја посочила Александра Петрушевска Ристовска која е одличен сликар, Калина Брајковска и еден куп мои колеги кои си фаќаат тек со светот и почнуваат да ги запазуваат светските практики што е многу убаво, додава Илина.

Во време на пандемија, уметноста е добар начин за бегство и смирување. Илина вели дека има многу убави работи кои доаѓаат преку уметноста, а меѓу нив се токму смиреноста, бегството, но и поттикнување на креативниот ум и мисла.

За Приказна,

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,656FansLike
3,312FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ