5.8 C
Skopje
Thursday, November 21, 2024
spot_img

Игор Јуриќ: Многу е важно секој родител добро да го познава своето дете

Игор Јуриќ e основач на Фондацијата „Тијана Јуриќ“, татко на Тијана, девојчето кое во 2014 година беше убиено на свиреп начин како Вања Ѓорчевска.

Мојот живот, можам да кажам слободно, не беше животот кој јас требаше да го живеам. Мислев дека многу други работи се поважни од тоа да поминуваш време со твоето дете, да одите во кино, да го прославите нејзиниот роденден или роденденот на другарите. Едноставно мислев дека за тоа има време, вели Игор.

Потоа ти се случува трагедија, загуба. Јас денес не можам да го прежалам тоа пропуштено време, тоа ме „убива“. Шест години живеев во Белгија. Замислите, од петнаесетте години живот на Тијана, шест години сум ги живеел во друга земја. Не сум се радувал кога таа се будела, не сме се расправале доволно, не се галевме, не се дружевме … сето тоа ми недостасува. Поради тоа кажувам и сакам, секој граѓанин на Македонија тоа да го запомни, немојте да го пропуштате тоа време. Учете од туѓите грешки, од моите грешки. Кога ќе ја завршите работата, во која и да било компанија, дојдете дома, прегрнете го своето дете и кажете му дека го сакате, затоа што тоа мене денес ми недостасува и кога ќе дојде време да умрам, ќе се каам што тоа не го правев секој ден, споделува Игор за Приказна.

Во исчекување на било какви вести за сопствената ќерка, се соочува со лажни вести на дел од медиумите дека тој е виновен за нејзиното исчезнување.

Следуваат осуди од јавноста, закани преку пораки на социјалните медиуми … Потоа дознава дека е пронајдено телото на Тијана. Со сите овие нешта за краток период се соочи човекот, кој се издигна над болката и ја претвори во мисија за помош преку фондацијата, центар за исчезнати и злоупотребувани деца, човекот кој е еден од нашите херои за 2023.

Кога зборувам за траумата и за тоа како јас сето тоа го преживеав, верувајте ми, да не го пронајдоа телото и да не се дознаеше таа вистина, јас нема да можев да живеам. Сигурен сум дека во некој момент би извршил самоубиство. Тоа беше некаде околу десеттиот ден. Потрагата по Тијана траеше 13 дена, а десеттиот ден се објави таа вест на еден медиум во Србија, каде ме обвинија дека јас сум виновен за исчезнувањето. Тогаш чувствував во погледите на луѓето дека ме осудуваат, добивав премногу навредливи пораки, закани по живот … Едноставно како човек кој до тогаш живеел за таа девојка, татко, родител, повеќе не можев да се носам со тие обвинувања. Затоа, ако не се случеше да го пронајдат телото, да не се дознаеше вистината, јас не би можел да живеам. Уредникот на медиумот кој ја објави таа вест, јас го сместувам во истата категорија со човекот кој го уби моето дете, затоа што сум сигурен дека јас не би ја преживеал таа голгота за која вие зборувате, открива Игор.

Тинејџерката Тијана Јуриќ беше киднапирана и убиена летото 2014 година на петнаесет години. Нејзиното тело беше пронајдено по 12-дневна потрага, на 7 август 2014 година, на депонија во сомборската населба Ќонопља. Последен пат била видена на 25 јули, 25 минути по полноќ.

Кога ние пријавивме, односно сестрата на Тијана, Сашка пријави прва. Тоа беше во првите минути по исчезнувањето, а тоа го сторивме веднаш затоа што многу добро ја познававме Тијана. Ние знаевме дека никогаш не се случило Тијана да не дојде дома навреме. Никогаш не се случило да не се јави на телефон … Така се поклопија многу работи, поради кои ние бевме потполно сигурни дека е во животна опасност, дека нешто лошо се случило. Ние пријавивме на време, исто како мајката на Вања. Откако пријавивме веднаш добивме одговори дека е рано, петок навечер е, па можеби е со некое момче и слично … Ние ги уверувавме дека си го познаваме детето, знаеме дека не заминала никаде и дека нешто лошо се случило, но тоа не влијаеше на полицијата. Ние, после една година, откако работите малку се смирија, преку фондацијата „Тијана Јуриќ“ ги поттикнавме измените на законот за полицијата. Дотогаш полицијата имаше можност, не да реагира после 24 или 48 часа, туку по своја процена, во смисла дека полицијата е таа која проценува и ако има процена дека детето е во опасност, тогаш тргнуваат во потрага. Тоа веќе не постои во Србија. Денес секој кој ќе пријави исчезнување на малолетно лице, полицијата нема право да проценува дали детето некаде заминало или е некаква шега, туку мора веднаш да тргне во потрага по исчезнатото дете. Ете тоа е заедничко во овие два случаи, вели Јуриќ.

Игор верува дека има многу сличности и дека она што е речиси идентично со случајот на неговата ќерка е тоа што кога станува збор за криминално киднапирање, постои една статистика која е целосно незапирлива.

Да, има многу сличности, пред сè годините. Тијана во моментот кога беше киднапирана имаше 15 години, Вања 14, слично е и времето на убиство. Вања, после киднапирањето, според она што можев да го слушнам од медиумите, живеела некои два и пол часа, а Тијана три и пол часа. Мене лично, од моментот кога ја видов веста за Вања во медиумите во Србија и на социјалните медиуми, а и физички ме потсетува на Тијана … На крајот на краиштата и таа лоша реакција, тогаш во нашата земја, а сега и тука е слична, но тоа не е поврзано само за овие два случаи. Кога зборуваме за криминални киднапирања, главно моделите се исти, животниот век е исто така сличен и затоа сето тоа, дополнително ме вознемири и погоди. Има многу работи кои се заеднички, споделува Јуриќ.

Во Србија официјално почна со работа системот со кој итно се алармира јавноста и се почнува потрага по исчезнати деца, едно од работите за кои се залагаше Игор Јуриќ низ годините.

Јас од првиот ден кога исчезна Тијана, па до денот кога дознав дека е мртва, цело време размислував што би можело да ја промени таа ситуација, дали некој можел да и помогне на Тијана … Сè укажуваше на тој систем „амбер алерт“, така е препознаен во светот, меѓутоа од 2015 до 2023 година требаше време системот да биде пуштен во употреба во Србија, бидејќи имавме и отпор од властите. Луѓето често ме прашуваат зошто отпор, мора да се разбере дека полицијата е еден голем систем и секоја промена во начинот на работа им претставува проблем. Поради тоа имавме голем отпор, но успеавме. Притисокот на јавноста беше голем, открива Игор.

Ние константно работевме на кампањи и иницијативи, и успеавме во тоа. Мојата замисла беше целиот регион да го има истиот модел за информирање на јавноста во случај на исчезнување на дете, затоа што сме блиски. Да, можеби сме се раздвоиле, но сето тоа го доживуваме како едно, бидејќи да преминеш од Македонија во Србија е лесно и за кратко време, едноставно лесно е да го префрлиш детето од една држава во друга, па затоа кажувам дека е многу важно да имаме исти систем. Поточно кога ќе исчезне дете во Скопје, ние во Белград да знаеме за тоа и да следиме дали тоа дете ќе се појави или обратно за сите други земји. Во овој случај со Вања тоа не беше така, но ние мораме, не да гледаме што се случило денес, туку да гледаме и во иднината и на можностите кои се случуваат и во некои други земји и региони, смета Игор.

Кога ќе исчезне дете и ќе се исполнат одредени критериуми, а полицијата проценува сè што е поврзано со исчезнувањето, се прекинуваат сите програми, односно сето тоа што се случува од процената на пријавата до алармирање на јавноста трае некои дваесет минути. Во тој момент кога полицијата дава сигнал, сите телевизии, национални, локални, кабелски, сите ја прекинуваат програмата и на секои триесет минути мора да објавуваат слика од детето со информации како изгледало детето, основни информации, кога е родено, име, презиме и евентуално некој детал од истрагата, односно каде е последен пат видена, што носела на себе и слично. После истекувањето на осмиот час, па сè до 48 час од исчезнувањето тоа се објавува на еден час, открива Јуриќ.

После 48 часа се смета дека јавноста е веќе информирана и нема потреба медиумите да продолжат да ја информираат јавноста. Ќе добиете и смс порака како граѓанин на Србија во моментот ако се наоѓате во земјата, кога детето исчезнува. Цела Србија ја доби таа тест порака кога го пуштивме системот и на крај на автобуските и железничките станици, на аеродромот „Никола Тесла“ и на патиштата и автопатиштата има објава дека има исчезнато дете. На тој начин, во многу кратко време, односно во првите десет минути се објавува информацијата и цела држава е известена за исчезнувањето на едно дете. Тешко е во таков случај да се замисли дека никој нема никаква информација за тоа исчезнување или во случајов киднапирање, па и затоа тој систем е ефикасен, додава Јуриќ.

Во Македонија беше промовирана и ставена во функција веб-страницата под името „Најди ме“, која е дел од системот за рано предупредување на исчезнати деца во државава. Се очекува наскоро да биде поврзана со бизнис заедницата, банки, медиуми, ЈСП, такси компании, што ќе овозможи за многу кратко време да се пренесат податоците за исчезнатото лице до последното делче во општеството.

Документарен магазин Приказна

Ние бевме во Америка, пред некои шест до седум месеци со претставници на МВР од Србија и претставници на полицијата од Босна и Херцеговина. Имав разговори со потпретседателот на владата на Црна Гора поврзани со таа тема и она што сега го очекувам е тоа да македонската влада и полиција го направи истото. Мислам дека тоа е многу важно не само поради она што треба да го спречи во наредниот период, туку и да се врати духот на едно дете, а тоа е Вања. Многу е важно да не и останеме должни, затоа што она го даде својот живот и се жртвуваше себеси за тоа да се промени. Ако тоа не се промени, тогаш загубата на нејзиниот живот нема смисла и мислам дека државата Македонија е должна да предупреди за некои следни случаи, открива Јуриќ.

Игор за крај вели дека секој родител мора добро да си го познава своето дете и сите работи поврзани со него.

Што се однесува до конкретниот случај на киднапирање, многу е важно секој родител подобро да го познава своето дете. Мора да знае со кого детето се дружи кога не е дома, каде се наоѓа детето кога не е во училиште. Треба да ги знаете тие места, треба да ги знаете телефонските броеви на децата со кои вашето дете се дружи. Треба да ги знаете и нивните родители, па ако се случи исчезнување, така ќе бидете од поголема помош на полицијата. Тоа се некои работи за кои не размислуваме доволно, а се доста важни да вие дадете вистински придонес при потрагата по вашето дете, додава за крај Игор Јуриќ.

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,724FansLike
3,383FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ