Дома Став Интервју Зорица Серафимовска Арсовска: Многу е важно да ги препознаеме емоциите

Зорица Серафимовска Арсовска: Многу е важно да ги препознаеме емоциите

Зорица Серафимовска Арсовска е дипломиран Психолог, со долгогодишно работно искуство и низа задоволни клиенти.Со неа разговаравме за емоционалната интелегенција.

Што е емоционална интелигенција?

Зорица Таа се разликува од онаа другата што ја знаеме, когнитивната интелигенција. Таа се однесува повеќе на некакви наши лични карактеристики, нешто што не отсликува нас како личности. Има многу теории, мене ми е прифатлива теоријата на Даниел Големан којшто вели дека тука се работи за одредени компетенции коишто ги поседуваме и ги дели на 2 групи: едните се лични компетенции а другите се социјални компетенции поврзани со другите луѓе.

Зошто е важен коефициентот на емоционална интелегенција и кое е неговото значење?

Зорица Многу истражувања се правени во врска со тоа. Прв пат во научната литература за емоционалната интелигенција почнало да се зборува некаде во 90-те години. Правени се многу истражувања, а се повеќе се согласуваме со истражувачите дека емоционалната интелигенција е до 80% одговорна за успехот на луѓето, не само во работата туку и во животот, а другата интелигенција, знаењата, вештините искуствата, способностите е одговорна само 20% за успехот. Ова кажува сè.

Серафимовска на Самит за ЛИДЕРСТВО во организација на Our Mind

Колку емоционалната интелигенција е важна за разрешување на конфликти?

Зорица Многу. Тоа веќе влегува во доменот на социјалните вештини, тука е емпатијата, комуникацијата, разрешување на конфликтите, влијание врз другите луѓе. Тука многу важност им даваме на нашите емоции. Важно е да знаеме какви емоции чувствуваме, да ги препознаеме, да ги именуваме, да видиме која порака ни ја носат, што сакаат да ни порачаат, како треба да ги изразиме, дали во некој момент треба да направиме некаква контрола на нашите импулси или треба да ги изразиме на некој соодветен начин.

Емоциите се многу важни. Кога станува збор за конфликтите, тука имаме спротивставени ставови, и секој од спротивставените ставови мисли дека е во право, а треба да се најде некакво решение каде двете страни ќе се чувствуваат како победници. Доколку останеме со нашата свест, цврсто на нашите први позиции и ставови, веројатно никогаш нема да го разрешиме конфликтот. Но, доколку обрнеме внимание на нашите емоции, она што не мотивира, не води, она што го чувствуваме, тогаш може да ја почувствуваме таа емпатија. Да, јас ги почитувам моите емоции и она што го чувствувам, меѓутоа ги почитувам и емоциите на другиот. Да видиме како другиот се чувствува, поради што ова на него толку многу му е важно. Кога ќе го направиме тој контакт, може да тргнеме кон патот на конструктивното разрешување на конфликтите и да добиеме победник – победник позиција.

Зошто е важна емоционалната интелигенција кај лидерите и дали лидер со висок коефициент на емоционална зрелост може да манипулира?

Зорица Важно е затоа што кога зборуваме за лидери, збориме за луѓе кои едноставно ги водат луѓето коишто ги мотивираат, инспирираат, ги водат кон целите. Тој лидер не е некој којшто им се наметнува, не е некој што автократски влијае врз некој. Тоа е лидер кој едноставно се грижи за луѓето, ги почитува, ги прифаќа, ги потврдува нивните вредности и заедно со нив оди кон остварување на повисоки цели, планови и визии.

Дури и лидерите во историјата биле убедени дека тоа што го прават е исправно. Со тие лидерски потенцијали што ги имале, тие ги воделе луѓето, ги привлекле и оделе кон остварување на тие цели. Тоа што можеби нивните цели се покажале како погрешни, односно остварувањето на тие цели подоцна им нанело штета на другите луѓе, е друг дел.

Дефинитивно, лидерите веруваат во она што го замислиле и си го поставиле како цел и нивните потенцијали ги водат кон тоа. Лидерите имаат моќно влијание врз другите луѓе.

Документарен магазин Приказна

Како може да биде злоупотребена емоционалната интелигенција?

Зорица Секогаш постои можност. Веројатно тоа го прават луѓето коишто манипулираат. Постојат шармантни манипулатори кои дефинитивно се емоционално интелигентни, затоа што знаат да допрат до другите луѓе, до нивните емоции, до нивните вредности, меѓутоа понатаму, нивната активност се води кон тоа да ги доведат луѓето да прават работи кои ќе им служат ним.

Ване Маркоски

Exit mobile version