Заштеда на време, пари, поголема ефикасност се само дел од предностите коишто му даваат големо значење на процесот на дигитална трансформација. Виртуелната и проширената реалност се дел од најинтересните технологии чија популарност расте последниве години и успешно го следат процесот на дигитална трансформација.
Во процесот на дигитална трансформација сме вклучени преку проекти и преку продукти, споделува за Приказна Здравко Николовски лидер на тимот за развој на апликации за проширена и виртуелна реалност во Netcetera.
Николовски е во Netcetera веќе 14 години. Во моментов е ко-управител на одделот на инженерство. Работел со многу технологии: NET, iOS (ObjectiveC, Swift), Android, React Native, проширена реалност со Unity.
Приказна На кој начин сте вклучени во процесот на дигитална трансформација
Здравко Николовски Во процесот на дигитална трансформација сме вклучени преку проекти и преку продукти. Проектите обично ги правиме по нарачка на клиентите врз основа на нивните барања и потреби, а продуктите се нешто што го развиваме сами или во колаборација заедно со клиентите.
Конкретно во делот каде што јас работам, тоа е нашиот оддел за проширена реалност, правиме продукти коишто не се стандардни софтверски продукти, можете да ги користите на стандардни уреди како лаптоп, десктоп компјутер, мобилни телефони, таблети итн., меѓутоа може да ги користите и на очила коишто се наменети за проширена реалност
Приказна Кои се придобивките од дигиталната трансформација?
Здравко Николовски Придобивките се големи. Замислете до сега, иако сме 21 век, на многу места сè уште се функционира на база на хартија, сè е пишано рачно. Замислете, ја носите колата на сервис, и треба да ви се провери редовниот годишен сервис и она што го гледате најчесто е не само кај нас, туку и во странство, огромни формулари каде што луѓето одат и проверуваат што треба да се провери, дали е сè во ред или не. Проблемот тука е што делот од тие чекори не се ни добро објаснети што треба и како треба да се направи. и доколку работникот којшто треба да го прави тоа не е доволно искусен, може да дојде до некоја забуна, одложување, губење време итн.
Еден од нашите продукти којшто го развиваме е наменет да го олесни тој дел. Прво се прави дигитализација на сите лисни за проверка, и дополнително користиме проширена реалност, со цел луѓето што ја прават проверката да може да видат каде треба да ја направат проверката и што точно треба да направат. Има комплетен водич, дигитален, кој може да биде видео, 3Д анимација, за да видат што треба точно да проверат и како треба да се направи и поправи понатаму.
Приказна Каков е интересот од фирмите и поединците, колку се подготвени да се вклучат во процесот на дигитална трансформација?
Здравко Николовски Кај нас оди прилично бавно. Во странство малку побрзо, би рекол има клиенти коишто гледаат напред и сакаат да бидат во тек со времето, меѓутоа и таму сè уште не постои голема адаптација на сите овие работи. Главниот проблем е тоа што знаете има различна демографија на луѓе.
Помладите се прилично извежбани да ги користат модерните уреди и технологии, имаме и луѓе коишто се од повозрасната генерација којшто не се толку вешти со користење на тие технологии и се навикнати на стариот начин на работа. Придобивките што се со ваквите апликации и софтвер се огромни. Се заштедува на време, пари, луѓето се поефикасни, води до помала фрустрација. Исто така и од безбедносна гледна точка е подобра. Зборуваме за софтверска безбедност, сите акции што се прават можат да се следат со дигитална трага и да се види кој што правел, кога го направил тоа итн.
Приказна Кои се вашите предвидувања за во иднина?
Здравко Николовски Оди бавно, меѓутоа порано или подоцна темпото мора да се зголеми и дигиталната трансформација да се забрза, бидејќи ако сакаме да бидеме брзи, ефикасни и модерни таа дигитална трансформација мора да се прифати. Не правиме муабет само за владин сектор, правиме муабет за бизнис секторот, приватниот сектор итн.
За Приказна
Ване Маркоски