Здравко Димитров е студент на магистерски студии по применета и компаративна политика на Правен факултет Јустинијан први, прва година. Скромен, а едновремено амбициозен да го заврши своето образование, со нас ја сподели својата студентска приказна. По потекло е од Радовиш, поради што додека студира, престојува во студентскиот дом Гоце Делчев
Кои се критериумите за сместување во студентскиот дом?
Здравко Димитров – Условите за еден студент успешно да добие легло во студентски дом, првично се поставени на станата на министерството односно тоа се неколку документи коишто мора да ги доставиме за да докажеме дека сме студенти и дека ни е потребно сместување. Потребно е: потврда за редовен студент, индекс, извод од матична книга на родени и мора да доставиме документ за тоа колкави се примањата на нашите родители.
Кој има приоритет?
Здравко Димитров – Министерството ја прави селекцијата. Поприоритетни се студентите коишто немаат големи примања дома, во споредба со оние со поголеми примања. Сметам дека тоа е фер.
Колку сте задоволен од условите во студентскиот дом Гоце Делчев?
Здравко Димитров – Веќе втора година живеам во овој студентски дом и сметам дека условите се прикладни за еден студент. Јас сум искрено задоволен. Со оглед на тоа што сите студенти сакаат и тежнеат да бидат сместени конкретно во овој студентски дом. Мислам дека условите се добри за да може еден студент да ги извршува своите обврски.
Здравко веќе втора година го живее студентскиот живот во дом
Дали сами се грижите за хигиената на собите?
Здравко Димитров-Во собите коишто се приватни, ние плаќаме за нив и мора сами да се грижиме за хигиената и одржувањето на собите. Додека за јавниот простор којшто го користиме сите заедно (ходниците и тоалетите коишто се заеднички за сите студенти), се грижи студентскиот дом.
Со какви предизвици се соочувате во студентскиот дом?
Здравко Димитров – Живеењето во студентски дом е предизвик сам по себе бидејќи овие 9-10 месеци во кои сме сместени тука мора да ги поминеме заедно со нашиот цимер. Голема е веројатноста цимерот воопшто и да не го познаваме. Тоа е предизвик сам за себе, својата приватност да ја делиме со некој којшто го гледаме првпат. Тоа може да резултира со ново пријателство коешто би останало за цел живот.
Дали се доволни финансиите што еден студент ги добива од стипендијата и од родителите или студентот е принуден да работи?
Здравко Димитров – Сметам дека тоа е субјективно. Секој студент има право да избере дали ќе троши помалку или повеќе во месецот. Дали ќе работи или не останува негова одлука. Стипендиите се покачени од претходната година. Минималната стипендија е 6050 денари. Сметам дека е доволна еден студент да може да го помине месецот бидејќи нема големи трошоци кои треба да ги плаќа во текот на семестарот. Така што стипендијата е доволна, секогаш може повеќе, но сметам дека е доволна.
Дали студентот ќе работи или не тоа е негово право на избор и амбиција. Токму поради тоа факултетите нудат две опции за студирање т.е. редовен и вонреден студент. Кога сме редовни студенти тогаш комплетно се насочуваме кон студирањето и мислам дека е доволен џепарлакот којшто го земаат студентите како стипендија и којшто го добиваат од дома. Додека вонредните студенти веќе имаат можност да работат со полно работно време и мислам дека тоа е фер.
Во мојот случај станува збор за пракса за факултет за подоцна да можам да најдам работа по струка бидејќи сите бараат да имаме одредено искуство пред да започнеме со работа. Секој редовен студент има право да биде вработен на пола работно време и на тој начин да остварува профит за да го помине успешно месецот.
Ја видовме и мензата во студентскиот дом, која во моментот додека го подготвувавме интервјуто беше празна и студена. Го прашавме Здравко колку е задоволен од исхраната?
Здравко Димитров – Исхраната е доволно добра од причина што секој ден имаме различно мени за ручек и за вечера. Овде мора да го спомнам и студентскиот субвенциониран оброк којшто државата го дава на секој студент. Мислам дека е доволно за еден студент да има три оброка на ден т.е. два оброка во студентскиот дом и уште еден оброк за кој ни помага државата. Лично јас сум задоволен и мислам дека е доволно за секој студент.
Каде учите, во соба, во читална или посетувате библиотека?
Здравко Димитров – Имаме читална во склоп на студентскиот дом се наоѓа во блок 2 на 6. кат. Може да се учи и во собите, но секако овде треба да се земе и друг надворешен фактор, сепак имаме цимер, соседи и може да се случи да има врева. Студентскиот дом нуди услови да се учи и во соба и во читална.
Каков е социјалниот живот на студентите?
Здравко Димитров – За социјалниот живот во студентскиот дом Гоце Делчев студентите сами се организираат. Сè зависи од тоа дали студентите сакаат да се дружат со своите врсници, да стекнат нови пријателства, или сакаат да се изолираат. Социјалниот живот зависи пред сè од студентите. Дали ќе се дружиме во некоја од собите, во дворот или надвор од студентскиот дом тоа останува на студентите.
Дали имате бенефиции за културни настани?
Здравко Димитров – Европската младинска картичка која ни ја нуди министерството за култура ни дава бенефиции. Посета на театар, филхармонија или кинотеката и останати институции кои се во склоп на министерството. Студентите имаат 50% попуст односно картите ги купуваат на половина цена.
Наташа Јанкуловска Торевска