И глобално, и локално, жените се мнозинство од населението во светот, но не се доволно застапени во пристапот до можностите од преземање на бизнис потфат до управување, од вработување до политички ангажман.
Еднаквоста меѓу жените и мажите е фундаментална вредност на Европската Унија (ЕУ), гарантирана со нејзините спогодби и Повелбата за основните права во Европската Унија. Родовата еднаквост претставува неопходност за економскиот раст и општествен напредок на земјите.
Женското претприемништво претставува огромен неискористен извор на иновација, креатор на нови работни места и економски растеж. И јавниот и приватниот сектор низ светот сè повеќе му даваат заслуга на женското претприемништво како една од водечките движечки сили, особено во време на финансиска криза.
Појавата на жени претприемачи во развиениот свет, тесно е поврзана со демократизација на општеството, поточно со еднаквите можности за мажите и жените, пред сè мислејќи на образованието, но и во науката и политиката
Во Канада и Германија постојат повеќе од еден милион жени претприемачи. Во Шведска тој број се движи помеѓу 28% од новите бизниси. Во Јужна Кореја жените се сопственички и раководат со фирма во 36% од фирмите. Во Англија 26% од вкупниот број претприемачи се жени, а 28% во САД
Иако во населението на ЕУ има повеќе жени отколку мажи (52% наспроти 48%), жените сочинуваат само една третина од самовработените во ЕУ (34,4%) и 30% од старт-ап претприемачите. Многу земји во ЕУ, развиваат политики во насока на рушење на родовите стереотипи во изборот на образование.
Австрија има годишен ден „Ден на девојките“ од 2001 година. Со овој настан, девојчињата на возраст од 10 до 16 години се охрабруваат да истражуваат нови идеи за кариера, со фокус на технологија. Паралелно со него, постои и „ Ден на девојките – МИНИ“ од 2015 година, со кој им се дава можност на девојчињата на возраст помеѓу четири и шест години да експериментираат и да дознаат повеќе за техничките и научните феномени на почетокот на нивното образование. Искуствата во градинкат , покажале податоците од овој настан, можат значително да влијаат на детското понатамошно образование и избор на кариера.
Германија иако има жена на позицијата канцелар, сепак, според уделот на жените во управите на компаниите, заостанува многу.
Германија е единствена земја во споредба со другите, во која ниту една од главните компании од берзата, нема женски извршен директор. Токмну поради овој факт, Германија направи историски чекор со носење на одлука која подразбира дека во Управен одбор со повеќе од три членови, 30% треба да бидат жени.
Во насока на поддршка на женското претприемништво, Европската комисија ја основала Мрежата на европски амбасадори на жени претприемачи во 2009 година, а во 2011 е основана Европската мрежа на ментори на жените претприемачи со задача да вршат промоција, поддршка и охрабрување на женското претприемништво.Жените амабасадори имаат задача да промовираат успешни деловни жени, како успешни примери за охрабрување на жените да сметаат дека претприемништвото е реална опција за создавање на кариера и обезбедување на егзистенција. Менторите, пак ги советуваат потенцијалните претприемачи со практични совети за нивното работење, почнувајќи од финансиски извори до обуки и образование.