Животот не можеме да го контролираме и да речеме само убави моменти сакаме да ни се случуваат, но честопати знаеме да се фиксираме на негативна работа и да го запоставуваме тоа што е добро. Ние сме научени дека негативните работи и критиките ќе не коригираат, ќе критикуваат некој човек за да се подобри, но фактички луѓето се мотивираат повеќе ако им се даде пофалба, признание, награда, ако им се дава вреднување, затоа што тоа е давање акцент на нешто што е добро, вели за Приказна Жарко Костиќ, мотивациски тренер и тренер за личен развој
Приказна Што е среќа?
Костиќ Среќата е како пари, тие не доаѓаат директно, човекот мора да се вложи во нешто, нешто во коешто ќе бидеме добри, нешто коешто ќе сакаме да го искреираме. Парите доаѓаат од нешто што е добро сработено, исто е и со среќата. Среќата доаѓа и од ставот на човекот.
Читав една статија за тоа кои се позитивните ефекти од смеењето, еден од нив беше и самата масажа на лицето која активира многу мускули. Кога студирав медицина, имаше дадено бројни болести кои беа поврзани со умот, но причините за истите не беа познати. Психосоматиката е позната, како психосоматски болести, каде психата е умот, а сома е тело. Така што, или умот или душата секако влијае на телото, и на позитивен и на негативен начин. Кога ќе почнеме да мислиме нешто негативно, таа негативна енергија ја чувствуваме и во нашето тело, но истото се случува и ако се чувствуваме убаво. Сега сигурно има откритија каде што мислата е во корелација и поврзана со многу механизми во телото.
Приказна Колку настаните што ни се случуваат влијаат на среќата?
Костиќ Некогаш самиот наш умствен став ни прави како да не можеме да имаме задоволство и среќа. Како да сме научени дека даваме акцент на нешто што е негативно. На човекот за да има среќа му треба простор, му треба позитивност. На простор не мислам само на физички, па и физички простор да е, ако тој е ограничен во мал простор му доаѓаат негативни мисли. Но ако отидеме некаде, на плажа на планина, го гледаме тој убав видик, доаѓаат позитивни емоции, позитивни мисли, затоа што имаме ширина.
Приказна Како позитивната психологија може да влијае врз среќата
Костиќ Позитивната психологија насочува на позитивни работи и позитивни нешта, убави работи кои му се случуваат на човекот, давање акцент на нешто што е добро. Мислам дека во животот е добро да даваме акцент на нешто што е добро, што е убаво, нешто што ни се случило како убав момент. Животот не можеме да го контролираме и да речеме само убави моменти сакаме да ни се случуваат, но честопати знаеме да се фиксираме на негативна работа и да го запоставуваме тоа што е добро. Ние сме научени дека негативните работи и критиките ќе не коригираат, ќе критикуваат некој човек за да се подобри, но фактички луѓето се мотивираат повеќе ако им се даде пофалба, признание, награда, ако им се дава вреднување, затоа што тоа е давање акцент на нешто што е добро.
За Приказна,
Ване Маркоски