Дома Вести ЕУ ГО СЛАВИ РОДЕНДЕНОТ НА ГОРАН СТЕФАНОВСКИ ВО ДЕБАР МААЛО

ЕУ ГО СЛАВИ РОДЕНДЕНОТ НА ГОРАН СТЕФАНОВСКИ ВО ДЕБАР МААЛО

Во организација на Делегацијата на Европската Унија и Европска куќа Скопје, во 17 часот во паркот со бронзеното спомен-обележје на Горан Стефановски во Дебар Маало, ќе се одржи празничен собир во чест на 70-годишнината од неговото раѓање. Паркот во 17 часот, ќе биде осветлен и исполнет со неговите цитати на сите европски јазици. Присутните, пак, низ дружење и неформален разговор ќе се потсетат на моментите од неговиот живот и неговите дела, кои оставија големо културно наследство.

„Со овој настан ги славиме приказните на Горан. Паркот со клупата на Горан ќе биде симболично празнично осветлен, и украсен со лампиони со цитат од Горан, преведен на сите јазици на ЕУ. Паркот покрај ЛЕД и соларните сијалички ќе биде украсен со рачно изработени сувенири од природни материјали и на секој од нив ќе биде испишан цитатот на Горан Стефановски, на сите европски јазици: ’Сите живи суштества се раѓаат со инстинкт за преживување. Пајаците, за да преживеат, ткаат мрежи. Луѓето, за да преживеат, ткаат приказни. За нас нема ништо поважно од овие приказни. Тие се сржта на нашиот живот, ’рбетот на нашиот идентитет‘“, најавуваат организаторите.

Ќе говори евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир, а кон животот и делото на Стефановски ќе се осврнат членови на неговото семејство, како и авторот Иван Антоновски, познавач и промотор на неговото творештво.

Во случај на неповолни временски услови, организаторот вели дека неформалното дружење по обраќањата ќе биде преместено во Театарот на сенки и облаци, до гостилница Наџак.

„Чест ми е што на настанот ќе можам и да кажам некој збор за нашиот Горан, приказните и Европа … Да бидеме заедно, пораката од ’Искрата што се измолкнува‘ да ни даде нова светлина, во ново поглавје од нашата приказна …“, посочува Иван Антоновски.

Настанот ќе биде придружен со тивка акустична музика од бендот „Amniotic Fluid“.

Exit mobile version