3.8 C
Skopje
Thursday, November 21, 2024
spot_img

Емилија Тасеска: Секоја планина има своја тежина, секој врв, своја приказна

Емилија Тасеска по потекло е од Охрид, а планината Галичица, нејзините убавини и врвови се причината за љубовта кон планинарењето уште од мали нозе. Се сеќава на убавите денови исполнети со прошетки, детскиот истражувачки дух поттикнат од разновидната природа и убавите шуми.

Љубовта кон планините почнува уште од моето детство, ја започнува својата инспиративна приказна Емилија. Доаѓам од Охрид, кој иако е познат по Охридското езеро, по летување и плажи, тука е и Галичица. Уште како дете со истражувачки дух сакав да поминувам време во планините на Галичица, во ниските предели во шумите, во придружба на родители. Во тоа време тоа беа прошетки на Галичица. Активно со планинарење почнав да се занимавам пред 11 години, со искачување на врвот Магаро. За мене тоа беше моќно и фантастично доживување, кога од горе од една страна го гледаш Охридското езеро, се до Јабланица, а од друга страна Преспанското езеро со Пелистер. Оттука произлезе цела мотивација и инспирација, раскажува Емилија. Кога се отвора погледот пред тебе, кога ќе се искачиш на највисоката точка и сфаќаш дека околу тебе нема ништо повисоко, тоа е фантастично чувство кое ме мотивираше да продолжам со планинарење, додава Емилија.

По професија е архитект, а за време на пандемијата прави уникатен спој помеѓу нејзината професија и омиленото хоби, планинарењето. Преку комбинација на овие две пасии, создава рачни изработки на тема планини, користејќи дрво, платно, акрилни бои, хартија и кожа.

Почетокот со „Подари планина“ започна со пандемијата, кога бевме затворени во карантин и немавме можност за излегување. Се најдов во една ситуација кога ми фалеа планините, за време на новогодишните празници сакав да направам рачни изработки во слободното време, а тоа беа дрвени мали макети од планини, кои како новогодишен подарок ќе ги подарам на моите пријатели. Така започна првата изработка на дрвените планини. Тука ми беше целата заднина на подарувањето на планина и на нејзината симболика. Кога некој ти е драг и мил па сакаш нешто големо како планина да му подариш. Тоа ми беше целата мотивација за изработка на едни такви мали новогодишни подароци. Оттука како прв производ се појавија дрвените планини како макети, па понатаму направив и некои мали дрвени сложувалки за деца, ги следев и потребите на планинарите и своите потреби, па направив бандани за планинарење, маички за планинарење, капчиња. Инспирацијата секако се планините, раскажува Емилија.

„Подари планина“ реквизити

Планинарењето е инспирација. Тоа носи мир и спокојот на душата, човекот додека планинари, добива идеи, зрачи со креативност. Секое одење на планина е посебно доживување.

Планинарењето ми донесе многу мир и спокој. Кога одам на планина, се чувствувам како да си одам дома, како да сум дел од планината. Секое одење на планина е посебно доживување. Кога живееме во една ваква урбана средина, понекогаш забораваме дека сме дел од природата. Кога одиш на планина ги забораваш секојдневните урбани стресови кои ги имаш. Многу ме опушта и смирува планината. Исто така планината ми ги буди сите сетила, едноставно се радуваш на секои мали нешта, навидум едноставни. Се радуваш на зеленилото, дрвјата, опкружувањето, папратите, на земјата. Најомилен дел од планинарењето ми е утрото кога си во шума, а мирисот на планина е доживување за сите сетила., инспиративно споделува Емилија.

Меѓу омилените ми се планини кои нудат многу разновидни средини каде што можеш да видиш, шума и река и карпест дел. Тука би ги издвоила Јабланица, Шар планина, Пелистер, Олимп. Секое одење на планина, претставува различно доживување. Дури истата патека да ја поминуваш, изгледа сосема различно. Затоа мислам дека нема никогаш да биде досадно ако иста патека ја поминуваш и во лето и во зима, во есен кога боите се различни. Целата таа сценографија континуирано се менува, па затоа никогаш нема да е досадна, споделува Тасеска.

Документарен магазин Приказна

Емилија вели дека „ПОДАРИ ПЛАНИНА“ ќе продолжи да биде приказна, да се инспирира од планините и да поттикнува.

Подари планина ќе продолжи да се инспирира од планините и да ги следи потребите на планинарите. Особено ме радува што многу македонски компании не контактираат за соработка да направиме некоја заедничка соработка, со цел да се промовира планинарењето. Секоја планина има своја тежина, и секој врв има своја приказна. Сите ние имаме наши лични врвови и планини со коишто се бориме и постигнуваме. Симболиката на планината за секој има различно значење. На крај на денот, планините не се само места, планините се чувства.

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,724FansLike
3,383FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ