Љубовта сама по себе е инспирација. Вака Емилијана Велковска Вебер не воведе во нејзината приказна. Од мала вели била играорка, а фолклорот е нешто во кое ужива и се пронаоѓа самата себе. Заминува во Америка, таму го запознава својот сопруг, Бред Вебер и по свадбата таму, носи одлука нашата култура, традиција и фолклор да ја претстави на неговото семејство, но овој пат на домашен терен.
Љубовта сама по себе е инспирација. Мојата инспирација беше љубовта кон традицијата, културата и љубовта кон фолклорот. Се запознав со фолклорот уште на млади години. Моите родители инсистираа на некоја активност. Бев заинтересирана за нешто поразлично. Од 8 до 10 години одев на играорна. Фолклорот е нешто во коешто уживам и се пронаоѓам. Одевме по турнеи, раскажува Емилијана.
Имав можност да ги запознаам сопругот и неговото семејството со нашата култура и фолклор во македонските цркви низ Америка. Кога се организираат празници има тапани, зурли, ора. Семејството на сопругот го однесов на концерт на Танец кога имаа турнеа низ Америка, да видат како изгледа нашата традиција и култура. Беа импресионирани од координацијата на телото, бидејќи американските свадби се малку повеќе како диско забава. Тоа што ние го подготвивме на нашата свадба беше воодушевувачки, додава Велковска Вебер.
Подготовките за се она што ќе ги очекува гостите кога ќе дојдат во Македонија, започнуваат во Америка неколку месеци порано. Свадба со македонски ора, гости кои го научиле рамното, зет кој за прв пат облекол македонска народна носија, обичаи од традиционална македонска свадба. Сето ова било вистинско воодушевување за гостите од Америка.
Најголем дел го научија правото оро. Сопругот научи 2 поспори ора. Влезот ни беше со традиционални носии. Тоа е место каде што јас се чувствувам удобно. Идејата беше моја. Сопругот се согласи. Целата организација беше направена како што треба. Најмногу успеавме да предизвикаме емоции со тој влез и традиционалната музика. Американската култура е комбинација од различни култури. Она што ние го имаме е уникатно. Од обичаите го практикувавме кршењето на погачата, вели Емилијана.
Сето ова било вистинско воодушевување за гостите од Америка.
Мислам дека разликата е голема. Тие беа скептични како тоа ќе се одвива, како ќе биде на крај. Отидоа со воодушевување. Сè уште зборуваат за тоа. Тоа за мене е успех. Успеав да пренесам нешто од нашата култура, традиција и фолклор во Америка, раскажува Емилијана. Моето потекло е од Крива Паланка, така да конкретно носиите беа од кривопаланечкиот регион. Имаме различни носии, но делот од каде што моите родители потекнуваат беа носиите кои ги носевме на свадбата,додава Емијилана.
Доколку го сакате и се гордеете со она што е ваше културно и традиционално обележје, тогаш и другите ќе го почувствуваат тоа. Емилијана со голема љубов и гордост пристапила на целата приказна, па затоа нивната свадба е нешто многу повеќе од една обична веселба за роднините и пријателите.
Моето потекло е од Крива Паланка, така да конкретно носиите беа од кривопаланечкиот регион. Имаме различни носии, но делот од каде потекнуваат моите родители беа носиите кои ги носевме на свадбата.
Јас сум веќе 2 години во Америка. Имав можност да се запознаам со луѓе, кои се долго време таму. Кога зборуваме за нашата традиција и култура, сето тоа многу поемотивно го доживуваме таму. Носталгични сме и повеќе ја цениме традицијата. Мислам дека сите кои се заминати во странство, се чувствуваат исто како мене. Ни недостига културата и традицијата, ја заокружува својата приказна Емилијана.
Ване Маркоски