13.8 C
Skopje
Wednesday, December 18, 2024
spot_img

Една кобна несреќа го стави Јован во инвалидска количка: Битка за правдата и животот!

Снежана Ивева е храбра мајка на уште похрабриот Јован. До 2019 година имала мирен живот и никогаш не мислела дека ќе дојде ден кога ќе се бори да биде слушнат нејзиниот глас за правда. Не очекувала дека ќе дојде ден, кога наместо како баба да вози количка за бебе, ќе ја вози инвалидската количка од нејзиниот син.

Снежана за своето чедо, како и секоја мајка ќе каже само најубави зборови. Тој уште од мал сакал да стане возач. Од многу млад, заработува и се осамостојува. На денот кога полни 18 години веднаш полага за возач, а на 19 години добива и возачка за Ц категорија и веднаш излегува на патиштата во остварување на својот сон, кој многу рано ќе биде срушен.

Јован возел за фирма регистрирана во Петрич, Бугарија. По напорно работење, посакал сам да купи камион и да отвори своја фирма. Со поддршка на родителите, го прави и тој чекор. Купува камион од газдата, кој го средува како за своја душа. Одлучува да направи уште една тура, па потоа да се врати во Македонија и да вработи свои возачи кои ќе работат за него. Но, судбината ги замешува прстите во неговите планови, па, следното видување со неговите родители е во болницата во Ротердам, Холандија каде наместо во камионската кабина тој е прикачен за апарати, кои ќе одлучат дали ова момче полно со живот и љубов кон својата професија, ќе остане во живот или не.

– Уште од најмали години Јован покажуваше интерес за колички и камиони. Кога наполни 18 години, прво што направи е положи за Б категорија. Набрзо и за Ц-категорија. Сиот живот му беа камионите. Возеше за газда од кој купи камион, и со сласт и љубов си го опремуваше и средуваше. Тргна на пат. Рече: „Да направам уште една тура низ Европа, ќе се вратам и ќе вработам луѓе да работат за мене“. Но, судбината му ги смени плановите. Еден ден само што дојдов на работа, шефот ме викна и ми соопшти дека Јован имал несреќа. Веќе следниот ден бев во Ротердам. 24 часа на ден бдеев над него и се молев за неговиот живот-започнува со приказната оваа несреќна мајка.

После несреќата, друг темен настан во животот на овие луѓе е негрижата од претпоставените, оние за кои Јован работел, но, и неажурноста на институциите инволвирани во несреќата со Јован. Па, овие луѓе и покрај маката што ја имаат околу грижата за синот, имаат уште поголема мака-неможност да ја докажат правдата! Тоа уште повеќе ги изморува. Тие викаат гласно, но, гласот никој не им го слуша!

– Едно сокче не дојде газдата да му донесе на син ми. Најболно е што во моментите кога Јован се бореше за живот, тие го прогласиле технолошки вишок и му го прекинале договорот за работа-вели Тони, таткото на Јован.

Изминатите три години се тешка битка за Јован и неговите родители. Неразбирање од институциите, заздравување и вежбање, терапии и долги рехабилитации. Секојдневието на ова момче е лежење на креветот од кој не може сам да стане. Иако, пред извесно време и планини можел да поместува. Но, некоја чудна сила има во овој млад живот, желба за напредок и успех, па, на цела мака тој ќе каже: „Ќе станам и повторно ќе возам камион“!

– Силно момче беше син ми. Од мал го вади лебот и заработува, а сега наместо да буткам количка за бебе и да се радувам на животот, јас го гледам закован за кревет и возам инвалидска количка-вели Снежана.

– Покрај сите проблеми, се прашувам каде е правдата?! Зошто ниту од амбасада, ниту од полиција не реагираат за да се дознае вистината. Па, несреќата се случила во работно време, на работно место. Треба да се докаже тоа, а сите ни ги затвораат вратите кога ќе сакаме да докажеме дека некој треба да одговара.

– Веќе три години се бориме да му ја подобриме ситуацијата. Колку можеме и умееме. Собираме донации, се молиме само да го однесеме на вежби за да му биде подобро. Едни лекови се 400 евра. Лекувањето на неговата состојба, параплегија тетраплегија е скапо. Сè уште ниту долгот кон болницата во Ротердам не сме го раздолжиле. Тој само чини над 200000 евра. Тој има желба да оди на рехабилитација, на лекување со матични клетки, сака пак да застане на нозе, сака пак да вози камион. Јас верувам во него, а верувам и во народот дека ќе ми помогне да ја извојуваме сите заедно битката на син ми. Млад е, животот е пред него. Има само 26 години и многу планови и визии. Во негово име, ве молам помогнете ми да му ја вратам вербата во животот и луѓето-завршува Снеже.

Сите што сакате да помогнете на Снежана Ивева, тоа може да го направите на телефонскиот број 078/456767

Сметка за донација 250014000660205 sparkasse banka, Јован Ивев

Сметка за донација од странство

Acc. No 02-307-06574978

IBAN MK07300307065749778

SWIFT KOBSMK2X

Sneza Iveva

Број за донација 143 131 за корисниците на Македонски Телеком

Број за донација 143 479 за корисниците на А1

Автор Оливера Петрушевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,753FansLike
3,387FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ