4.8 C
Skopje
Wednesday, December 18, 2024
spot_img

Д-р Игор Трајковски: Со Дип фејк може да биде загрозен секој

Поплавата од дезинформации денес е една од најголемите закани. Поразително е што лажните вести многу побрзо и многу полесно ја убедуваат публиката во својата „вистинитост“ од релевантните медиуми. Во човечката природа е „лажните“ информации да ги прими без да се проверат фактите, додека во обратната ситуација, и покрај сите факти и сознанија, секогаш има сомнеж во податоците. По информативните нарушувања, монтираните слики, најновата и најверојатно најопасна опција е дипфејк технологијата. За дип фејкот и опасноста од нив, разговараме со д-р Игор Трајковски. Научно истражувачката работа на д-р Игор Трајковски е во областите на машинско учење, биоинформатика, анализа на генетски податоци, паралелни алгоритми, пребарување на информации и статистичка обработка на природни јазици. Тој е основач на првиот македонски агрегатор Time.mk.

Што претставува „дип фејк“?

Игор Дип фејк претставува технологија за креирање на лажни видеа при што имаме таргет карактер којшто сакаме да го натераме да зборува и изгледа на начин на којшто ние ќе диктираме, односно пресликување на движење и звук, т.е. говор од една личност на друга.

Генерално се користи најмногу за креирање на лажни изјави на познати личности. Некогаш целта на овие видеа е и правење на сатира.

Дип фејк е малициозна вештачка интелигенција. Длабински лажираните содржини [deep fakes] се комбинација од изразите длабинско (машинско) учење и лажно, а се однесуваат на видео или аудиозапис во кој е применето машинско учење за манипулирање и менување на снимките. Наједноставната дефиниција за Deepfakes е дека тие претставуваат синтетички медиуми во кои едно лице во постоечка фотографија или видео се заменува со некој друг лик.

Актерот Том Круз беше жртва на дип фејк

Податоците говорат дека до декември 2020 биле детектирани 85 илјади видеа. Колкава е опасноста и глобално, но и локално?

Игор Секој е загрозен. За секој може да се направи дип фејк видео. Потребно е доволно мотивација и ресурси за тоа да се направи. Веќе има голем број на бесплатни алатки коишто го овозможуваат тоа. Не е потребно големо техничко знаење. Направен е софтвер кој може да се користи за таа намена.

Првото дип фејк видео е регистрирано 2017, иако и претходно се направени обиди за таква монтажа. Кој сè може да биде жртва?

Игор Жртва може да биде која било личност. Најчесто се таргетираат познати личности, политичари, лица од шоубизнисот. Не треба премногу материјали да се има од целната личност за која би се направило фејк ( монтирано -лажно) видео, доволни се неколку минути на видео за да се научат неговите основни карактеристики, како зборува, гледа. Врз база на тоа, софтверот учи и креира видео од него што кажува што било.

Колку е едноставно создавањето на дип фејк?

Игор Нормално за што подобар квалитет, односно да изгледа што поверодостојно, треба подобро техничко знаење. За едноставно видео, потребни се само неколку кликнувања. Процедурата е стандардизирана.

Постојат ли технички опции за ограничување на дип фејкот?

Игор Технички можности постојат, но тука дополнителен напор треба да вложи консументот на видеата.

Кога би се креирало некое видео, дигитално да се потпише од оригиналниот продуцент на видеото, па така кога консументот ќе го гледа видеото, ќе може да го верифицира дигиталниот потпис дека ова видео не е менувано од некој или е директно од БиБиСи. На тој начин ќе се осигура, дека тоа што го гледа е реално. Доколку нема такво нешто, ќе треба да се користат дополнителни софтвери коишто ќе го анализираат конкретното видео и ќе одредат дали е правено со дип фејк алатки или не. Ова веќе го користат во Фејсбук и Гугл за да ги филтрираат видеата кои се објавуваат за дезинформации.

Како да се препознае дип фејк, од аспект колку треба да бидеме внимателни?

Игор Најчесто се шокантни и необични работите што ќе ги кажат актерите коишто се направени со дип фејк видео.

Најдобро е да се провери истата информација од други поверодостојни извори. Ако ова сме го нашле на Фејсбук, Твитер или не толку познати страни за вести, тоа што ќе го видиме, да не го споделуваме веднаш, туку да го верифицираме и од други места. Тоа мислам е најдобрата алатка за нормален консумент на информации.

Секако, има луѓе што се специјализирани за тоа, па со гледање на видеото знаат и забележуваат одредени работи.

Документарен магазин Приказна на тема Ефектите на дезинформациите

Каква е регулативата во поглед на законодавните мерки за справување со дип фејк?

Игор Во Македонија не сум запознат дека има нешто специјално во врска со тоа. Можеби има некоја регулатива којашто е наменета општо за лажни информации или нарушување на угледот на одредена личност, ако се најде авторот или кој го продуцирал видеото и го објавил. Посебно нешто за дип фејк, немам видено во Македонија.

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,754FansLike
3,387FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ