Дома Инспирација Дита Старова Ќерими одликувана со Орденот „Витез на Редот Ѕвезда на Италија“

Дита Старова Ќерими одликувана со Орденот „Витез на Редот Ѕвезда на Италија“

На свечен настан во Чифте амам, во присуство на голем број уметници, студенти, колеги, пријатели, Дита Старова-Ќерими, го прими Орденот „Витез на Редот Ѕвезда на Италија“ од Амбасадорот на Република Италија, Н.Е. Андреа Силвестри во Скопје.

Орденот го доделува претседателот на Италија Серџо Матарела за воспоставување и негување на лични и професионални релации со Италија, за соработка во различни области и продлабочување на односите меѓу институциите и граѓаните од двете држави, а на предлог на министерот за надворешни работи. Ова одликување е воведено во 1947 година како „Ред на Ѕвездата на италијанската солидарност“, а од 2011 го носи новото име.

Дита Старова Ќерими (1984) е академска сликарка, доцент на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот „Американ колеџ“ – Скопје, и актуелна директорка на Националната галерија. Таа со бројни врвни изложби ја раздвижи културната сцена дома и ја врати публиката во музеите. Таа четири пати беше комесар на националниот павилјон на престижниот светски саем на уметноста – Венециско биенале и добитник на наградата „13 Ноември“ во 2019 година за посебен придонес во културата и севкупниот развој и афирмација на Град Скопје.

По свеченото одликување, беше отворена изложбата „Најдрагиот Пинокио, италијанските дизајнери и графички дизајнери ја редизајнираат најпознатата кукла на светот“. Според директорката на Националната галерија, Дита Старова-Ќерими, се работи за патувачка изложба, која, по 28 март, заминува за Сан Франциско, САД.

Exit mobile version