Дома Најнови Да бидеме благодарни за она што го имаме

Да бидеме благодарни за она што го имаме

Наближува крајот на оваа година, а тоа неминовно значи и почеток на едно ново поглавје. Нели, „за да се отвори една врата, мора да се затвори друга“.

Сите сме во предновогодишно расположение, колку што можеме заради пандемијата која никако да заврши, со шетање по плоштадите, купување на облека и украси, а и по некое кратко патување.

Бидејќи веќе е досадно да се зборува за короната и како таа ни влијае дури и на празниците, сакам да зборувам за ефектот на новата година, како потсвесно сумирање на успесите во старата и поставување нови цели во новата.

Веројатно на сите ни е позната изреката „Секогаш може подобро“. Ова е „изрека“ која се користи обично на крај на некој натпревар, а оној кој ја користи е обично победник или барем е во првите неколку места, но од некоја причина, на моменталниот успех гледа како „можев и подобро“. Некој би рекол дека се работи за скромност, а можеби пак, се работи за лошо изградена самопочит.

Дали некогаш сте се нашле во ситуација да остварите нешто, но да мислите дека можело и подобро?

Верувам дека да, а ова ме поттикна да размислам и да пишувам за тоа колку ги цениме работите кои ги имаме остварено. Особено што доаѓа крајот на годината и треба да ги сумираме изминатите успеси, или неуспеси.

Веројатно познати ви се личностите незадоволства кои кај некои индивидуи, ако не и кај сите, произлегуваат од компарацијата со другите личности. Тоа незадоволство може да биде вечен проблем за нашата самопочит. Обично се споредуваме со „некој“ или „нешто“ за да го измериме сопствениот успех. Можеби и има логика, зошто како инаку би измериле нешто доколку немаме единица за компарација. Но, дали тој „некој“ е единица мерка за успех? Сигурно не. Бидејќи успехот и патот по кој некој се движи за да го оствари истиот, се различни за секој.

Па зошто тогаш, знаејќи дека ова повлекува негативни реперкусии по нашата самодоверба и самопочит, кога ќе оствариме некоја цел, а добиеме негативен коментар од „некој“, дозволуваме нашиот успех да падне на вредност?

И зошто, уште поинтересно, ние самите се ставаме во улога на критичари? И која е потребата да ги омаловажуваме сопствените успеси, а да ги величаме на другите?

Човекот е социјално суштество кое има потреба да се вклопи во заедница. Без разлика дали станува збор за семејство, за работа, за спортски тим итн., сите имаме потреба да бидеме прифатени од таа заедница. Таа примитивна потреба се гледа и кај децата, кои секогаш се трудат да бидат прифатени од блиските, од своите сокласници или од децата во тимот кај што играат.

Секој од нас се чувствува убаво кога ќе биде пофален и лошо кога ќе биде искритикуван.

Ова се нормални чувства кои постојат кај секого. И треба да останат само чувства – да не дозволиме да влијаат на нашите постапки и на нашата слика за себеси како личности. Затоа што ние не сме критиката, а не сме ниту пофалбата.

Ако ја сумираме претходната година, веројатно сите имаме различни искуства, некои имаа среќни моменти, како венчавка, издигнувања во кариера, некои имаа негативни моменти, со загуба на личности, со неуспех на работа, а најголем дел би рекле дека имале комбинација од двете.

Дневникот во овој случај би помогнал многу, тој е доказ што сè имаме поминато во текот на годината.

Па, дали сте задоволни со завршените цели за оваа година или „можеше подобро“?

Што и да биде одговорот, сметам дека треба да се размислат неколку работи.

Некоректно е кон нас самите, која било остварена цел да ја минимизираме, мислејќи дека сме можеле да оствариме повеќе, а притоа не знаеме дали навистина сме можеле. Кога велам „можеле“ мислам на условите во тоа време, тоа место и тие околности. Ако можело подобро, зошто не сме го направиле подобро? Затоа што во тој момент тоа било најдобро. Денес веројатно постои друго најдобро.

Понатаму, кога веќе целта е завршена, на овој или оној начин, едноставно да ја ставиме на списокот на завршени цели и да продолжиме напред. Да не се вртиме назад кон минатото, затоа што во сегашноста не можеме да смениме ништо. Она што можеме е да размислиме како во иднина новите цели да ги извршуваме подобро, односно како претходната цел, успешна или неуспешна, да ја искористиме и да извлечеме поука од неа, за да новите цели ги извршуваме подобро.

Исто така, добро е да се трудиме „да се надминуваме себеси и да поставуваме нови лимити на својата личност“, но сепак, треба внимателно со овој начин на мотивација. Бидејќи, ако нашата завршена цел ја сметаме за неуспешна, заради превисоките амбиции, многу често ваквиот „негативен“ исход и негативно размислување за себеси може да резултира со намалена самодоверба и да влијае на квалитетот на следните наши перформанси.

Да прифатиме дека животот не е розев, се случуваат и успеси и падови. Да прифатиме дека сите случувања се само тоа – случувања. Некогаш се искачуваме нагоре, некогаш се симнуваме надолу, некогаш едноставно седиме на скалилата. Сè е тоа нормално. Нормално е да оствариме нешто и да скокаме од среќа, нормално е да не оствариме нешто и да бидеме тажни или лути на себе, нормално е на моменти да бидеме апатични и да не ни се прави ништо. Нормално е да ни треба оддишка од случувањата. Но, сепак да не дозволуваме животот да поминува покрај нас, а ние сè уште да седиме на скалилата.

Ова наведува кон последниот чекор, а тоа е дека секогаш треба да преземаме акција. Никогаш нема да бидеме доволно спремни за нешто, но ако не тргнеме напред никогаш нема да дознаеме дали ќе успееме или не. Битно е да го направиме првиот чекор. Да тргнеме кон она што нè плаши. А по патот ќе наоѓаме начини како да ја оствариме целта. А и да не ја оствариме, тоа ќе биде уште едно искуство, уште една нова научена работа. А само така се расте.

Дали ќе паѓаме или ќе се издигнуваме, не е битно, битно е секогаш да станеме и да пробаме пак, исто како малите деца кои учат да одат. На децата не им е битно што мислат другите, паѓаат, стануваат и продолжуваат напред.

Да гледаме на животот како пат и да прифатиме дека неминовно е да доживуваме неуспеси, но истите да ги гледаме како нови научени искуства, кои понатаму ќе ни користат да станеме подобра верзија од себе, односно да растеме.

Како што вели Марк Твен, „За дваесет години повеќе ќе се каете за работите кои не сте ги направиле, отколку за оние кои сте ги направиле.“

Затоа, смело да одиме кон желбите и целите, не е битно дали ќе ги оствариме, битно е дека сме научиле нешто по патот додека сме оделе кон таа цел.

И секогаш да бидеме благодарни на секое искуство. Да бидеме благодарни за сè што имаме. Да бидеме благодарни на досега постигнатото и да ги цениме малите нешта кои вредат многу.

Тимот на Our Mind ви посакува месец декември да го посветите на себеси, да размислите што сте оствариле, да му придадете значење на секој чекор, без разлика дали е нагоре или надолу. Можеби ви се случиле и загуби затоа што имавме уште една непредвидлива година со коронава, но пробајте да останете силни и да се запрашате како сè ова влијае на вас и што позитивно можете да искористите. И иако можеби во моментот ништо не ви изгледа позитивно, со текот на времето ќе сфатите дека сè се случува со цел да нè научи нешто.

Ако пак годинава ја поминавте во остварување на цели, тогаш направете рефлексија за оствареното, размислете што можете да додадете во идната година и бидете благодарни за она што го имате сега. Да, бидете благодарни на она што го имате сега, бидејќи благодарноста е антидот на болката.

Автор: Маја Иванова Цеков

Коосновач на Our Mind

Exit mobile version