Статистиката покажува на многу мала застапеност на жените во сите сегменти на спортот и она што значи масовно вклучување на жената во спортот и она што значи вклучување на жената во спорстките субјекти, но сепак мислам дека работите се помрднати од нулта точка, вели во интервју за „Приказна“, Гордана Нацева – потпретседателка на Комисијата за родова еднаквост во спортот.
Приказна: Каква беше состојбата со жените во спортот, во периодот кога бевте активен спортист?
Нацева: Женска екипа ја направи препознатлива Македонија по спортот, по ракометот. По тој женски момент со „Кометал Ѓорче Петров“ тргнаа нашите спортски успеси. До тој момент јас сум немала чувство дека сме инфериорни.
После извесен период навистина женскиот спорт, не само ракометот, туку сите и колективните и индивидуалните доживеаја една голема стагнација. Сега гледам дека се буди желбата за вложување во спортот. Сметам дека е мала, но на некој начин нешто се случува.
Потребно е поддршка од сите структури да се вложува во женскиот спорт, за да можеме да направиме уште поголеми успеси, како во машкиот, така и во женскиот спорт.
Приказна: Каква е состојбата со жените во спортот денеска?
Нацева: Статистиката покажува многу мала застапеност на жените во сите сегменти на спортот и она што значи масовно вклучување на жената во спортот и она што значи вклучување на жената во субјектите спортски, но сепак мислам дека работите се помрднати од нулта точка.
Онаа генерација на ракометарки кои успеавме да направиме некаков успех, зборувам за мојот спорт, откако прекинаа со спортот, се вклучија во неговото менаџирање на различни начини, како тренери, администрација, раководење на клуб, бидејќи спортот е нашиот живот.
Јас се вклучив во делот на раководење на клуб, еден извесен период имав можност да бидам спортски директор на репрезентацијата и во 2019 година го положив тестот за ЕХФ делегат. Тоа за мене беше голем предизвик и можам да кажам дека сум првата жена спортски делегат на ракометната европска федерација во Македонија. Ете ова е доказ дека некои бариери се рушат. Работите одат на подобро, но далеку сме од задоволителна бројка на вклученост.
Приказна: Каква е застапеноста на жените во раководните органи во спортскиот сектор?
Нацева: Ова мислам дека е клучно. Доколку ја имате одлучувачката позиција во клуб или федерација, може да влијаете на одлуките кои се однесуваат на вклученоста на жената, можноста да се доделат средства на жената и тој економски момент да биде еднаков за сите со што би се мотивирале и жените да влезат во спортот. Мислам дека на тоа треба да се поработи и се надевам дека сите ќе сфатат дека ние не сме закана за никого. Јас сум член и на Комисија за родова еднаквост во спортот и ние не сме закана за ниедна позиција на мажите во спортот, туку ја бараме нивната поддршка, бидејќи само таа еднаквост на мажи и жени во раководењето на спортот ќе донесе еден подобар квалитет, една успешна, безбедна и просперитетна држава.
За Приказна
Ване Маркоски