Јулијана Димитриевска сега е самохрана мајка. Претходно, таа и сопругот Дејан биле заедно 25 години. Дваесет и една година биле во брак, четири години во врска. Во бракот им се раѓаат три мали ангелчиња, Димитар, Дамјан и Јана.
По четврт век заедно, ќе каже Јуле сфатив дека „убавото време брзо поминува“. Па, како низ сон поминало и времето кога Дејан и Јуле биле заедно и создавале семејство и дом. Бидејќи претходно живееле во заедница, собирале пари за конечно да се одделат и со децата да започнат самостоен живот. Купиле стара куќа во Бунарџик која требало да се санира и адаптира за живеење. Имале големи планови. Но, на 26 декември 2020 година Дејан се разболува и таа битка нема да може да ја совлада, за да ги оствари плановите кои ги сонуваше со Јуле. Понекогаш ниту самите не знаеме колку е важен моментот, сè додека тој момент не стане спомен. Заедничките мигови од животот со Дејан, на Јуле и се важни, еднакво како децата кои ги имаат.
На 3 февруари минатата година Дејан остави празнина во куќата за која работеше цел живот. Болката да биде поголема, не успеал да ја сознае веста дека ќе има наследник, синот кој се роди посмртно, два месеци по неговата смрт и го носи неговото име.
– Дента кога умре ми побара попара. Не можеше сам да ја изеде и го нахранив. Потоа ми рече дека му е многу светло па ги тргнав завесите. Почна да зборува и да се кара со некои светци. Не сакаше да замине. Потоа, исплука крв и ми умре на раце. Два месеци после тоа ми дојде на сон. Ми рече јас сега ќе си одам, ќе дојде другиот Дејан. Вечерта по полноќ ме фатија породилните болки. Викнав брза помош, не дојде одма. Им реков на синовите, деца сте ми, ама мора да ми помогнете. Димитар и Дамјан ме породија. Тие први го допреа и гушнаа брат им. Плачевме сите. Тоа беше голем шок за нив, но, ме спасија. Тие се моите херои!-се присетува Јуле.
Дејан бил многу вреден-ќе каже низ солзи неговата сопруга. Работел постојано, бил водоводџија, заработувал пари, штедел, им помагал и на другите. Но, денес освен нејзиниот татко и сестра, на Јуле никој не се присетува, ниту да ја праша како е, дали има храна за децата.
Куќата во која живеат Јуле и нејзините четири деца е стара и не дочека санирање и крпење од сопственикот. Прозорците се стари и од нив бега и онаа мала топлина, која Јуле едвај со кубик дрва ја одржува оваа зима. Куќата има само две соби. Едната е на бетон, со два импровизирани кревети, за да можат децата да спијат, ама бетонот влече и децата секоја втора недела се болни. Јас со бебето спијам во другата соба, но и во оваа дува. Да ми се сменат прозорците мислам дека ќе се родам по вторпат-додава Јуле. Немаме ниту бања. Се бањаме во корито. Немаме ни облека. Децата немаат патики за на училиште. Перам на раце. Немам машина за перење. Немам шпорет за да им зготвам нешто готвено.
Неколку дена пред да умре, Дејан и вети на Јана лаптоп и детска соба. Но, не и ја исполни желбата. Нејзе најмногу и фали. Многу беше поврзана со татко и. Постојано го бара-повторно низ солзи кажува Јуле.
– Тато ми вети лаптоп и детска соба, ама сакам само тој да се врати. Јас и помагам на мама со бебето. Спијам во ист кревет со братчињата, ама многу ми е ладно. Мама не покрива за да не настинеме. Сакам да јадам хамбургер, ама мама нема пари за да ми купи. Тато кога беше жив ни купуваше. Сега јадеме само лепче и чајче, а понекогаш мама, ако и останат пари, ни мачка на лепчето и маргаринче-раскажува четири годишната Јана.
„Побарав помош од Општината. Не сакам да молам. Но, сите ми ги затворија вратите. Сега ми треба помош. Сега на децата им треба да им се трасира патот. Кога ќе пораснат сами ќе се снајдат. Јас не можам да работам. Бебето е многу мало, а и немам пари за во градинка. Живеам со средствата што ги земам од трето дете, но, еве после Нова година и тие ако не ги обновам документите, ќе ми бидат укинати. И ние некогаш сме знаеле што е одмор, што е празник, што е скара. Сега ова се први празници без сопругот и синовите ми викаат: Мамо, зарем нема да правиме руска салата и месо за Нова година и Божиќ како досега?! Со месеци веќе јадеме само леб и маргарин – ми велат. Мене срцево ми се кине. Од каде да им купам, кога немам ниту за млеко и пелени. Од раѓање бебето го хранам со кравјо млеко бидејќи не можам да си дозволам адаптирано. И бебето е болно, немам пари за сирупче. Целото крчи, кашла, се мачи, ама го лекувам само со чајчиња. Само тоа имам.
Еден ден во животот на ова семејство минува како година. Најтешки се ноќите – вели Јуле, до коска ме боли ќе додаде кога дете ќе ми побара храна, а јас немам да му дадам ништо. Ако го прашате и највозрасниот и најмалиот член од оваа куќа што им фали, сите едногласно ќе речат-само тато и никој друг!
– „Само тој да е тука, друго ништо не сакам!-плачејќи со последни сили кажува Јуле, чиниш сè уште се надева дека од некоја од дотрајаните врати ќе се појави нејзиниот сопруг. Маките ме стопија, добив анемија, немам пари за соодветно да се хранам ниту јас, ниту децата. Сакам сè да им дадам, но немам од каде.
Се вели“ Едно лице умира кога ќе умрат последните сеќавања за него. Ако е тоа така Дејан ќе живее вечно. Додека со екипата бевме во домот на Јуле, имавме чувството како тој да е таму присутен. Можеби преку неговиот мал наследник, можеби поради убавите зборови што Јуле и децата постојано ги кажуваа за него … или едноставно можеби, иако бил многу малку присутен во таа куќа и не и се израдувал, сепак, тој оставил трага и печат која ќе се чувствува вечно. Барем малку ако се олесни животот на ова семејство, децата ќе добијат можност и надеж за убава иднина, а,Јуле ќе си ја врати насмевката на лицето.
Сите кои сакате да помогнете на ова семејство, тоа можете да го направите на следната сметка 210501709933315 или на телефонскиот број 070/489659
Автор Оливера Петрушевска