3.8 C
Skopje
Thursday, November 21, 2024
spot_img

Владанка Андреева: Родова еднаквост се постигнува со јасна визија и план за акција

Во 2021 година, генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, ја именуваше Владанка Андреева од Македонија за постојан координатор на ОН во Азербејџан, со одобрение од азербејџанската влада. Со ова одобрение, Владанка Андреева е првата жена од Македонија, на ваква позиција во ОН.

Андреева е дипломиран стоматолог, магистер по јавно здравје и еден од основоположниците на ХЕРА во нашава земја. Андреева има 22-годишно искуство во меѓународен развој, хуманитарна координација, застапување и градење партнерства, што ги има стекнато во рамките на Обединетите нации и на повеќе задачи низ Европа и Азија.

Приказна Женската солидарност е многу важна, особено ако сакаме да се постигнат реални политики за родова еднаквост. Колку во таа насока, ова како култура и практика се негува во организациите во кои вие го градевте вашиот професионален статус?

Владанка Андреева Женската солидарност е еден од факторите кои потпомагаат да се постигне родова еднаквост на работното место. Како менаџер и професионалец кој работи со тимови веќе 22 години, секогаш се обидувам да дадам совет, поддршка и помош на сите членови на мојот тим, особено на младите жени, тоа е едноставно начинот на кој јас професионално делувам.

Сметам дека секоја организација која навистина сака да постигне родова еднаквост на работното место треба да има јасна визија и план за акција. Токму тоа го имаме во ОН. На ниво на различни единици имаме регистар на сите професионални категории и точно знаеме колку мажи и жени имаме вработено. Планот за акција е дека ќе постигнеме еднаква застапеност на мажи и жени, особено во највисоките професионални категории до 2020. Во 2021 година успеавме да постигнеме 48% застапеност на жени како шефови на мисии во земјите членки на ОН. Во 2006 само 2% од менаџерските позиции на агенциите биле заземени од жени лидери.

Приказна Вашата кариера е прилично богата. Виетнам, Камбоџа, Тајланд, Русија. Успеавте ли да се приспособите на земјите во кои имавте прилика да престојувате професионално?

Владанка Андреева Привилегија е и одговорност е да се има можност да се гради кариера во ОН. Од Скопје преку Москва, Хануи, Банкок, Баку. Секоја нова земја претставува огромна можност за откривање на нови култури, за создавање на нови пријателства. Во секоја од земјите во која престојувавме навистина уживавме и научивме многу.

Не е едноставно на секои 4-5 години да се спакува едно семејно бидување во неколку куфери, да се каже збогум на пријателите со кој сме делеле се и да заминеме во нова непознаница и почнеме се од почеток. Но, за среќа мојот сопруг, јас и нашата ќерка секогаш сакаме многу предизвици.

Хануи беше првото место во кое се преселивме како семејство, во Југоисточна Азија, и останува наша прва љубов. Виетнам навистина ни го отвори своето срце, a еден од најубавите моменти кои ги имам доживеано во последните 15 години е кога Синтезис беа поканети и свиреа во националната опера во Хануи. Виновник за ова наше прекрасно доживување е нашиот македонски виетнамец Ле Фи Фи.

Приказна Дали ја реализиравте вашата визија, ако направите една паралела во 2000 и во 2021?

Владанка Андреева По завршувањето на стоматолошкиот факултет, пред себе гледав само еден професионален план, да продолжам да работам како доктор стоматолог и да градам академска кариера.

Додека студирав, бев активна во невладиниот сектор и сум еден од основоположниците на Хера. Особено сум горда на оваа организација и на сето она што моите колеги продолжуваат да го имплементираат во насока на промоција на сексуално репродуктивно здравје и човекови права. Во 1990 година со косовската криза, оддеднаш се отворија нови перспективи, нови професионални можности. Во тоа време мислев дека на кратко ќе го оставам белиот мантил и работата со пациенти, за да се занимавам со хуманитарна работа и да ги помогнам напорите за справување со бегалската криза. Меѓутоа, по завршувањето на договорот со фармацевти без граница, бев вработена во СЗО и еве ме, до ден денес сум во семејството на ОН.

Мислам дека во последните 15 години, секој професионален чекор кој го имам направено е осмислен во нагорна линија и сум особено горда на оваа професионална позиција.

Приказна Кои се вредностите врз кои ја темелите и развивате вашата успешна животна приказна?

Владанка Андреева Моите родители секогаш ми велеа мене и на сестра ми, ако работите вредно успехот никогаш нема да изостави, и во право се. Мислам дека дел од мојот професионален успех е токму тоа. Континуиран труд и вложување во себе си и професионална надоградба. Мора да признаам, сето тоа е зачинето со многу љубов и поддршка од мојот сопруг и моето семејство.

Приказна Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, неодамна Ве именуваше за постојан координатор на ОН во Азербејџан, со одобрение од азербејџанската влада. Дали имавте доволно време да се запознаете со земјата? Какви се вашите импресии од Азербејџан?

Владанка Андреева Нашиот нов дом во Баку се наоѓа на бреговите на Каспиското море, кој е микс на џез, футуристичка архитектура со примеси на венецијански и блиско источни моменти. Луѓето се многу љубезни, гостопримливи. Храната, културата, музиката е навистина блиска до нашата земја и се чувствувам скоро како дома.

Документарен магазин Приказна посветен на инспиративните женски успешни приказни

Приказна Кои се целите за кои ќе се залагате на новата функција?

Владанка Андреева Мојата задача во Азербејџан за следните 5 години е многу јасна. Водење и координирање на работата на сите агенции на ОН кои се присутни во Азербејџан со една заедничка мисија, да и помогнеме на земјата да ги постигне одржливите развојни цели.

Заедно со Владата имаме потпишано рамка за соработка за следните 5 години и се имаме договорено за 4 приоритети на кои заеднички ќе работиме. Првиот е околу инклузивен економски раст, вториот е за зачувување на животната средина, третиот приоритет е зајакнување на институциите и четвртиот приоритет е родова еднаквост. ОН се стратешки партнер на Азербејџан во последните 29 години. Догодина ќе славиме голем јубилеј. 30 години од членството на Азербејџан во ОН, 30 години партнерство.

Андреева заедно со претставници на Владата на Азербејџан, претставници на ОН и активисти беше дел од акцијата за чистење на плажите во Баку

За Приказна,

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,724FansLike
3,383FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ