4.8 C
Skopje
Wednesday, December 18, 2024
spot_img

Вицегувернерка Ана Митреска: Родовата еднаквост ќе придонесе да се искористи целиот потенцијал на една земја за остварување на економски раст

Мислам дека концептот за еднакви можности, еднакви шанси е постулат којшто не смееме ниту да го заборавиме, ниту да го потцениме од една едноставна причина што само на тој начин може да го искористиме целиот потенцијал на една земја во функција на побрз, попаметен раст и на крај една благосостојба за секој од нас. Ова важи и за концептот на финансиска еднаквост или родова еднаквост што би значело еднакви можности и шанси, и за мажите и за жените во областа на финансиите. Тоа значи дека нам не ни треба финансиски систем кој добро функционира, туку ни треба инклузивен финансиски систем, наггласува во интервју за Приказна, вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска.

Што е финансиска слобода и колку е таа важна за родовата еднаквост?

Вицегувернерка Митреска Мислам дека концептот за еднакви можности, еднакви шанси е постулат којшто не смееме ниту да го заборавиме, ниту да го потцениме од една едноставна причина што само на тој начин може да го искористиме целиот потенцијал на една земја во функција на побрз, попаметен раст и на крај една благосостојба за секој од нас. Ова важи и за концептот на финансиска еднаквост или родова еднаквост што би значело еднакви можности и шанси, и за мажите и за жените во областа на финансиите. Тоа значи дека нам не ни треба финансиски систем кој добро функционира, туку ни треба инклузивен финансиски систем. Независно дали жените работат во својот дом, надвор од него, дали се самовработени или вработени кај работодавци, нивната финансиска слобода им овозможува и да создаваат доход, и да создаваат приходи, да управуваат со финансиските ризици и да бидат активни во економијата во целина.

Ние не би зборувале на оваа тема доколку би имале рамнотежа на овој план. Глобално, бројките покажуваат дека економските можности на жените се послаби во однос на мажите. На пример, стапката на застапеност на пазарот на труд, во светот помалку од половина од жените се вклучени во пазарот на труд наспроти 75% од мажите. Бројките не се подобри ниту кај нас. Околу 44% од работоспособните жени се активно вклучени во пазарот на труд, останатиот дел е неискористен потенцијал. Кај мажите е 67%. Како се движите кон повисоките нивоа на образование, така овие разлики се сè помали. Кај пониските нивоа на образование стапките се повисоки. Затоа неслучајно се посочува ризикот, жените да бидат вклучени во неформалната економија, помалку платени работни места, веројатноста е во секој случај поголема.

Светскиот економски форум има податоци кои укажуваат дека во светот некаде околу 70% од разликите по повеќе параметри помеѓу мажите и жените се затворени и со ова темпо со кое се движиме ќе ни треба век и половина за да ги приближиме мажите и жените по однос на повеќе прашања, вклучително и економските прашања. Ние како земја сме рангирани на 73 место по ова прашање, од 156 земји. Кога станува збор за правата и можностите кога станува збор за образованието, речиси и да нема разлики помеѓу женскиот и машкиот пол. Дури има поголема веројатност жените да бидат вклучени во повисоките нивоа на образование, што не е случај со нивната финансиска слобода и економската еманципација.

Многу е помало учеството на жените на пазарот на труд поради разни фактори, социолошки, културолошки, општествени. Помало е учеството на жените на менаџерски сениорски позиции. Само околу 40% во светот, кај нас околу 25%. Финансиската разлика во надомест исто така постои помеѓу жените и мажите. Некаде околу 37% е разликата во надоместот којшто една жена го добива со исто образование на иста работна позиција, споредена со тоа што го споредува мажот. Во овој дел и ние како земја сме послаби и сме рангирани на 93 место од 156 земји.

Што покажуваат податоците за финансиската писменост кај нас?

Вицегувернерка Митреска Финансиската писменост подразбира дека имате основни познавања, знаења и вештини во областа на финансиите, во однос на тоа колку и како може да заработите, колку може да заштедите, како се задолжувате.

Во 2021 г година имаше едно мерење кое укажа дека нема некоја голема разлика во степенот на финансиска писменост помеѓу мажите и жените кај нас. Мажите имаат малку посупериорна позиција од жените во финансиските познавања, меѓутоа во самото финансиско однесување, финансиските ставови нема разлика. Тоа е знак за поголема вклученост на жените, поголема инволвираност во финансиски услуги.

Еден параметар е колку жените или мажите располагаат со сметка во финансиска институција. Податоците покажуваат дека 80% од жените имаат сметка наспроти 90% од мажите. Во Европа не постои разлика помеѓу машката и женската популација. Нешто помали се разликите во однос на задолжување, штедење, па дури и во делот на дигиталната финансиска писменост и однесување жените може да се споредуваат со мажите, на пример слични се процентите на мажи и жени коишто направиле дигитални плаќања во трговијата. Дури жените имаат предност во користење на интернет на мобилни телефони за вршење на дигитални плаќања. Тоа покажува дека родовиот јаз во делот на финансиската писменост, вклученост не е толку голем, но простор за подобрување секогаш постои. Колку е поголема финансиската писменост на жената, толку е помала родовата нееднаквост, поголема е контролата на жената над финансиите но и нејзината улога во семејството и општеството во целина.

Каков е пристапот до финансии за претприемачките?

Вицегувернерка Митреска Тргнувајќи од тоа дека има многу глобални иницијативи кои се поставени во функција на поддршка на финансирањето на жените претприемачи, очигледно дека сегашната состојба не е задоволителна. Третина од основаните компании во светот се во сопственост на жени. Дури 70% од малите и средните претпријатија кои се основани од жени се брзо затворени поради финансиски тешкотии или неадекватен пристап до финансии. Некои од нив не исполнуваат критериуми за пристап до соодветни финансии, недостаток на мрежа, знаење контакти, вклученост во пазарите кои се попрофитабилни. Сето ова се смета дека е пречка за женското претприемништво.

Според податоците на Европската банка за обнова и развој во регионот, на 100 претприемачи само 37 се жени. Кај нас некаде кон крајот на 2021 година направена е анкета за женското претприемништво во рамките на националната платформа за женското претприемништво, и таа не дава поразлична слика од таа на глобално ниво. Над половина од жените сметаат дека немаат доволно поддршка во смисла на советодавна улога, консултативни платформи, советувања, грантови за поддршка на нивниот бизнис. Повеќе половина сметаат дека немаат доволен или соодветен пристап до финансии. Па затоа повеќе од 70% посочуваат дека бизнисот го започнуваат со сопствени средства.

Во 2017 година започната е глобална иницијатива токму за жените претприемачи. Поддржана е од голем број на држави и банки, а целта е да обезбеди финансиска поддршка, средства но и градење на капацитет на банките и другите финансиски институции за развивање на свесноста за поддршка на жените претприемачи во текот на нивниот деловен циклус. Оваа иницијатива подразбира пристап до обуки, менторирање, вмрежување на жените, отстранување на правни пречки и сл.

Еден од партнерите на оваа иницијатива е Европската банка за обнова и развој со којашто ние како Централна банка неодамна имавме средба и договор за наше вклучување во еден пилот-проект на оваа банка за поддршка на пристапот до финансирање на женското претприемништво, што значи и ние како Централна банка преку низа на активности даваме и ќе даваме поддршка во делот на финансирање на жените претприемачи.

Британскиот официјален форум на монетарни и финансиски институции ‒ ОМФИФ, годинава ја рангира Народната банка како прва во светот меѓу централните банки и финансиските институции според застапеноста на жените на раководни позиции.

Индексот на ОМФИФ ја мери родовата еднаквост во 336 институции, меѓу кои 186 централни банки, 50 пензиски фондови, 50 суверени фондови и 50 комерцијални банки ширум светот, во согласност со застапеноста на мажите и жените меѓу вработените, стажот, како и позицијата којашто ја имаат во организацијата.

Во објавата за застапеноста на жените во раководните структури на Народната банка се истакнува дека 70% од раководните позиции во Народната банка ги извршуваат жени. Инаку, на ранг-листата на централни банки на ОМФИФ со најголема застапеност на жените на раководни позиции се најдоа и федералните резерви на Сан Франциско, Чикаго, Минеаполис и Кливленд, централните банки на Австралија и Норвешка, а од регионот и Србија.

Каква е родовата еднаквост од аспект на кредитирањето?

Вицегувернерка Митреска Бројките покажуваат дека склоноста за задолжување е во полза на мажите, со оглед на тоа што 39% од износот на кредити на населението се однесува на жени корисници на кредити, а 45% од вкупниот број на кредитокорисници се жени. Има подобрувања во овој дел од 2008 година.

Документарен магазин Приказна

Кои се иницијативите за зголемување на пристапност на жените до финансии?

Вицегувернерка Митреска Речиси не постои стратегија која е насочена кон одржлив и инклузивен развој, а без притоа да не ја вклучува родовата димензија вклучувајќи и финансиска писменост и поголемо финансиско вклучување на жените со цел искористување на нивниот потенцијал. Таква е и стратегијата на ОН, такви се и целните стратегии на Европската банка за обнова и развој која е насочена кон поголема родова инклузија. И ние како Централна банка, вкупниот процес на финансиска едукација и инклузија од пред скоро време го третираме како наша стратешка цел. Во тие рамки со оглед на родовата еднаквост, родовата димензија на финансиите ја потенцираме како битна стратешка цел и преку зголемување на свесноста и едукацијата и преку активна соработка со меѓународни институции.

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,754FansLike
3,387FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ