Во голема мера, особено во одредени области можеби не толку во нашето поле новинарско, но во политичкиот живот, тоа навистина се чувствува. Едноставно бројни се коментари на таа тема околу жените политичарки, па веднаш се обележани дали се облечени вака или така, не гледајќи колку она е навистина професионалец во она што го работи, со кого е, каков статус има, каква и е фризурата, без да се гледа колку она професионално може да придонесе во она што го работи, изјави за Приказна Весна Миќиќ Божиновска, главен и одговорен уредник на весникот ВЕЧЕР.
Приказна Каква е родовата застапеност во медиумите?
Весна Миќиќ Божиновска Апсолутно се чувствува во нашето патријархално општество таа родова нееднаквост, за жал. Сè уште се делат работите на машки и женски работи. И во нашата професија тоа се чувствува. Иако многу наши колешки, новинарки, покажаа дека можат да се носат рамо до рамо со колегите, мажи. Дури и во одредени ситуации да бидат многу подобри во извршување на одредена задача, имавме колешки новинарки кои беа на боиштата за време на војната и покажаа дека можат да бидат многу добри известувачи и во такви тешки околности.
Приказна Дали во својата работа сте се соочиле со дискриминација?
Весна Миќиќ Божиновска За среќа моја, јас сум 35 години во новинарството, не сум почувствувала такво нешто.
За да дојдеме на ова ниво денес, мораше многу да се „избоксуваме бидејќи пред 30 години, кога почнав професионално да се занимавам со новинарството, новинарка е дете од фамилија, но не е за во фамилија. Затоа што 24/7 си новинар. Тогаш се сметаше ако е добра мајка не може да биде и добар новинарка, односно да ги исполни своите професионални обврски. Докажавме дека тоа не е така. Може да се биде и добра мајка и добар новинар, односно професионално да се извршуваат своите обврски.
Приказна Дали жените се изложени на говор на омраза и дискриминација, повеќе од своите машки колеги?
Весна Миќиќ Божиновска Во голема мера, особено во одредени области можеби не толку во нашето поле новинарско, но во политичкиот живот, тоа навистина се чувствува. Едноставно бројни се коментари на таа тема околу жените политичарки, па веднаш се обележани дали се облечени вака или така, не гледајќи колку она е навистина професионалец во она што го работи, со кого е каков статус има, каква и е фризурата, без да се гледа колку она професионално може да придонесе во она што го работи.
Во новинарството мислам дека тоа не е толку истакнато, можеби во телевизиското новинарство каде што се појавуваат нашите колешки и тие може да бидат предмет на разни коментари во јавноста, од типот што бара да биде на телевизија, треба да седи дома.
За Приказна,
Ване Маркоски