Верица Стојаноска потекнува од Маврово. Пред 28 години љубовта ја вселува во една соба од семејна куќа во село Врапчиште, Гостивар. Тоа е собата на сите нејзини спомени. Собата во која ќе ја доживее најголемата радост, но, и најголемата тага. Собата која и покрај тоа што и значи живот за кратко време е принудена да ја напушти.
– Уште не верувам дека сте тука. Уште не верувам дека некој ќе го слушне мојот проблем. Немам ниту 50 години, а, не можам да се присетам на еден убав ден од мојот живот. Уште од првиот ден во семејната куќа на сопругот живеам стегнато. Постојано со страв дали смеам да пуштам машина, да пуштам шпорет за да направам ручек, дали смеам да се бањам … Кога и да требало да се вратам дома, мене нозете назад ми се враќале. Како да живеев во затвор од роднините на сопругот. Покрај мене и син ми кој има 27 години, немал живот ниту еден ден. Замислете да живеете со дете во една соба сиот живот. Но, работеше само сопругот, не му беше сигурна работата, и не смеевме да одиме под кирија. Немавме избор-без да запре со солзите, се присетува на својот тежок живот Верица од Врапчиште.
22 јануари 2018 ќе биде тажен ден за ова семејство. Ќе дознаат за болеста од која боледува нејзиниот сопруг. Трети април истата година, очигледно ќе биде најцрниот ден за нив, оттогаш ќе започне пеколниот живот на Верица и нејзиниот син.
„Подобро јас да умрев место него, барем немаше вака да се мачам и да молам за помош“, вели Верица.
Сепак еден ден група луѓе и подадоа рака и со нивна помош успеа да изгради куќа до карабина.
– Камо среќа Господ мене да ме земеше место сопругот. За три месеци не напушти. Секој ден ни беше стресен, но, после неговата смрт животот ни стана пеколен. Свекрвата не ни остави дел, се остави на другите роднини. Јас и син ми сме осудени да живееме на улица. Среќа еден ден ми се јавија од Исламската заедница и ми рекоа дека ќе ми помогнат. Луѓето навистина дадоа сè од себе, но, веќе мораат да престанат да работат зашто и тие имаат свои обврски-вели Верица.
Верица е вработена, но минималната плата не стигнува ниту за основните животни потреби. Синот не е вработен, ниту има каде да живее, па затоа скратени се и можностите да се прават планови за иднината. Скратени се и нивните надежи бидејќи еден ден и луѓето што и помагаа и рекле дека веќе мора да се обрати за помош, затоа што и нивните резерви и сила се потрошени.
– Пред да почине сопругот, градоначалникот на општината ме вработи како хигиеничарка колку да земам некој денар за да преживееме. И денес работам, но, зарем една минимална плата е доволна за да се доправи куќа. Па, не стигнува ниту за да се прехраниме-додава таа.
– Многу често не спијам. Зависна сум од лекови за смирување за да можам да заспијам. Почнаа и тие веќе да не ми делуваат. Постојано плачам. Знам дека така нема да се решат проблемите, ама не можам повеќе да издржам. Жал ми е и за судбината на синот. Тој не е крив. Не работи. Не може да се снајде. До крајот на летото мора да се отселиме од собата и да дојдеме тука. Како ќе живееме во куќа без прозорци и врати, без вода и струја, не знам-раскажува Верица.
– Верица не побара пред извесно време и ни кажа дека ќе остане на улица. Таа е многу добродушна жена и ние од Исламската заедница ја сожаливме и одлучивме да и помогнеме. 80 проценти куќата е направена, но, многу од луѓето заминаа печалба, останавме без пари, па моравме да и кажеме да се снајде за да ја доправи. Ако не се доправи таа со синот останува на улица. Верувајте 24 часа седи меѓу овие ѕидови и плаче-вели претседателот на Исламската заедница Реџеп Али за емисијата „Срце на дланка“.
– Уште не ми се верува дека и до тука е стигната градбата на куќава. Им благодарам на хуманите граѓани, и знам дека постојат уште добронамерни души кои ќе ми помогнат да го оправам мојот дом-ја завршува својата животна приказна оваа напатена жена.
Сите што сакате да помогнете тоа можете да го направите преку жиро сметката 270700050084056 Халк банка или на телефонскиот број на Верица на 076/638612
Автор Оливера Петрушевска