18.8 C
Skopje
Saturday, April 20, 2024
spot_img

Бранко Попоски: Анксиозноста ме научи да се сакам повеќе

Анксиозноста за мене не е болест, туку состојба на умот и на телото и затоа со тек на времето може да се совлада и да станеш посилен од тоа што си бил. Од оваа гледна точка сега, можам да тврдам дека анксиозноста е победлива, вели во интервју за „Приказна“, Бранко Попоски, „акаунт“ директор и основач на блогот за храна.

ОД СНИМАЊЕТО НА ЕП.11

ПРИКАЗНА: Што прво те асоцираше дека имаш анксиозност?

Попоски: Се започна уште кога имав 18 години, кога не бев ни свесен што се случува со мојот мозок и телото. Почнав да чувствувам некои чудни работи, со кои претходно не сум се сретнал и запознал. Сето тоа траеше два до три месеци и се одлучив да побарам помош од мојата мајка која е медицинско лице и која со помош на совети, доста ми помогна. Тоа траеше околу една година, за потоа на мои 24 години, повторно да се сретнам со анксиозноста, која беше уште посилна.

ПРИКАЗНА: Кои беа симптомите кои најчесто се повторуваа?

Попоски: На почеток имав брзо биење на срцето, потење на рацете, голема главоболка и нормално несоницата, која што е еден од најчестите симптоми. Несоницата е мислам и еден од најчестите симптоми кога е во прашање анксиозноста, бидејќи ти се чувствуваш преморено, но не ти дозволува да заспиеш. Мозокот ти размислува за работи од кои се создаваат различни приказни, приказни кои прават одредена пресија во животот, која со текот на времето може да биде многу поголема, да избие во нешто многу посилно и за која ќе треба време да се победи. Анксиозноста за мене не е болест, туку состојба на умот и на телото и затоа со текот на времето може да се совлада и да станеш посилен од тоа што си бил. Од оваа гледна точка сега, можам да тврдам дека анксиозноста е победлива.

ПРИКАЗНА: Дали разговараше и со твоите пријатели? Како реагираа?

Попоски: Имам доста интересна приказна кога е пријателството во прашање. Пријателите многу ми помогнаа, посебно оние кои се од мојот поблизок круг, но сепак кога јас почнав да зборувам многу од нив веќе почнаа да се поистоветуваат со мојата приказна и да кажуваат дека и тие поминале низ ова искуство. Работите кои ги споделуваа со мене, доста ми помогнаа за да ги совладам дејствијата коишто ми се случуваа. За жал и сега, во 2021 година, морам да констатирам дека да се зборува на оваа тема и сè уште табу-тема во јавноста, но сепак ќе кажам дека многу треба да се има храброст да се зборува за ова, а причината за тоа е што дел од луѓето веднаш ќе ти кажат дека си болен, но јас имам една парола, а таа е „ти си доволен за победа“ и токму таа, мене доста ми помогна за победа.

ПРИКАЗНА: Кои се позитивните лекции кои ги совлада како начин да се справиш со анксиозноста?

Попоски: Ги има многу. Јас пред мои 4 години бев скроз друга личност. Се срамев да зборувам во јавност, пред камери, имав мала самодоверба, така да за работите кои ги совладав, претходно не ни размислував и не сум бил толку самокритичен. Самата анксиозност те прави да бидеш самокритична личност, бидејќи на еден начин ти дозволува сите негативни работи што ги имаш кај себе, на еден начин да ги победиш. Со самото тоа што ќе работиш на себе, ќе научиш како тоа треба да го направиш. Не бев активен спортски. Сега често знам да трчам, да одам на Водно. Така ја чистиш негативната енергија која ти се собира. Читањето на книги помага исто така многу, посебно оние напишани од мотивациски говорници, но сепак едно нешто на кое сум премногу горд е тоа штопреку оваа состојба научив да се сакам повеќе.

За Приказна,

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,280FansLike
2,917FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ