19.8 C
Skopje
Monday, September 16, 2024
spot_img

Бојан Кордалов: Во озборувањето не гледам ништо позитивно

Сè што е негативно во комуникацијата е водено од страв. Секоја промена која ја правите, пречката за да ја направиме промената е стравот. Причината зошто луѓето се одлучуваат понекогаш наместо да комуницираат со поддршка, со споделување со позитивен пример за некој друг нешто што прави, го бираат спротивното да кажат не знаеш ти што се случи, ништо не успеа, ова е лошо итн., вели комуникологот Бојан Кордалов.

Дали постојат позитивни и негативни озборувања?

Бојан Кордалов Македонија е обесхрабрувачко општество кога станува збор за комуникацијата и поддршката на луѓето кои сакаат да почнат нешто ново. Секој од нас се наоѓа во ситуација кога сака да се испроба во некоја професија, дејност, учење, активност.

Првата комуникација е како можеш, нели ти е страв, никој не успеал зарем ти ќе успееш … Сето тоа понатаму доведува до завист, озборување, страв да се преземат одредени работи и едноставно стоење во место. Во моментот кога стоите во место, плашејќи се да направите една најосновна работа која може да донесе задоволство, не е се во парите и веќе многу е полесно понатаму да ја барате комуникацијата преку задоволството, да зборувате за другите луѓе дека не успеале да направат повеќе од вас, само од причина што вие не одите и не се охрабрувате да одите чекор понатаму. Не знам дали во озборувањето може да најдеме позитивни страни, но во зборувањето за одредени личности од аспект на коментар за она што го прават а не за дискриминација, озборување кое е поврзано со физички изглед, тогаш се сложувам дека тоа е публицитет. Во озборувањето не би гледал никаква позитивна нота.

Што ги тера луѓето во комуникацијата да озборуваат?

Бојан Кордалов Стравот да напредуваат. Се’ што е негативно во комуникацијата е водено од страв. Секоја промена која ја правите, пречката за да ја направиме промената е стравот. Причината зошто луѓето се одлучуваат понекогаш наместо да комуницираат со поддршка, со споделување со позитивен пример за некој друг нешто што прави, го бираат спротивното да кажат не знаеш ти што се случи, ништо не успеа, ова е лошо итн.

Колку социјалните медиуми се гориво за озборувањето?

Бојан Кордалов Социјалните медиуми имаат два аспекти. Едната е огледалото на секој од нас. Секогаш кога сакаме да се видиме какви сме, треба да си ги видиме нашите канали и кориснички сметки на социјалните медиуми. Дури и кога не сме активни, тоа покажува колку сакаме да купиме информација а да не продадеме ништо. Кога се изразуваме лошо, тоа може да го прочитаме и видиме како тоа звучи.

Втората работа е тоа што тие даваат две можности. Едната можност е ние да се запознаеме со она што се случува со луѓето кои одлучуваме да ги следиме, а втората можност е да објавуваат фотографии и да создадат слика онаква каква што сакаат општеството да има за нив. Тоа не е работа само на инфлуенсери, тоа е работа на секој кој сака да се профилира на социјалните медиуми. Го објавувате она коешто сакате да биде впечаток за вас. Социјалните мрежи може да бидат одлично погонско гориво за озборување, но и гориво за мотивација. Што ќе избереме ние, да се мотивираме од добрите за нас примери, или да избереме да се демотивираме и заразиме со озборување на она кое не ни се допаѓа и ни го одзема вниманието. Секоја пропуштена шанса да се мотивираме е пропуштена шанса преку озборување.

Зошто луѓето имаат потреба да кажат јас озборувам, ама позитивно?

Бојан Кордалов Нема начин како да комуницирате користејќи озборување, а тоа да е позитивно. Ако вие користите аргументи за да искажете став, за одредена појава, за различно мислење, тоа не е озборување. Ако вие користите аргументи кои се однесуваат на физички изглед на човек, карактеристики, афери, разни работи кои се шепотат зад грб тогаш вие не можете да правите позитивно озборување.

Ако сте јавна личност која промовира заштита на животните, потреба од згрижување на кучиња и нивно непуштање на улица, ние да имаме различно мислење како да се дојде до тоа, односно да не се сложиме во целост со тоа, тогаш тоа е позитивно, но ако кажете како може таа да се занимава со тоа, нека се погледне себе, дали има семејство, деца … Вие веќе озборувате. Во првиот случај кога искажувате мислење како да се заштитат животните или како децата да бидат заштитени, вие кога разменувате став како да дојде до тоа давате придонес, но кога почнувате да ја карактеризирате личноста според ваш вредносен систем, дали исполнува критериуми, дали имала деца, каде се движела, како се облекувала вие не правите позитивно, напротив не зборувате на темата, ја дефокусирате темата и не правите ништо комуникациски добро кое ќе доведе до решение.

Дали озборувањето е потреба луѓето да се социјализираат?

Бојан Кордалов Британците имаат една изрека која вели секогаш започни да разговараш на тема време, како е времето. Секогаш можеш да зборуваш на тема време. Кога немаме што да комуницираме подобро да зборуваме за природата, за времето, актуелностите отколку за други луѓе. Ако другите луѓе се предмет на нашата комуникација, нема да остане време за нас и нашите потреби. Кога ќе си дојдеме дома и ќе се запрашаме зошто не сме среќни, дали ни е општеството виновно, политичарите, шефовите на работа, прво треба да се запрашаме што направивме за себе и дали го исполнивме времето комуницирајќи со нашите блиски и со себе за своите потреби или го исполнивме времето размислувајќи за сите околу нас дали правилно според нас ги со чистеле дворот или не им бил чист. Комуникацијата има насока да разведри, да мотивира.

Озборувањето е обесхрабрувачка комуникација која ги турка другите подолу од нашиот светоглед и ги прави помалку важни до нас, со самото тоа ние сметаме дека стануваме поважни. Ниту тие се помалку важни, ниту ние стануваме повеќе важни. Со позитивна комуникација може да се промениме и себе си и општеството. За да почнат промените, мора да почнат од врвот на пирамидата, а таму се оние кои имаат моќ а тоа се политичарите и институциите. Кога им велите на политичарите зошто имате црна кампања, ви велат немаме ние црна кампања, ние само кажуваме вистина за противниците.

Вие разбирате дека или не се разбира што значи лоша комуникација или свесно се игнорира. Кога во едно такво општество тие кои се креатори и спроводници на закон, не го почитуваат сето тоа многу е тешко самите луѓе да успеат да го променат општеството, колку и да се трудат. Затоа решението се бара во билет во еден правец. Каде и да отидете таа насмевка, комуникација со прашување како да ви се помогне, тој начин на комуникација кај нас го нема. Тука велите јас сакам да летам со падобран, ќе ти речат тоа е страшно. Тоа не уништува и не закопува како општество се подлабоко. Не прави општество на несреќни луѓе.

Ване Маркоски

 

 

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,656FansLike
3,312FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ