Дома Став Интервју Билјана Павлеска: Децата ги преоптоваруваме со курсеви и дополнителни активности, со што...

Билјана Павлеска: Децата ги преоптоваруваме со курсеви и дополнителни активности, со што им го ограничуваме слободното време

Во последно време премногу бараат родителите од сопствените деца. Кога разговараме на професионално ниво во однос на оние воннаставни активности на кои се обидуваат родителите да ги запишат децата, сметам дека се премногу некогаш, особено за децата од помала училишна возраст. Ги носат на курсеви, спортски активности, балет, играорни … Сето тоа е убаво и треба децата да одат, меѓутоа не целиот ден да им биде исполнет со дополнителни активности, вели во интервју за Приказна, Билјана Павлеска – педагог во ООУ „Владо Тасевски”.

Кои карактеристики ги има дете од училишна возраст за кое велиме дека е социјално интелигентно?

Билјана Павлеска Децата што имаа социјална интелигенција се особено интересни, ги обожуваме затоа што се тоа деца со изразени социјални вештини. Тие деца знаат да се дружат, знаат да почитуваат, имаа културни вредности, имаа развиена самопочит, имаат манири, сопствени ставови.

Која е улогата на училиштето во социјалниот развој на децата?

Билјана Павлеска Особено се трудиме да дојдат до израз воннаставните активности затоа што тука децата ги развиваат овие вештини. Ги вклучуваме децата во сите проекти кои ќе ги дознаеме, да може да соработуваме и со други земји. Така децата ќе видат и други културни вредности, ќе стекнат нови другарства, ќе разменуваат искуства. Така најмногу се развиваат тие социјални вештини.

Како ги советувате сите битни фактори за развојот на детето (родители, наставници, останатите служби во училиштето)? Дали сите заедно работите на развивање на социјалната интелигенција на децата?

Билјана Павлеска Тој триаголник уште од факултетските денови се потенцира и уште од тогаш не учат дека за да изградиме здрава детска личност, мора тој триаголник да функционира. Училиште, родител, наставник, стручни служби, без заедничка соработка, не може да се изгради една здрава воспитно – образовна личност. Се оди во заедничка соработка.

Доколку нешто почувствуваме, дека кај детето има проблем или не функционира во соработка со родителите тоа го решаваме, или ако гледаме дека кај детето има развиено високи социјални вештини, тие ги поттикнуваме, мотивираме со спортски активности, по повод патронат, по повод реализација на некои проекти и надвор од училиштето, детето уште повеќе спознава колку се неговите вредности големи. Ја градиме неговата самодоверба уште повеќе.

Дали родителот е модел за детето? Дали децата се наше огледало?

Билјана Павлеска Да, дефинитивно семејната средина е основата, базата за развој на секоја личност и иако родителите можеби не го знаат тоа ние можеме тоа да го процениме и знаеме кога нешто не функционира од каде потекнува сето тоа и која е причината за одредено однесување кај некое дете. И кај родителите, се трудиме да почувствуваат дека сме партнери и дека заеднички му мислиме добро на детето. Затоа и родителите велат дека училиштето е второ семејство. Голем дел од денот децата го поминуваат во училиште.

Дали децата прифаќаат и почитуваат општествени норми во училиште?

Билјана Павлеска Сметам дека во нашава средина сè уште се почитуваат тие општествени вредности, има развиена култура на однесување, ако некаде има влијание друга средина сакаме да му посочиме на детето каде греши и да го вратиме во нормален тек на животот.

Како се справувате со конфликти?

Билјана Павлеска Во последно време се застапени, факт е дека ги има, имаме голем број работилници во училиштето за ненасилство, за силеџиство, видеопрезентации на кои со примери им покажуваме како некаде нешто се случило, па да не биде лош пример. Има предавања, соработуваме со полициската станица Карпош, соработуваме со невладини организации, имаме работилници за развој на менталното здравје, за емоциите заедно со психологот, со специјалниот едукатор, имаме и социолог во училиштето. Тоа се тие начини на кои се обидуваме да им помогнеме на децата.

Дали училишните деца имаат изградена самоконтрола и самокритика?

Билјана Павлеска Сè почесто кај децата се забележува голема самодоверба, за разлика од порано. Има причини за тоа, особено во осмо и деветто одделение има изразена поголема самодоверба, па и самоконтрола, овие деца во оваа средина се обидуваат да ја канализираат и свесни се кога ќе згрешат, знаат да се извинат, се надевам и во повозрасните години истото ќе го прават и уште повеќе ќе ја надградуваат самодовербата и самоконтролата.

Документарен магазин Приказна

Дали родителите премногу бараат од децата?

Билјана Павлеска Да, во последно време премногу бараат родителите од сопствените деца. Кога разговараме на професионално ниво во однос на оние воннаставни активности на кои се обидуваат родителите да ги запишат децата, сметам дека се премногу некогаш особено за децата од помала училишна возраст. Ги носат на курсеви, спортски активности, балет, играорни … Сето тоа е убаво и треба децата да одат, меѓутоа не целиот ден да им биде исполнет со дополнителни активности.

Многу е важно и семејството да се собере дома, да поразговараат, да поминат голем дел заедно, да си кажат што се случува. За сè си има време и можност детето да дојде до израз и да ги истакне своите способности.

Многу често родителите грешат кога дополнително ги насочуваат кон приватни часови и со тоа ги мотивираат помалку да слушаат во училиште. Доколку детето е активно во училиште има можност да научи, со тоа што кога ќе се врати дома ќе повтори, ќе ја научи лекцијата и таа за следниот ден ќе биде совладана. Но, ако се преоптоварени и ограничени со времето, а сите сакаме слободно време.

Тоа е најскапото нешто што постои. Само така ќе може да им дојдат до израз нивните побарувања и желби. Ако го насочуваме на многу страни, ќе добиеме спротивен ефект.

Наташа Јанкулоска Торевска

Exit mobile version