Благодарение на социјалните мрежи успеавме да уловиме една инспиративна и уникатна приказна. Љубовта кон плетењето го создаде брендот на рачни изработки „А-Нитка“, кој се роди благодарение на вредните раце и креативноста на Анита Златкова. Анита има новинарски стаж зад себе, а во моментов, работи како франшизер за Хелен Дорон Центар.
Приказна Кој беше предизвикот за да се одлучите да подготвите плетени ташни? Што ве инспирираше?
Златкова Прв пат фатив игли за плетење, некаде на мои 10-11 години, и оттогаш тоа е една голема љубов и желба да се создава со свои раце. Радост по секое ново сплетено парче. Еден период, со доаѓањето на професионалните и семејните обврски, моето хоби ми остана во втор план.
Но, кога станав мајка и подоцна тетка, плетев за син ми и внуците капи, елечиња, чевлички. Но, тоа беше повремено и што би се рекло за своја душа.
Кога почна пандемијата со ковид-19 и додека седев дома почнав поинтензивно да плетам и тоа беа ќебенца, џемпери, комплети од шалови и капчиња. Фотографиите ги објавував на Фејсбук и Инстаграм, и пријателите кои ќе ги видеа почнаа повремено да ми порачуваат да им сплетам за нивните деца или за подарок.
А приказната со ташничките, конкретно, започна сосема случајно пред околу три месеци. Барајќи идеи за нови шеми за плетење капи и шалови, на интернет налетав на новиот моден тренд – ташни плетени од трикотажен конец. И бев нетрпелива да пробам да сплетам барем една. Првата сплетена ташна за мене беше тотално разочарување. По, природа сум голем перфекционист и сè што работам сакам да е совршено сработено. Иако блиските ме убедуваа дека е убава, јас не можев да се помирам зошто не изгледа онака како што замислив, па следниот ден ја расплетов (иако беше целосно завршена и сошиена) и одново ја плетев за да го добијам финалниот резултат со кој ќе сум задоволна.
Приказна Како научивте да плетите? Кој ви помогна да ги совладате техниките?
Златкова Често им кажувам на понеискусните-има плетење, кое се прави со две игли и хеклање, кое се работи со една игла, кај нас позната како чингелаќе. Да плетам ме научи баба ми по таткова страна, а да хеклам другата баба, односно мајката на мојата мајка. Ми се допаѓаа(т) и двата вида изработки, ама сепак хеклањето ми е поомилено.
Еден период од детството поради здравствени проблеми морав долго да лежам, и во тој период освен што многу читав (не само книги, ами и стрипови, за кои главни дилери ми беа братучед ми и една моја другарка, па денес со син ми се натпреваруваме кој повеќе знае за стрип јунаците •) туку почнав и поинтензивно да хеклам. Толку бев заразена со хеклањето што почнав да купувам и специјални списанија со шеми за хеклање. Што чаршафи и миленциња исплетов …
Името „А-Нитка“ го одбрала сосема случајно и од прва. Првата буква „А“ е од моето име – Анита, а вториот дел од името на брендот-„Нитка“ значи нишка, конец, што е основата на моите изработки и затоа е така напишано „А-Нитка“, вели Анита.
Приказна Како ги одбирате моделите, кои ги работите?
Златкова Некогаш изборот на модел е од нарачателите со кои се договараме и за други детали (боја, големина и т.н). Предизвик ми е да изработувам различни и нови модели, а не само еден. Со тек на време почнував и самата да создавам модели на ташни со комбинирање на различни плетки, материјали, додатоци и т.н.
Инаку идеи за модели најчесто наоѓам од интернет, од нови модни трендови, бидејќи особено последнава година може да се забележи како и најголемите модни брендови во своите колекции вклучуваат плетени ташни и други модни додатоци. И што е најинтересно, сработени се од ист материјал, ист начин на изработка, ама самото име на некој светски познат бренд им ја крева цената до вртоглави суми. Имаше многу убав напис на еден странски портал – „Како модната индустрија го украде плетењето од ракотворците“, што е неверојатна вистина.
Приказна Рачната изработка е предизвик да понудите уникатност. На кои жени им се обраќате со вашите уникатни ташни?
Златкова Јас повеќе сакам да кажам дека моите ташни се оригинални, а не уникатни, освен оние кои сама ги смислувам. Моите ташни се за сите жени и девојки кои ги сакаат рачните изработки и кои сакаат да се поинакви, бидејќи можат да изберат и порачаат да им изработам модел само по нивна замисла и желба. Така на пример една госпоѓа побара од мене да ѝ сплетам ташна во која ќе ги вметнам деталите кои ги имаше од нејзината омилена, но веќе стара, кожна ташна и беше пресреќна со крајниот производ.
Приказна Колку време ви е потребно за да ја изработите една ташна?
Златкова-Оние кои ме познаваат ќе ви кажат дека кога станува збор за хеклањето, имам проблем (хахаха). Кога ќе почнам да правам нешто не го оставам недовршено и сакам што побрзо да го видам крајниот резултат. Така што ми се случува да изработам ташна за, нецели, два дена. Но, таа моја нетрпеливост од друга страна има и мана, односно знае да заврши со оток на дланката или на мускулот на раката, трпнење во дланките, болка во рамото.
И ќе си речам, „ааа ова не го бидува, мора следениот пат полека да работам“ … Ама сето тоа го заборавам до следната ташничка. Особено ако треба да изработам некој нов модел.
Приказна Колку дигиталните алатки ви користат да комуницирате со своите потенцијални потрошувачи, но и да следите на глобалниот пазар лица кои изработуваат ваков тип ташни?
Златкова-Веќе споменав дека интернетот е главната алатка за следење на пазарот и трендовите. А секако и за комункација со потенцијалните потрошувачи. Денес само со еден клик веќе си до твоите заинтересирани купувачи. Фејсбук и Инстаграм засега се главните мрежи преку кои ги нудам производите и комуницирам со купувачите.
Приказна Каде можат да се најдат вашите изработки?
Златкова Засега само преку социјалните мрежи на мојата Фејсбук страна А-Нитка: плетени изработки и инстаграм профилот a_nitka_pleteniizrabotki.
За Приказна,
Вики Ч.