5.8 C
Skopje
Thursday, November 21, 2024
spot_img

Ана Јовковска: книгата ни овозможува да го оттурнеме стравот

Љубопитна и гладна за информации. Слободна, своја и искрена. Таа е новинарка и активистка, ТВ-водителка, специјалист за односи со јавност и промоција, тренер за комуникациски вештинии личен и професионален развој, активистка и хуманистка. Професионалец во својата работа, но и човек со големо срце. Ана Јовковска секогаш плени со својата широка насмевка од која како да зборува убавината која ја поседува. Во септември издаде две книги, со кои го збогати својот писателски опус: илустрираната книга за деца „До небото и назад“ и книгата „Сакам значи постојам“.

Можно е да е слика од Ana Jovkovska и стоење

Приказна Каков е вашиот ритуал за читање? Кога и што му читате на вашиот син?

Јовковска Нашиот ритуал за читање е поделен во два блока – утрински и вечерен. Моето дете станува многу рано и мојот ден почнува некаде околу 5 или 6 часот. Изгрејсонцето и будењето на денот го пречекуваме токму со книгите. А вечерниот ритуал, честопати го одложува спиењето, затоа што книгите просто му го стимулираат, му го будат љубопитството, па приказните некогаш немаат крај. Мислам дека е навистина клучно да ја всадиме љубовта кон книгите кај децата уште од најмала возраст.

Приказна Колку убавите навики за читање може да ја поттикнат љубовта кон книгите?

Јовковска Стекнувањето навика, односно подобро кажано стекнување љубов кон книгата е процес којшто ми се чини се култивира од најмали нозе кај децата. Моето четири и полгодишно дете е изложено на книги уште додека беше во мојот стомак. Уште тогаш сакав да имам чувство дека го разбира на некој интуитивен начин она што се обидував да му го пренесам преку светот на книгите. Потоа и кога беше бебе, приспивните ритуали ги правевме токму со детската литература. За жал, сметам дека имаме проблем во однос на квалитетот на детска литература кај нас. Проблематично е ова поле затоа што квантитетот не е оној којшто го носи квалитетот. Ова е една од областите во којашто можеби треба да ги зајакнеме механизмите, во однос на некаква детска продукција. Затоа и од неодамна се впуштив во една таква авантура, иако неколкупати одбивав да пишувам за деца. Ми се чинеше дека нема да успеам на тој најсуптилен, најесенцијален начин да им се обратам на најмалите читатели, бидејќи моето новинарско и писателско перо е навикнато на некакви други стилски механизми.

Приказна Што преферирате повеќе, книги во електронска или хартиена форма?

Јовковска Јас сум „стара школа“, сè уште ми е попривлечен мирисот на хартијата. Има некоја посебна радост кога ќе си купиш книга од книжарница. Најчесто избегнувам дигитален формат, освен кога морам да читам некоја стручна литература, конкретно за мојата последна публикација којашто ја подготвував, за еден академски труд. Просто, поради недостатокот на стручна литература кај нас на културолошки студии на Институтот за македонска литература бев принудена да се консултирам со книги во електронски формат. Меѓутоа, секогаш кога можам, кога читам за задоволство, гледам да е тоа книга на хартија. Можеби не е многу еколошки, но има некаква посебна магија.

Приказна Каде ја црпите инспирацијата за вашите книги?

Јовковска Мислам дека секој писател, секој автор што ќе биде прашан за она што го инспирира, ќе ви даде ист одговор – животот. Сè она што е околу мене, сè што ми предизвикува некаква болка, сè што ме радува. Мислам дека квалитетот на едно дело не е само во неговата интелектуална или спиритуална претенциозност, туку повеќе во емоционалната есенција. За мене едно дело мора да ја содржи онаа емотивна сочност за биде добро, за да биде искрено, да биде автентично, за да може на лесен начин да комуницира со читателите.

Емисија Приказна посветена на читањето

Приказна Сметате ли дека пандемијата ја врати убавината на навиките за читање?

Јовковска Пандемијата покрај сите негативни реперкусии што ни ги донесе, на некој начин нè натера да се свртиме малку кон себе. Не го коментирам балонот од негативности што го живееме последната година и повеќе, но ајде да видиме што е она што ни го даде како некаква предност. Тој интроспекциски метод кон самите себе, литературата токму тоа го бара. Да фрлиме поглед внатре, кон себе. Мислам дека оваа пандемска клаустофобија, така би ја нарекла, ни овозможи да се свртиме кон себе и на тој начин преку книгата да ги буткаме нашите граници. Овие физички граници кои сега пандемијата ни ги поставува сега, кои се страшни, кои го затвораат духот, книгата ни овозможува да ги турнеме преку новите светови што ни ги овозможува.

Приказна Дали со своите книги и колумни, сметате дека може да придонесете да општествени промени?

Јовковска Јас верувам, во спротивно не би можела да пишувам. Сакам да го извадам товарот од мене, како некоја ослободителна мантра, од една страна, а од друга страна пишувањето за мене е еден вид активизам. Тоа е начин да му се обратиш на светот, да споделиш нешто со другите, да размениш, двојна врска од којашто учиме еден од друг и мислам дека може да се отворат сериозно проблеми, без оглед на жанрот или стилот што го негувате.

Приказната за читање со Ана, не ја завршуваме тука. Знаеме дека делиме иста страст, љубовта кон книгите.

За Приказна

Бранкa Чочкова

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,724FansLike
3,383FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ