Александра Тасевска потекнува од Крушево. Живеела во Штип, а се омажила во Велес уште на 15 години. За жал, уште како многу мала доживува сообраќајна несреќа во која едвај останува жива. На возраст кога родител најмногу треба да му се посвети на своето дете и да разговара со него, таа ќе ја изгуби целата комуникација со родителите. За волја на вистината, дури и е избркана на улица, од семејниот дом на дванаесет години.
-Имав само 12 години кога родителите ме избркаа од дома. На улица се снаоѓав за парче леб. Имам уште една полусестра, која мојата мајка ја избрка од дома. Од тогаш животот ми стана пекол-започнува да ја раскажува Александра својата тешка животна приказна.
Од денот кога вратите од семејниот дом ќе и бидат затворени, за Александра се отвора живот полн проблеми. Па така, еден ден таа ќе биде киднапирана и 13 дена во стан од машка група, е силувана и малтретирана. Завршува извесно време во дом за деца без родители, па за да не заглави по домови, одлучува дека најдобро е да создаде семејство. На 15 години станува мајка, а детето веднаш и го одземаат родителите на сопругот, кои не и дозволуваат да го види. Таа болка кон чедото ќе и зададе нова сериозна болест – мозочен удар и неможност да се грижи за себе.
-Еден ден после училиште, група момци ме киднапираа и во стан врзана ме силуваа и тепаа 13 дена. Сè уште имам трауми од тој период. Веќе ништо не беше како порано. Среќа тринаесеттиот ден ме ставија во кола и некаде се упатија, па полиција не запре на автопат и ме спасија. Инаку којзнае што ќе се случеше. Од тогаш си реков нема спас за мене, мора да најдам чаре за да се спасам и преживеам. Па се омажив на 15 години. Не ни претпоставував што ќе ме чека во иднината. Сопругот и неговите родители ме малтретираа и бремена ме исфрлија на улица-вели таа.
Бремена и во солзи спие под железничката станица, каде ќе наиде нејзиниот ангел чувар, баба Цецка, која до пред една година ќе ја вдоми и ќе ѝ даде парче леб и покрив над глава, а нејзиното бебе ќе го сака како свое внуче. Но, тој безгрижен живот ќе трае само додека е таа жива. Па така, последнава година Александра освен без баба Цецка, повторно без приход, без работа, без храна, а за жал и без струја. Тоа ќе ја принуди на 10 јануари оваа година да се врати кај сопругот, кој дупло повеќе ќе ја тепа и малтретира и затоа ќе биде пријавен и во полиција.
-Додека бев бремена и плачев гладна и премрзната под железничката станица во Велес, се појави мојот ангел чувар. Ме фати за рака и ми рече, ќе дојдеш кај мене, јас ќе се грижам за тебе и за бебето. Така и беше, имавме многу убав живот, разбирање и прекрасни моменти. Го сакаше син ми Никола како вистинска баба. Но, тоа траеше додека беше жива. Кога не напушти, не напушти и безгрижниот живот. Јас повторно останав без приход и поддршка. Сега повторно преживувам со син ми. Плус секој момент е можно внуците на баба Цецка, да ме избркаат од станот во кој нема ни струја – додава Александра.






Никола е темпераментно момче приврзано за својата мајка. Но, како и секое дете се плаши од темнината со која секојдневно се соочува навечер. Тие преку ден ја полнат ламбата, за да може во најтемното, барем да си ги видат лицата. Но, нема спас за гладот и сиромаштијата која секој ден ја трпат и против која неуморно се борат. Сепак, најмногу се плашат да не останат повторно на улица.

-Со мама живееме во темница. Морам да читам додека е ден, зашто навечер осветлуваме со ламбата која преку ден полниме кај соседите. Многу се плашам од темнината-вели осумгодишниот син на Александра, Никола.
За ова семејство да може да продолжи да функционира и да има живот како порано, потребно е да се обединиме и да им помогнеме да создадат свој дом.
Тоа можете да го направите на следниот телефонски број 076/856882 или на оваа жиро-сметка300087079723027 Комерцијална банка
автор: Оливера Петрушевска