Мене ми е жал што стратегијата за високо образование во државата се делегира на квантитет. Во моментов имаме седум државни универзитети и 20 приватни акредитирани високообразовни институции. Во случајов Србија на пример има помалку со трипати поголемо население од нашето. Словенија исто така има три државни универзитети. Мислам дека треба да се размисли долгорочно што е потребно за развој на високото образование, вели во интревју за Приказна, Александар Николовски – претседател на Универзитетско студентско собрание на УКИМ
Што преземате во насока на подобрување на стандардот на студентите?
Александар Николовски – Она што првично го преземав кога дојдов на функција во ноември беше да воспоставам константна комуникација со институциите задолжени за подобрување на студентскиот стандард, а тоа се министерството за образование и наука, со директорот на државниот студентски дом Скопје и со претставниците студенти од студентските домови. Она што активно сега тече е реконструкцијата на студентските домови Стив Наумов и Кузман Јосифовски Питу проект од германската развојна банка. Во делот на мерката студентски оброк т.е. исхраната преземавме иницијатива за подобрување на менијата во студентските домови. Сега ќе тече постапка за избор на студентски совет во самите студентски домови, па потоа ќе работиме и на подобрување на менито.
Во однос на мерката студентски оброк до републичкото собрание поднесовме измена на законот за субвенциониран оброк кој се изгласа. Така што сега наместо дневно ниво оброкот ќе се исплаќа дневно, но средствата ќе се акумулираат до сабота. Во сабота ќе имаат 840 денари и ќе можат да испазарат поголема количина за да можат да си зготват во тековната недела. Во делот квалитет на студиите заедно со ректорската управа работиме на подобрување на квалитетот преку систем на квалитет и евалуација на професорите кој треба да стартува од месец март.
Ние како Универзитетско студентско собрание соработуваме со центарот за кариера преку кој сакаме да постигнеме и развој на кариерни неформални вештини на студентите, покрај теорискиот дел којшто го завршуваат професорите, да се вмрежиме со компаниите и да оствариме и неформален практичен дел на студентите. Тоа активно го работиме и со факултетските студентски собранија каде што им наложуваме да промовираат практична настава.
Останува превозот. Студентите во Скопје имаат бесплатен јавен превоз. Покрај тоа оваа година министерството за образование и наука дава ваучери за превоз, 1200 денари месечно субвенција за студентите кои доаѓаат од другите градови. И она што го инициравме е бесплатен превоз за втор и за трет циклус студии за студенти. Бидејќи сметаме дека и тие студенти треба да имаат бесплатен превоз.
Дали студентите ги знаат своите права?
Александар Николовски – Во делот на студентските права, она што направивме после четири години функционирање на Универзитетското студентско собрание конечно да направиме наша веб страна, морам да се пофалам. Кога ќе ја отворите веб-страницата во делот студентски правобранител покрај поле за пишување претставка каде што и да се прекршени студентските права студентите може да се обратат до правобранителот и покрај тоа се објавени и правата на студентите.
На кој начин им помагате да се унапреди студентскиот стандард?
Александар Николовски – Преку повеќе активности. Секојдневно имаме директна комуникација со студентите. Формиравме комуникациска група преку која комуницираме со студентите, тие ни се обраќаат, ги решаваме тековно проблемите. Има секакви прашања, ги упатуваме каде да се обратат доколку тоа не се однесува на нашата работа.
Во март ќе организираме интердисциплинарна студентска конференција во Охрид каде што ќе имаме 18 работилници за повеќе вештини и две панел дискусии на одредени општествени теми. Сметаме дека покрај дружбата, забавата и она што се вика студентски неформален активизам, треба да имаме и развојна критичка мисла во однос на креирање ставови на младите и зголемување на студентскиот активизам во сите општествени полиња.
Се спомнуваше зголемување на партиципацијата за студирање како тема на дискусија на ректорската управа. Каков е Вашиот став?
Александар Николовски – Претседателот на Универзитетското студентско собрание е член на ректорската управа, а дел од Универзитетското студентско собрание односно девет студенти се сенатори во сенатот на универзитетот. Фактички студентите учествуваат во работата на универзитетот, а студентите од факултетските студентски собранија се дел од деканатската управа и од наставно-научниот совет на сите факултети. Така што сите студенти беа запознаени со овој случај.
Она што првично беше дадено како информација дека на универзитетот за да се развие квалитет потребни сè повеќе финансиски средства. Бидејќи партиципацијата е од 2010 година 200 со 400 евра, покрај сите зголемувања за овие 14 години, партиципацијата е останата иста, а во делот на вложувања од страна на власта средствата се намалени во универзитетот. Ректорската управа дискутираше дека средствата треба да се зголемат за да имаме квалитет во високото образование.
Мене ми е жал што стратегијата за високо образование во државата се делегира на квантитет. Во моментов имаме седум државни универзитети и 20 приватни акредитирани високообразовни институции. Во случајов Србија на пример има помалку со трипати поголемо население од нашето. Словенија исто така има три државни универзитети. Мислам дека треба да се размисли долгорочно што е потребно за развој на високото образование.
Во делот на зголемување на партиципацијата би сакал да кажам дека беше побарано да се зголеми, но на товар на владата, не на студентите. Ние како Универзитетско студентско собрание се залагаме за бесплатно образование. Согласно праксата во сите земји од бивша Југославија, студентите на прв, а некаде и на втор циклус имаат бесплатно студирање. Може да проверите.
Почната е реконструкцијата на студентските домови?
Александар Николовски – Со проектот се предвидува реконструкција на девет студентски дома согласно договорот на МОН со Германската развојна банка, плус дополнителен фонд за енергетска ефикасност на сите студентски домови односно поставување сончеви колектори.
Во моментов тече проектот за Стив Наумов и за Кузман Јосифовски Питу во центар. Првата фаза трае 18 месеци. Значи за 17 месеци треба да очекуваме реконструирани два студентски дома. Ќе се зголеми и капацитетот на градот за вдомување студенти. Да не одат да плаќаат приватни станови. Така ќе се зголеми и студентскиот стандард. Понатаму остануваат другите седум низ повеќе градови во државата.
Има измени за субвенционираниот студентски оброк?
Александар Николовски – Субвенција значи додаток на одреден трошок. Субвенционираниот оброк не претставува мерка за тие 140 денари да покрие цел оброк, туку е само да му помогне да го намали трошокот за оброк. Јас апелирам до студентите да сфатат што значи мерката и дека со додатокот можат да јадат здрав и вкусен оброк. Во Словенија мерката е 3,80 евра и секојдневно доплаќаат минимум 4-5 евра за здрав оброк. Она што сега мерката го нуди е студентите да можат да купат сè и сешто.
Според мене тоа не е логично и не е добро бидејќи тие средства треба да се наменети за здрав оброк во текот на денот. Ние долгорочно ќе се залагаме за реформа во меркава. Ќе се овозможи преку совети со пратениците кои ја имаат донесено, студентите да ја користат мерката само за оброк. Колку тоа да звучи поразително и студентите да се лутат, мерката е донесена да се троши за оброк, а не за цигари, алкохол и за други останати средства.
Со какви предизвици се среќаваат студентите во овој период?
Александар Николовски – Доцнење на испрати, проблеми со некои системи, префрлање информации меѓу факултет и министерство за образование и наука, таму се најголемите битки што се водат. Ние како студенти од Универзитетското студентско собрание секојдневно имаме контакт со МОН. Имаме и комисија за студентски стандард. Во таа комисија секој од студентите има одредена надлежност за која мерка од МОН да комуницира вработен за таа мерка таму и потоа студентите да го контактираат за да си споделат информации што побрзо.
МОН досега не беше респонзивно на контакт телефоните коишто ги има објавено на веб-страницата и на мејловите. Јас лично имам пример лани имавме проблем со една студентка и испратив мејл и тоа до сите вработени и сè уште немам одговор. Ниту еден не ми врати. Мора лично да отидете. Тоа ги советуваме. Ако сакаат побрзо да добијат информација да одат лично. Секојдневно комуницираме со студентите што не било случај во минатото. Досега ова е најголема комуникација меѓу МОН и нас и меѓу нас и студентите.
Пред извесно време организиравте протест, причина беше доцнењето на исплатата на стипендии. Дали ја постигнавте целта?
Александар Николовски – Најголем дел од студентите стипендијата ја добија и пред протестот. Многу сме задоволни и среќни што студентите дојдоа на протестот. Во такви моменти на доцнење, кога некој ветува нешто, треба и да биде исполнето. Стипендиите ги добија утрото, а протестот беше закажан за во 14 часот. Сакавме да упатиме револт дека ние сме сè уште тука и дека се работи за нас, а не за фиктивни фигури во општеството. Навистина има студенти на кои им требаат средствата и ги чекаат и ако сме ветиле дека исплатата ќе биде на крај на јануари, не може да бидат на 5. февруари. Тоа беше моментот и се надевам дека во иднина со нашиот доставен календар на активности до МОН нема да има вакви доцнења следната академска година.
Наташа Јанкуловска Торевска