Дома Инспирација Александар Гачевски: Македонија секогаш имала добри пилоти, па затоа интересот и потенцијалот...

Александар Гачевски: Македонија секогаш имала добри пилоти, па затоа интересот и потенцијалот за успех со параглајдинг е голем

За Александар Гачевски летањето со параглајдер е страст што го води во животот. Во 2020 година тој оствари голем сон, го сруши македонскиот рекорд во летање со параглајдер. Успеа да прелета 147,6 км, а со тоа уште еднаш покажа дека овој спорт е безбеден, доколку се почитуваат сите правила.

Со параглајдинг се занимавам скоро 20 години. Тогаш бев на факултет и спортував и други спортови. Сплет на околности, параглајдингот ми се виде интересен, динамичен како мене. Сакам природа, велосипедизам, пешачење, раскажува Александар за Приказна.

Прво искуство со летањето ми беше лет во тандем, летав со друг пилот. Живеев во Кисела Вода, и кај Расадник доста често слетуваа параглајдерите, мене ми беше интересно и сакав да пробам некој ден. Повеќе го кажав како на шега на луѓето и ми понудија утредента да летаме. Така почнав тандем. Бидејќи ми се допадна, почнав и со обука. Со годините станав и инструктор, потоа дел од испитна комисијата, репрезентативец.

Во Македонија се случува вид ренесанса во однос на овој спорт, во смисла на поттикнувањето за летање, промовирање на Крушево како авантуристичка дестинација која е високо на светската параглајдерска мапа во однос на условите и квалитетот за летање, па да се надеваме дека државата уште повеќе ќе го искористи овој потенцијал.

Изминатите 20 години, секогаш имало добри пилоти, добри репрезентации кои учествувале на европско и светско првенство. Изминатите 5-6 години имаме формирано репрезентација од 4 члена кои учествуват на светски и европски првенства. Последното светско првенство во Франција, Македонија беше 3 место во светот во парагјадинг. Бевме на светско првенство во Аргентина, претходно имаше светско првенство во Крушево, европско во Ниш. Има доста активности и натпревари, смета Александар.

Малото француско гратче, Шаму-Сир-Желон беше местото каде македонското параглајдерство направи историски успех качувајќи се на подиумот на Светското првенство. Македонија настапи во состав, Мартин Јованоски, Дарко Станковски, Александар Гачевски и Ѓорѓи Ристовски. По двете одржани трки нашата репрезентација го освои третото место. Ова беше 18. Светско првенство во параглајдерство, на кое настапија натпреварувачи од 57 држави, а патот до учество не е воопшто лесен.

Како и во секој друг спорт, Македонија знаеме до каде стигнала, кога беше 4 во кошарка или некој друг голем успех, ова е огромен успех бидејќи учествуваа над 50 земји, учествуваат најдобрите пилоти. За да стигнеш да учествуваш на светско патот е голем. Ова нас ни успеа, бевме 4 место на европско минатата година и криво ни беше што за малку не бевме на подиум. Желбата ни се оствари во Франција оваа година, раскажува Гачевски. Патот не е лесен. Треба претходно да се направи солиден успех. Имаме во Крушево многу натпревари, на Балканот и во Европа. Треба да се соберат одреден број на поени за да ти имаш услов да учествуваш на светско.

Во Франција беше малку специфично за нас. Се лета на Алпски терен, кој ние го немаме во Македонија и искрено мислев дека ќе ни оди малку потешко, но брзо влеговме во шема, и се снајдовме. Во тие 2 недели додека траеше натпреварот бевме одлични, смета Александар.

Пред да одиме, анализиравме преку интернет. Бевме 3 дена пред почетокот на натпреварот, има и официјален тренинг ден каде што го запознаваш местото. Таму не се лета на едно место, се лета на различни места, додава Гачевски.

Документарен магазин Приказна

Наскоро очекуваме нови победи и изведувања од нашата параглајдинг репрезентација. Календарот со натпревари е веќе полн за следниов период. Но, за уште поголеми успеси и афирмација на нашата држава преку овој спорт, потребна е и поголема поддршка од државата.

Мислам дека има голем интерес особено во изминатите 7 години, имаме македонска параглајдинг лига на којашто редовно учествуваат натпреварувачи, луѓе кои активно сакаат да се натпреваруваат и да напредуваат во летањето. Слободните летачи кои не сакаат да се натпреваруваат, сигурно ги има стотина. Има интерес и бројот континуирано расте, смета Александар. Бевме примени од директорот на Агенција за млади и спорт, се надеваме дека ќе наидеме на разбирање од нивна страна.

Аплициравме со барање, согласно регулативата во Македонија. Очекуваме позитивен одговор од нивна страна и поддршка за следните натпревари, додава Гачевски.

Тој додава дека дали летањето ќе биде безбедно е летањето или небезбедно, зависи од нас. Ако ги направиме сите подготовки, да ја имаме цела опрема како што треба, да не е таа истрошена, без да правиме експерименти во воздух, да си играме со времето, да сме усогласени и ја следиме метео прогнозата се ќе биде во ред. За крај најави дека како репрезентација, следната година во ќе одат во Шпанија. Одиме на повеќе светски купови, 2025 одиме во Бразил и очекуваме да ја задржиме 3-тата позиција или да се качиме погоре на подиум, додава Александар.

Ване Маркоски

Exit mobile version