4.8 C
Skopje
Wednesday, November 30, 2022
spot_img

Јовица Апостоловски: Македонија има неискористен потенцијал за планински туризам

Не секој што ќе шутне е фудбалер, па така и не секој што ќе го видите на планина е планинар. Вистинскиот планинар треба да знае да направи правилен избор на облека и обувки. Топло препорачувам на секој кој сака да се оди во зимски услови, да посети обука во кој било планинарски клуб, бидејќи е многу поучно од аспект на безбедност, вели Јовица Апостоловски, претседател на планинарското друштво H2O

Кои се придобивките од планинарењето?

Јовица Апостоловски Има многу придобивки од планинарењето, и научно докажани и психофизички. Со самото тоа што планинарењето се одвива на отворено, имаме услови што влијаат на зацртаната цел, на пример на искачување на некој врв или негово симнување. Така што, карактерно пред сè јакнеме, а потоа со самата физичка активност, активираме голем број на мускули и го зацврстуваме телото.

Дали овој спорт е доволно развиен кај нас?

Јовица Апостоловски Планинарењето последните 2-3 години, доживува некоја експанзија, особено во периодот на короната, кога бевме сите затворени дома, па сакавме да излеземе некаде. Таа масовност можеби до некаде, оди во погрешен правец. Луѓето не се свесни дека планинарењето како спорт е многу опасен спорт. Планинарењето се одвива на отворено и не можеме да ги предвидиме условите кои ќе нè пречекаат. Има многу луѓе кои симнуваат од веб сервери патеки, па, мислат дека со помош на мобилниот уред ќе се движат на планина. Напротив, доаѓа период каде денот е намален, променливи се временските услови. На ниво на Македонија имаме регистрирано околу 3.300 планинари, во сите планинарски друштва.

Дали членувањето во планинарските клубови е важно од аспект на безбедноста на планинарите?

Јовица Апостоловски Јас не би рекол дека е клучно да бидеш член во некој клуб, но убаво е да се биде член, затоа што опкружувањето што ќе го добиеш се веќе изградени и искусни планинари. Планинарите се убави луѓе кои несебично споделуваат искуство со сите останати. Дружбата е загарантирана, но и безбедноста исто така. Затоа препорачуваме, младите планинари да се зачленат во планинарски друштва. Некои планинарски друштва обезбедуваат и здравствено осигурување со годишната членарина. Така што, придобивките од зачленување во планинарско друштво се големи.

Колку Македонија изобилува со убави планини и врвови за искачување?

Јовица Апостоловски Македонија во глобала е планинска земја. Има регистрирано преку 50 планини според Европската скала. Планина се смета за возвишение повисоко од 500 метри. Планините во Македонија се застапени од сите страни. Овие планини се питоми. Во Македонија има многу голем потенцијал за туризам. Жалосно е што не се искористени сите капацитети кај нас. Имаме над 40 врвови со над 2.500 метри, што за европски рамки спаѓаат во високи планини. Можеме да се категоризираме дека во Македонија имаме високи планини.

Дали ни се потребни повеќе вложувања во мапирање, планинарски домови? Дали ако се споредиме со регионот, ги следиме земјите или заостануваме?

Јовица Апостоловски Со нашата конфигурација на терен што ја имаме, не е доволно искористен. Треба повеќе помош, пред сè од државата, со изградба на сместувачки капацитети, како планинарски домови. Планинарските домови не се доволно искористени, тие се останати од времето. Доколку државата би помогнала со вложување во планинарски домови, и тие домови да бидат дадени на планинарски друштва, само да се одржуваат, сосема би била друга сликата за планинарењето кај нас. Понатаму, треба да се вложува во обележување на патеките.

На ниво на Федерација на планинарските спортови имаме комисија за обележување на патеки, но со средствата кои ги имаат, не се доволни. Треба да се вложи и во маркирање на патеките. Еден од проблемите е и обележувањето на врвовите. Многу малку врвови се обележани. Тука е поспецифично, шарпланинскиот масив и корабскиот, се на сама граница. Тука треба да бидат вклучени и МВР и МНР, бидејќи тоа е граница и не секој може да прави обележје. Имаме некој тренд, се ставаат знамиња коишто не се соодветни за нашата држава. Со самото тоа би се спречило и поставување на такви недефинирани обележја на врвовите. Со законски норми определено е како се обележуваат врвовите.

Дали наидувате на слух од државата за да е решат овие проблеми?

Јовица Апостоловски За жал, нема слух. Секогаш постојат меѓуинституционални проблеми и префрлување на вината. А штетата е на наш товар, на, планинарите. Убаво би било кога би се поедноставила процедурата, не мора на ниво на клубови, туку на ниво на Федерација. Таа да се вклучи во изготвување на обележувањето.

Што треба еден планинар да знае пред да тргне на пат?

Јовица Апостоловски Тоа е едно од клучните прашања. Кај нас планинарот како спортист, не е точно дефиниран. Не секој што ќе шутне е фудбалер, па така и не секој што ќе го видите на планина е планинар. Вистинскиот планинар треба да знае да направи правилен избор на облека и обувки. Понатаму, да знае да ги препознае местата каде се движи, да знае да пружи помош на настрадани.

Од кога постои друштвото, кои се планирани активности за овој период?

Јовица Апостоловски Планинарско спортско друштво PSK H2O постои 39 години. Пред тоа бевме Макпетрол, а сега сме со ново име. Го одржуваме континуитетот и се трудиме сите водичи кои сме во клубот да го пренесеме и задржиме истиот квалитет, како што нас ни ги пренеле оние планинари кои веќе се во поодминати години. Мислам дека сме на добар пат.

Главна цел ни е безбедно омасовување на планинарењето. Секој планинар кај нас, се трудиме да го обучиме да стане вистински планинар. Во зимскиот временски период, изборот на планински врвови зависи и од учесниците. Имаме и сериозни искачувања и надвор од нашите граници, односно секое излегување надвор над 4000 метри, претставува зимско искачување. За таа цел, за да ги подготвиме учесниците за зима, 10 години наназад во јануари организираме зимска школа. Таа опфаќа работни станици каде прикажуваме теоретски, па потоа и практично кои се помагала и опрема ги користиме за искачување во зимски услови. Досега имаме обучено преку 450 планинари. Топло препорачувам на секој кој сака да се оди во зимски услови, да посети обука во кој било планинарски клуб, бидејќи е многу поучно од аспект на безбедност.

Документарен магазин Приказна

Доволен ли е бројот на планински водичи?

Јовица Апостоловски Во Македонија имаме за лесни летни патеки, регистрирано 115 водичи, а за зимски услови 23 планинарски водичи. Таа бројка секоја година ја зголемуваме. Се полага за стекнување на лиценца за планинарски водич, и од година в година, заинтересираноста е сè поголема. Би дал апел до туристичките агенции да ги користат овие ресурси. Не може секој да носи луѓе на планина. Планинарските водичи треба да се користат затоа што тие луѓе се посветиле на спортот, полагале, добиле вештини и искуство, и многу побезбедно е да се користат.

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,818FansLike
1,514FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ