15.8 C
Skopje
Saturday, October 1, 2022
spot_img

Штериева: Жените се похрабри во менаџирање на парите

Банкарството е дејност кое изобилува со жени. Не би можеле да кажеме дека има многу бариери за влез на жените во оваа дејност. Повеќе од 80 проценти од вработените во банкарскиот сектор се жени и навистина тоа е една област во која жените можат професионално да се развиваат, да се докажуваат и да напредуваат. Пред извесно време ние правевме една анализа за учество на жените во органите на управување на банките и од 18 членки во македонската банкарска асоцијација, кај 11 членки имаме жени во управните одбори, а кај 14 има жени – членки на надзорните одбори. Впрочем, 32,5 проценти се жени членки на управните одбори на банките, но ако се земе предвид дека повеќе од 80 проценти се жени вработени, тогаш овој процент од 30 отсто е релативно мал, вели во интервју за Приказна, Д-р Маја Стевкова Штериева претседателката на Македонската банкарска Асоцијација.

Приказна Постојат ли квоти како поттикнувачки механизам за еднаквост?

Стевкова Штериева Во банкарството нема формални квоти за учество во органите за управување, што значи дека сите овие жени коишто се наоѓаат во управните и во надзорните одбори се докажале помеѓу мажите колеги мажите конкуренти во управувачките структури за да дојдат и на овие позиции. Практично, пред 10-15 години, колку што јас се сеќавам имавме само една жена директор на банка. Сега имаме и гувернерка жена иако во моменталната поставеност претседатели на управни одбори се само две жени. Значи, сè уште жените не учествуваат толку многу во врвните позиции, оние кои ги креираат стратегиите на банките. Како и да е, банкарството е сектор во којшто жените можат да се развиваат и професионално да ја изградат својата кариера.

Можно е да е слика од 1 лице, седи и внатре
Д-р Маја Стевкова Штериева претседателката на Македонската банкарска Асоцијација

Приказна: Кои се политиките за мотивирање на млади жени да се занимаваат со банкарство?

Стевкова Штериева Генерално нема политики, се предвидува воведување на квоти за учество во органи на управување. Тоа е во рамки на кодексите за корпоративно управување, којшто е во процес на изготвување којшто се однесува за акционерски друштва, за среќа, сите банки се акционерски друштва. Фактот што досега немаше квоти во банкарскиот сектор, а жените доаѓаа на раководни позиции, покажува дека секоја жена која ќе се најде во оваа област ќе има можност за напредување, секако повеќе споредено со некои други дејности.

Приказна: Дали жените лидери полесно носат одлуки и преземаат ризици?

Стевкова Штериева Повеќе мислам дека во делот на банкарството, бидејќи е дејност во која изобилуваат ризиците, жените се покажуваат поумешни во управувањето со ризиците и во менаџирањето на тоа носење храбра, но со избалансиран ризик одлука. Некогаш е лесно да се носат одлуки, за луѓе особено што работат таква работа, коишто имаат искуство. Најтешка одлука е да не донесеш одлука никаква или да ја развлекуваш, но не е добро ни кога непромислено ќе донесете одлука.

Кај жените се покажало, дури и од научни истражувања, дека генерално подобро управуваат со ризиците и дека подобро ги балансираат ризиците. Во таа смисла, можеби и одлуките коишто ги носат се попретпазливи. Мое лично мислење е дека треба да има поизбалансиран однос меѓу мажите и жените бидејќи секој пол дава свој придонес во развојот. Искуството ми покажува дека жените се понаклонети да ги анализираат предметите, но повторно тоа зависи од искуството, од личните карактеристики, склоноста колку брзо ќе ја донесе одлуката и каква ќе биде таа одлука.

Можно е да е слика од 1 лице, седи и внатре
Д-р Маја Стевкова Штериева претседателката на Македонската банкарска Асоцијација

Приказна: Дали пандемијата го продлабочи јазот?

Стевкова Штериева Мислам дека не. Родовиот јаз, не само во банкарството, не е поврзан само со пандемијата. Јас во текот на пандемијата, не видов некоја значајна разлика. Иако жените за жал, повеќе дома чуваа деца, бидејќи мерките беа дадени така да дел од децата не можеа да одат во градинка, во училишта, па некој требаше да ги чува, а тоа најчесто беа жените.

Изминатиот период ни покажа дека жените се спремни да се жртвуваат, како и впрочем многу често во животот, истовремено да балансираат со работата од дома и грижата за децата. По некое време, откако успеаја да се справат со организацијата на работењето, живеењето и чувањето деца, дел од нив практично признаа дека е многу голем товарот на истовремено чување деца и работа од дома.

Емисија Приказна посветена на жените во банкарскиот сектор

Приказна Каде го лоцирате проблемот со родовиот јаз?

Стевкова Штериева Проблемот на родова нееднаквост кај нас, пред сè би рекла дека потекнува од семејството, од општите перцепции. Децата се учат за односот кон жената од најмали. Јас многу верувам во имитацијата како облик на социјално учење. Децата го прават тоа што го гледаат дома. Па така, тие ќе добијат насока да се однесуваат онака како што имале прилика да видат претходно, односно својот однос ќе го градат благодарение на веќе доживеаниот односот на таткото кон мајката.

Морам да нагласам дека банкарството е една област во која мажите колеги имаат една почит кон жените.

Приказна Постои ли сексизам и дискриминација кон жените?

Стевкова Штериева Сè уште има сексистички пристап кон одредени прашања. Неодамна, ова би сакала да го споделам, ме погоди на некој начин. Видов натпис на некоја од мрежите, во којшто сопственикот на порталот, којшто не е неук, натписот што се однесуваше за продажбата на компанијата Групер, го имаше насловено „Нина-цуро фина“ итн.

Првата моја реакција беше, не навлегувам во содржината, дали ако беше Дарко, Жарко или друг некој, дали ословувањето ќе беше со „дечко“ или со таков некој назив. Мислам навистина беше поразително, бидејќи тоа е праќање на порака и не зборуваме за коментари на Фејсбук и сл., туку зборуваме за напис на портал којшто праќа една грда слика за односот кон една жена.

Приказна Каква е состојба на жените како корисници на банкарски услуги?

Стевкова Штериева Видете, нашето општество, традиционално и наследено од претходниот систем на општествено уредување, никогаш во тој поглед не правел разлика меѓу мажите и жените, споредено со некои европски земји каде жените не можеле ниту сметка во банка да отворат без присуство на сопругот или на партнерот.

Тука жените секогаш имале еднаков третман во тој поглед, така што жените лесно можат да отвораат сметки, да имаат кредитни картички, да дојдат до каков било тип на кредит што е во делот на лично задолжување. Исто жените лесно можат и како претприемачи да се појават во банка. Ние практично не правиме разлика доколку дојде жена која има фирма што е бонитетна и која има добар проект. За нас е сосема сеедно дали барателот на кредитот ќе биде маж или жена доколку компанијата е доброи ако проектот кој треба да го поддржиме со тој кредит е добар.

За Приказна

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,649FansLike
1,467FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ