15.8 C
Skopje
Friday, September 30, 2022
spot_img

Тешка битка на Ица од Штип: едвај прехранува ќерка со попреченост

Ица Сарпанова од Штип е мајка на дете со попреченост. Веќе четири децении се бори со сериозната дијагноза на Кристина, но, и со тешките предизвици и искушенија кои животот и ги сервира. Додека бил сопругот жив, храбро се бореле. Биле едно цело. Биле сиот живот на Кристина. Денес, Ица и Кристина се сами, со минимални средства, а некогаш и без нив.

Ица потекнува од село Софилари. Но, поголемиот дел од животот го поминала во Штип каде пред 50 години со мажи со Димитар. Имале совршен брак. Складно и со разбирање, ги делеле брачните обврски. Сè додека животот не одлучи дека треба да ја стави на тест нивната издржливост и сила, па, пред 38 години на свет им ја носи Кристина, која се раѓа како дете со нормален развој, но, денес е дете попреченост.

Маката ќе го натера ова семејство да замине во Германија, за да бара спас за своето чедо. Но, после 6 години, Германското Министерство за здравство по сугестија од Македонската сродна институција, им го укинува азилот и го враќа семејството во Македонија, со образложение дека и во матичната земја има услови лекување на лица со дијагноза како на Кристина. Тоа ќе биде и моментот кога напредокот на состојбата на Кристина ќе застане. Денес таа буквално е билка зависна од грижата на мајка и. Пред една година, уште една трагедија надвиснува над семејството. Ица ја губи и најголемата потпора во животот, сопругот Димитар, а со тоа и помошта околу Кристина.

– -Порано работев и имавме одличен живот како семејство. Но, состојбата на ќерка ми Кристина се влоши, па заминавме за Германија. Таму Кристина напредуваше, да останевме можеби досега ќе беше и на нозе. Но, еден ден тамошното Министерството за здравство испрати телеграма дали да останеме или има услови за лекување на ќерка ми во Македонија. Одговорот од Македонија беше дека треба да се вратиме, и тоа е најголемата пресуда за животот на моето дете. Тешки години минавме со сопругот обидувајќи се да ја подигнеме и застанеме на нозе. Но, како растеше, тука немаше услови за нејзина рехабилитација. Од лани сопругот се разболе и умре, па, сиот товар околу Кристина, денес е на мене. Пред да умре само ми рече: „Чувај ми ја Кристина и ги затвори очите“-вели Ица за својот живот.

Последната година Ица е сама и многу очајна. Не смее да се разболи, вели, зашто нема кому да ја остави Кристина. Нема мирен сон, нема ниту мирен ден. И тежи и тоа што Кристина тагува за татко и, и одбива да јаде и пие. Но, нема потешко вели таа, кога и на вака казнето од Бога дете, нема средства да му обезбеди храна и огрев, а камоли да и купи нешто за да ја израдува.

– Нема ден, а, Кристина да не го побара татко и. Многу беа поврзани. Го бара кога се буди, го бара кога доаѓа од дневниот центар. Не сака ниту да јаде ниту да пие. Со лажица ја терам барем малку да јаде за да не се разболи дополнително-додава Ица.

Да може да го врати времето, чинам Ица никогаш не би се вратила во родната земја, аи на овие години таа е подготвена уште утре со детето да замине некаде во странство. Со нејзината сериозна влошена здравствена состојба, вели, уште долго нема да може да издржи. После неа, последна станица за Кристина е Центарот во Демир Капија, каде грижата е на занемарливо ниво. Па затоа животна желба е и во Штип да се отвори Дневен центар како што има низ западните држави, каде децата со посебни потреби би биле згрижени 24 часа.

– Многу тешко живееме. Сами оставени на себе. Со минималните средства, едвај плаќаме сметки, еве снемува дрва, а каде е храната и потребите на Кристина. Понекогаш пријателки од странство ми испраќаат по некој денар за да и купам нешто на ќерка ми. Но, не смеам да се разболам, а, веќе сум во години. Едвај се грижам за неа. Едвај ја бањам, облекувам. Ако одам во болница, кому ќе ја оставам? Со кого ќе остане утре кога ќе заминам од овој свет?! Најголемата желба ми е да се отвори дневен центар, каде 24 часа лицата како ќерка ми и другите би седеле и би добивале нега и внимание-вели Ица.

Истата желба ја има и Зоран Мијалков, пријател на ова семејство, и, еден од основачите на движењето „5 до 12“, кој исто така има деца со попреченост и кој се залага за отворање на ваков центар, но, за жал наидува на отпор.

– Кој би имал подобра можност за да работи во ваков центар, отколку ние кои секојдневно се бориме за правата на ваквите деца-вели тој.

Сите што сакате да помогнете на ова семејство, тоа можете да го направите на овој број 077/569568 или на трансакциската сметка 210501703895744 НЛБ Банка

Автор Оливера Петрушевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,649FansLike
1,467FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ