Татјана Стојановска важи за една од најубавите и најпопуларните телевизиски презентерки кај нас. Со богата кариера зад себе, таа припаѓа на генерацијата на спикери која успеа да го зачува аманетот на нивните учители од времето кога пред сè во Македонската радио-телевизија, секој спикер, водител, новинар, мораше да ги научи, а потоа и да ги надградува основните работи за негување на мајчиниот јазик, време кога со работа, посебно во медиумите, се почнуваше постепено, за да „учителите“ бидат сигурни дека по нивното пензионирање, негувањето на мајчиниот јазик ќе остане врвен приоритет на секое младо медиумско лице, бидејќи одговорноста кон својот литературен јазик, како што вели Татјана е голема.
ПРИКАЗНА: Какви беа вашите почетоци? Дали тогаш се внимаваше на правоговорот во медиумите?
СТОЈАНОВСКА: Јас со оваа професија почнав многу млада, на 17 или 18 години, секако со неколку месечна обука во МРТ, пред да почнам да работам, прво како најавувач на програма, па потоа и ангажманот во утринската програма. Имав можност да учам од доајените на македонското презентерство, така што се одеше чекор по чекор, не беше ништо избрзано.
Јас како ученик доста внимавав на литературниот јазик, во училиште секогаш учествував во различни секции, приредби и од тогаш ја носам во себе таа дарба и тој талент за почитување на мајчиниот јазик, за добра дикција, акцент итн. Но, сепак мора да кажам дека настапот пред камера е доста поразличен, па затоа ги учевме тие техники на дишење, техники и совладување на говор за пред камера. Се внимаваше и се даваше големо внимание на акцентирањето, дикцијата, интонацијата, на почитувањето на македонскиот литературен јазик. Тогаш јас како млад човек, иако сум внимавала и претходно, влегов со таа екипа, во тоа време во медиумите, кога навистина се почитуваше јазикот и изговорот на екранот.
ПРИКАЗНА: Зошто е важно негувањето на македонскиот литературен јазик?
СТОЈАНОВСКА:Сметам дека за нашата професија е многу важно. Водители, презентери, луѓе кои се обраќаат на јавноста, тоа се тие кои негувањето на литературниот јазик го имаат како задача и обврска, како нешто кое мораат да го прават.
Навистина сум внимавала и кога ќе сум направела грешка, самата сум била свесна за тоа, односно корективот во мене секогаш постоел и велам дека на некој начин ние сме оние коишто ги учиме младите генерации, ги учиме сите луѓе да говорат литературно. Ние се обраќаме на една широка публика, не следат и нашинците во странство, па така со нашето говорење влијаеме децата да го научат подобро нашиот јазик.
ПРИКАЗНА: Каде најмногу грешиме во негувањето на македонскиот литературен јазик?
СТОЈАНОВСКА: Најмногу грешиме во акцентирањето. Пример за тоа се политичарите, а мора да ги споменам, бидејќи и тие се јавни личности кои креираат јавно мислење и влијаат на младината, затоа и тие треба да внимаваат како говорат. Јас имам забележано, не знам зошто е тоа така, но со српското акцентирање кај нас имаат проблем сите политичари. Нема политичар кој би можела да го издвојам за кој ќе речам дека правилно акцентира. Затоа ова нека биде апел до нив, повеќе да внимаваат, затоа што и тие се јавни личности.
ПРИКАЗНА: Дали работите може да тргнат кон подобро? Можеме ли да го вратиме македонскиот литературен јазик таму каде што припаѓа?
СТОЈАНОВСКА: Основата на почитувањето на мајчиниот јазик е уште од мали нозе. Што повеќе децата од мали нозе читаат литература, толку повеќе се едуцирани за правилниот изговор и правопис.
Затоа препорака до сите оние коишто сакаат да го градат и да го почитуваат македонскиот литературен јазик, до родителите, до повозрасните, да ги тераат децата да читаат, бидејќи само така ќе се описменат.
За Приказна,
Ване Маркоски