8.8 C
Skopje
Tuesday, October 22, 2024
spot_img

Тажната приказна на Слободанка: по смртта на синот, времето ми е вечност

Слободанка Каранфиловска е самохрана мајка. Помош немала од никој. Долги години живееле во социјален стан без тоалет и бања. Живееле со минималната пензија што таа ја зела. Но, додека биле заедно со синот, имала сè. Но, и Спасе немал среќа во животот, зашто каде и да тропнел за работа, вратите му биле затворани. Само трската, рибата, сонцето, и реката биле местото, каде можел да биде смирен, среќен и горд што е роден под ова небо. Еден ден стресовите и грижите ќе му накалемат сериозна болест и тој умира пред очите на својата мајка. Денес, Слободанка сама и осамена сè уште ја мириса облеката на чедото. Ги разгледува сликите. Ја чува трската и опремата за на риба. Само така е поблиску до Спасе. Сирота нема пари ниту споменик да му направи.

Слободанка потекнува од Велешкото село, Грнчиште. Млада се мажи во Демир Капија и го раѓа единственото чедо-Спасе. Но, како жртва на семејно насилство, го напушта сопругот, и бидејќи добива социјален стан се сели со детето во Градско. Спасе не успеал да се снајде и вработи за да го олесни нивниот живот. Се разболува од сериозна болест. Слободанка, и денес живее таму, во тешки услови, со минимална пензија, сама и без никој свој.

– Млада одлучив дека сама ќе го гледам синот, зашто насилството од сопругот кој пиеше, не се трпеше. Еден роднина ми помогна да земам социјален стан во Градско, и така започна мојата нова животна приказна. Но, кој да знае дека во црнила ќе се развива истата. Никогаш не се премажив само заради синот, да не му го нарушам мирот. Сиот живот му го посветив. Јас работев во оранжериите, а Спаско, никогаш не успеа да се вработи. Тоа мислам му ја донесе и болеста подоцна. Секирациите и нервозите го разболеа. Многу добро дете беше. Им помагаше на сите. Немаше кој не го знае. Обожаваше риболов и дури од Скопје доаѓаа луѓе кај него – започнува со солзи да раскажува оваа напатена жена.

Бог некогаш најтешките битки ги чува за најхрабрите. Спасе храбро се борел во војна и се вратил здрав и жив од таму, но, не успеал да ја извојува најсериозната битка-битката со животот. Ниеден родител не треба да надживее дете.

– Толку беше силен синот мој. Ја преживеа војната во Вуковар, но, не успеа да ја преживее болеста која го уби. Многу беше разочаран и тажен, зашто не може да ми помогне финансиски. Се чувствуваше беспомошен. Еден ден падна зад зграда и не можеше да стане. Го однесоа во болница и за три недели умре. Дадов пари да го избричат и облечат. Ништо не му направиле. Така го закопав. Му ставив само едно залче банана во устата и го ставив под земја. Од шок заборавив трската и ранецот за по риба, да му ги пратам со него. Додека не отидам кај него, нема да го прежалам-плачејќи раскажува оваа тажна мајка.

Откако го нема Спасе, не поминало многу време. Но, за Слободанка тоа време е вечност. Вечност се деновите за оваа несреќна мајка која место срце сега како да носи камен меѓу гради. Зашто ниту еден збор, ниту едно дело, ниту една утеха не се доволни да се намали болката од загуба на најмилото. И, како да е сето тоа малку, па, денес таа живее во долгови, прогонувана е од извршители, во деновите е со мислите кон Спасе, а, во ноќите под свеќи, се моли да и дојде на сон за да може макар на кратко да го види чедото.

– Комшиите ми велат дека само плачам. А што да правам? Што ми останува во животот. Едвај живеам. Шест месеци не сум вклучила телевизор. Јадам малку без апетит. Живеам во темница. Немам струја веќе подолго време. Перам на раце со ладна вода. Во тоалет морам да одам надвор од зградава. Се бањам во корито. Ете, во овој век во какви услови живеам јас на овие години. Прстите ми се искривија од ладната вода. Не знам што е машина и бојлер. Не барам ништо. Малку барем овој живот самотен што ми преостанува да ми биде полесен. Извршител се занимава со мојот долг. Не стигнува од пензијата се да платам да купам. Што да правам. Не можам да се снајдам.-вели Слободанка.

Оваа тажна мајка ќе рече веќе нема волја за живот.

Цела ноќ не спијам. Се си мислам Спасе ми тропа, ќе дојде, ќе се врати. За Прочка бев да му запалам свеќа. Му реков мама се ти простува, но, и го замолив да ми прости што нема да можам да го преболам додека не се споиме повторно заедно на оној свет-завршува тетка Слободанка.

Сите што сакате да и помогнете на Слободанка, тоа можете да го направите на телефонскиот број 076/ 879 946 или на следната жиро-сметка 300277113777632

Автор

Оливера Петрушевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,687FansLike
3,355FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ