33.8 C
Skopje
Tuesday, June 28, 2022
spot_img

Стефан Смиљаноски: Да ги научиме децата, дигиталните алатки да ги користат за развивање вештини и знаење, наместо игри по цел ден

Кога веќе децата поминуваат значително време пред екран, нам како возрасни ни преостанува да им го направиме тоа време попродуктивно, покорисно, наместо да гледаме дека тоа време е непотребно потрошено. Низ светот веќе има голем број на апликации за мобилни телефони, преку кои децата низ игра учат да кодираат, па на тој начин од мала возраст, почнуваат да ги развиваат тие вештини, вели маркетинг директорот на едукативниот центар Брејнстер, Стефан Смиљаноски во интервју за Приказна

Приказна Дали нашата земја ги следи трендовите кои ги наметнува дигиталната трансформација?

Стефан Смиљаноски Пред пандемијатата, можам да кажам дека значително заостанувавме. Но, она што се случи со пандемијата не натера сите, и бизнисите и државата, да видиме колку дигиталната трансформација е важна. Ми се чини дека изминативе две години, направивме голем напредок. Можеби да не се случеше пандемијата, ќе го реализиравме тоа за 10 години. Мислам дека тој процес се забрза. Секако, има уште многу за работа, додека стигнеме до некое ниво, но можам да кажам дека веќе создаваме некои навики на тема дигитална трансформација.

Приказна Колку социјалните медиуми креираат нови навики и дали поттикнаа нови работни позиции?

Стефан Социјалните медиуми од нивната појава пред 15 години, до овој момент, го сменија начинот на кој купуваме, комуницираме, начинот на којшто учиме и дефинитивно, начинот на којшто работиме.

Со вклучувањето на социјалните медиуми во секојдневниот живот, дефинитивно се отвори можноста и потребата од професионалци пред сè во визуелната интеракција и во комуникацијата, како графички дизајнери, специјалисти за социјални медиуми, кои на компаниите ќе им овозможат преку социјалните медиуми да ги запознаат и да им бидат достапни на потенцијалните купувачи.

Приказна Што покажуваат вашите анализи? Што младите најмногу сакаат да учат?

Стефан Младите и тука и во светот се заинтересирани за ИТ и дигитални професии, кои и на локално и на глобално ниво, не запираат со побарувачката. Тука ќе ги споменам графичките дизајнери, „UХ“ дизајнерите, дигиталните маркетери, програмерите, специјалистите за „data science“ односно за напредна обработка на податоци. Би сакал да потенцирам, дека ние во Бреинстер на ова пол, посветуваме силен фокус посветуваме, затоа што покрај техничките знаења, што одат во овие професии, многу важен е и еден друг сегмент на вештини, особено меките вештини и способноста за тимска работа, за аналитичко и критичко размислување, за решавање на проблеми, за агилност, за соработка. Покрај тоа, поради тоа што овие технологии и професии се менуваат многу динамично и многу често, многу е важна способноста и подготвеноста за континуирано т.е. доживотно учење и надоградба на вештините.

Приказна Зошто е потребна дигитализација во образованието?

Стефан Живееме во дигитализиран свет, каде сè поголем дел од нашето секојдневие и нашите животи се посветени на дигиталните области. Тука можат да се најдат многу информации. Морам да нагласам дека квантитетот на тие информации го намалува квалитетот, поради што дигитализацијата и дигиталната писменост се важни во образованието. Утре кога луѓето ќе излезат од тој образовен процес, треба да знаат како подобро да ги сегментираат и како подобро да се насочуваат низ сите тие информации, кои им се достапни.

Приказна Кои се придобивките од дигитализацијата?

Стефан Поголема флексибилност, поголема достапност, персонализирана патека за учење за секој поединец, одговорност. Ние мора да имаме во вид дека сè се следи и мери, можеме јасно да видиме што е добро и треба да продолжиме да го правиме, што не е толку добро и треба да го промениме. Луѓето учат во еден дигитализиран образовен процес. Нивните вештини, нивниот начин на размислување и работа е многу важен за индустриите.

Приказна Дигиталното време наметнува процес на постојано учење. Како тука се надополнуваат формалното и неформалното образование?

Стефан Целта и замислата на формалното образование, кое почнува многу рано во животот на еден човек, е да постави една добра основа, темел за развиток на знаењето и вештините на една индивидуа.

Неформалното образование потоа е надополнување за да се одговори на сите тие динамични и чести промени, да му се овозможи на секој човек да ги надградува тие вештини и да стекнува нови вештини, и покрај тоа што веќе го комплетирал тој процес на формално образование.

Приказна Како да станеме дигитално писмени и одговорни во поглед на користење на дигиталните алатки?

Стефан Со континуирано учење, со фокус, со желба за експериментирање и цел за осознавање на дигиталните процеси на долг рок.

Документарен магазин Приказна на тема дигитализација во образованието

Приказна Како да ги научиме децата дека дигиталните алатки можат да се користат за вештини и знаења наместо да бидат само алатки за игри?

Стефан Сметам дека најдобриот начин е преку спојување на едното и другото. Кога веќе децата поминуваат значително време пред екран, нам како возрасни ни преостанува да им го направиме тоа време попродуктивно, покорисно, наместо да гледаме дека тоа време е непотребно потрошено.

Низ светот веќе има голем број на апликации за мобилни телефони, преку кои децата низ игра учат да кодираат, па на тој начин од мала возраст, почнуваат да ги развиваат тие вештини.

За Приказна

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,476FansLike
1,414FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ