15.8 C
Skopje
Thursday, May 26, 2022
spot_img

Социјалните мрежи и децата: Со кои стравови сме соочени како родители

Со развојот на технологиите, интернетот и потребата за постојана комуникација со пријателите се наметна потребата за користење на социјалните мрежи. Овие алатки ги користат родителите, но и децата од различна возраст. Социјалните мрежи се дел од нашето секојдневие, но честопати го запоставуваме моментот дека токму социјалните мрежи, покрај нивната примарна улога да претставуваат можност за комуникација со пријатели, споделување фотографии, интереси, можат да бидат извор на сајбер насилство, страв, вознемиреност, стрес, зависност.

Јас долго време работам на целиот концепт на насилство, меѓутоа со зголемување на присутноста на интернет, посебно во овој период на пандемијата, се зголемува и „сајбер силеџиството“. Ако се запрашаме што подразбираме под електронско насилство, тука имаме голем број на одговори којшто ни доаѓаат како бура на идеи, меѓутоа првото нешто што го карактеризира овој вид на насилство е етикетирање на социјалните медиуми, потоа злоупотреба на фотографии, злоупотреба на кориснички мејл адреси, омаловажување на лицата, споделување на фотографии којшто ние сме ги споделиле со некого … Ова е навидум, една првична категоризација на „сајбер“ насилство, изјави проф. д-р Софија Георгиевска за Приказна

проф.Софија Георгиевска

Наједноставен пример за насилство врз деца преку интернет или со паметен телефон е кога некој ќе земе лична, компромитирачка слика од дете и преку мобилен телефон ја испраќа до сите. Заканувачките или понижувачките текстуални пораки од електронска пошта или мобилен телефон анонимно се испраќаат и се дистрибуираат до сите.

Според проф. Софија Георгиевска, родителите ја имаат клучната улога. Но, не само родителите, туку и останатите фактори на социјализација, како што се и наставниците, меѓутоа родителите се тие, барем по дефиниција, кои најмногу време поминуваат со своите деца и тие се првите кои треба да ги забележат промените кои настанале и кај детето жртва и кај детето насилник. За ова прашање јас ќе почнам обратно, односно прво од детето коешто го врши насилството. Како родителите да го забележат тоа? Многу често децата коишто вршат електронско насилство, не се ни свесни дека тоа е насилство, па затоа тука треба повеќе внимание да се обрне во наставните содржини да се вметнат вакви предметни програми коишто ќе говорат за тоа дека уште од мали нозе ние треба да бидеме свесни што е насилство, а што не, додава проф. Георгиевска.

Мора да го имаме предвид и фактот дека детето кое е жртва на насилство, многу често станува насилник. Таков е и случајот и со сајбер насилството. Практично оние деца на кои не секогаш им се задоволени потребите дома, почнувајќи од потребата за важност, којашто треба родителот да му ја даде, со валоризирање на неговите успеси на пример, токму тоа се децата кои посегнуваат по насилство, користејќи го омаловажувањето на другиот како издувен вентил, смета проф. д-р Софија Георгиевска

Ако детето доживее сајбер малтретирање, пожелно е родителот веднаш да пружи поддршка и внимание. Во пракса добро се покажува кога родителот му споделува на детето некое слично искуство од неговото детство, може само да придонесе детето да се почувствува помалку осамено при вакво искуство. Добро би било и да му се укаже на детето дека не е тоа самото виновно за она што се случило, туку го карактеризира оној што се наоѓа од спротивната страна, а не и жртвата во случајот, изјави психологот Јасмина Трајановска во интервју за Приказна.

Јасмина Трајановска, психолог

Мислењата за користење на социјалните мрежи од страна на децата се поделени. Во прилог наведуваме некои податоци што мислат тинејџерите за актуелните социјалните мрежи, а што нивните родители.

  1. Инстаграм – е супер за споделување на сите добри работи кои сакаш да ги покажеш. Добар е за забава, за гледање забавни видеа или следење на славни личности и инфлуенсери, велат тинејџерите. За разлика од нив пораката на родителите е: внимавајте на профилите кои вашите деца ги следат. Постојат бројни профили со непристојна содржина. Следете ги вашите тинејџери и нивните пријатели. Повеќето родители го одобруваат користењето на оваа социјална мрежа, но за повозрасните тинејџери.
  2. ТикТок – стана популарен по неговата музичка – видео содржина. Доколку тинејџерите се родители, дефинитивно ТикТок е мрежата која тие би ја одобриле. Родителите пак, не се премногу воодушевени од содржините на оваа мрежа, пред сè поради заводничките танци, облека и непристојни предизвици. На оваа мрежа иако постои опција за контрола на апликацијата, сепак родителите не ја препорачуваат.
  3. Снепчет – тинејџерите ја користат оваа социјална мрежа поради можноста за испраќање порака, како и интересните и забавни филтри. За жал, зголемена е детската порнографија на оваа мрежа, изјавуваат тинејџерите. Приватноста на „Снепчет“ не е загарантирана. Секој може да ги види вашето „стори“. Според родителите, оваа мрежа тинејџерите ја користат за праќање на фотографии кои за неколку секунди исчезнуваат. Она што се заборава е можноста да се преземе нивната фотографија, па потоа, таа да биде понатаму злоупотребена и испратена низ светот. Дефинитивно и родителите и тинејџерите се едногласни за да не се употребува на оваа мрежа.
  4. Фејсбук – според тинејџерите оваа мрежа е мрежа за повозрасни лица. Според некои истражувања, безбедноста на Фејсбук е лоша. Иако вашиот профил може да биде приватен, сепак апликацијата ја следи вашата локација, камера и сл. Иако можеби овие причини се за маркетинг цели, сепак родителите не би ја препорачале оваа мрежа за своите тинејџери.
  5. Твитер – иако не е најпопуларен кај тинејџерите, оние кои го користат тоа го прават за следење на некои од славните личности. Тинејџерите и родителите се едногласни кога станува збор за Твитер, односно не се за негово користење.
  6. Јутјуб – оваа мрежа е одлична можност да дознаете како се користат бројни препарати за убавина, па се до безброј совети за храна, вежби, игри, видеоспотови и сл. Со оглед на фактот што Јутјуб има контрола која на родителите им овозможува пристап до содржините кои ги гледаат, оваа мрежа ја одобруваат.

Дали го одобрувате користењето на социјалните мрежи од страна на вашите деца?

Линк до емисијата посветена на сајбер насилство

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,391FansLike
1,403FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ