16.8 C
Skopje
Saturday, October 5, 2024
spot_img

Софија Георгиевска: Формулата за среќа вели дека 50% од среќата е наследна

Проф. д-р Софија Георгиевска и доц. д-р Фросина Денкова-Зафировска го изработија првото истражување за среќа, спроведено во Македонија. Податоците од нашето истражување укажуваат на тоа дека мажите се посреќни, но има разлика во профилот на мажи кои себеси се доживуваат како среќни, а како најсреќни се оценуваат оние мажи кои се вработени, вежбаат, се грижат за своето здравје, мажите кои живеат во градови до 100.000 жители, и кои се во врска или брак. Посреќни се жените кои живеат во поголеми градови, кои вежбаат еднаш неделно, кои се во брак или врска, но и оние жени кои имаат домашно милениче, сподели за Приказна, проф. д-р Софија Георгиевска

Докумантарен магазин Приказна на тема среќа

Приказна: Колку сме среќни?

Георгиевска Истражувањето кое беше направено, беше спроведено во времето на пандемијата, па можеби оттука прашањето би било: дали пандемијата нè направи посреќни, што претставува среќа и колку навистина одредени работи променивме во овие 2 години, во поглед на начинот на однесување и размислување, да станеме посреќни или посвесни за животот. Имено, ако можам да проценам на скала од 1 до 10, нашите граѓани се проценуваат на скала од 6 дека се среќни, од околу 1000 лица, што веројатно говори за тоа дека сме среќни над просекот.

Приказна: Каков е соодносот помеѓу мажи-жени?

Георгиевска Ако земеме во светски рамки, разликата е минимална, за 1% во светски рамки жените се посреќни. Од друга страна, податоците од нашето истражување укажуваат на тоа дека мажите се посреќни, но има разлика во профилот на мажи кои себеси се доживуваат како среќни, а како најсреќни се оценуваат оние мажи кои се вработени, вежбаат, се грижат за своето здравје, мажите кои живеат во градови до 100.000 жители, и кои се во врска или брак.

Посреќни се жените кои живеат во поголеми градови, кои вежбаат еднаш неделно, кои се во брак или врска, но и оние жени кои имаат домашно милениче.

Приказна: Различни се убедувањата како некој ја перципира среќата, што е среќата?

Георгиевска Постои формула за среќа. Имено, многу е важно дека среќата како концепт е проучувана уште во времето на Античка Грција, но во последно време сè повеќе се зборува за среќата, Во минатото психолозите имаа задача од стадиум на болест да го донесат едно лице во стадиум на здравје, односно од-10 да го донесат во ситуација на 0. Денес, се’ повеќе психолози се стремат да стигнат во ситуација од 0 до 10. Тоа би значело дека сакаме повеќе да работиме на својата среќа, на своето ментално здравје, и кога ќе се прашаме што претставува среќата, најголем дел на истражувањата велат дека тоа е давањето на смисла на животот, односно многу посреќни се лицата чии животи имаат смисла. Формулата за среќа вели дека 50% од среќата е наследна, зависи од воспитувањето на нашите родители, 10% зависи од околината или средината во која живееме, додека пак 40% зависи од активностите кои ние ги практикуваме.

Приказна: Во последно време сè почесто сме сведоци на различни мотивациски говорници, кој ни укажуваат дека не е судбината таму некаде, туку ние ја менуваме со нашите одлуки. Има ли вистинитост?

Георгиевска Точно така, ние сме тие кои треба да промениме нешто кај нас самите, со цел да си го збогатиме животот и да бидеме посреќни. Психолозите велат, среќни лица се оние лица кои знаат да бидат благодарни за сè што им се случува, знаат и сакаат да помагаат, односно оние лица кои му даваат смисла на животот. Ние можеби ќе се родиме како оптимисти или песимисти, од тоа можеби ќе зависи во некој процент нашата среќа, но што дополнително ќе правиме ќе зависи каде ќе се искачиме на скалата од 0 до 10.

Интересно е тоа што кога луѓето ќе почнат да се занимаваат со овој концепт на среќа и ќе почнат да посветуваат курсеви, да водат дневник за среќа и разни техники кои се препорачани за тоа како да посветуваме внимание и да бидеме посреќни, после извесно време ако претходно на скалата на задоволство на животот се оцениле на повисоко, после извесен период како да се проценуваат пониско. Тоа се должи на тоа што, пред да почнеме со процесот на работа на себе, можеби сите сметаме дека сме среќни или сакаме да се прикажеме пред очите на другите дека сме среќни, па кога ќе почнеме да работиме на тој концепт на среќа, некако како да сфаќаме дека не сме биле толку високо на таа скала.

Приказна: Колку позитивната психологија може да нè поттикне да учиме како да го трасираме патот да бидеме среќни?

Георгиевска Јас за жал, сметам дека пирамидата на Маслов каде што на почетокот се задоволување на биолошките потреби, а на самиот врв е потребата за самоактуализација, некако во последно време како да е свртена обратно, и сите ние како да трчаме по потребата од самоактуализација, и како да забораваме на биолошките потреби, потребата за сигурност, за емоционалната припадност.

Веројатно брзиот начин на живот и промените кои се случуваа придонесоа повеќе да го бараме својот престиж или самозадоволство или подобра јавна слика, и поради тоа сметам дека пандемијата придонесе повеќе да се свртиме кон семејството, кон тоа што ни се случува дома, дури и кон самите себеси, а помалку да се насочиме кон надвор и како ќе се прикажеме надвор. Сметам дека тоа придонесе да се зголеми среќата кај секој од нас. Иако периодов кој измина термини кои најчесто ги слушавме беа страв, пандемија, стрес, изолација многу често го слушавме и зборот ментално здравје што за многумина е табу термин, но сметам дека периодов некако научивме како да работиме на нашето ментално здравје, бидејќи е предуслов за среќа.

Приказна: Дали парите се пречка или нешто што позитивно влијае на дефинирање на среќата кај многумина?

Георгиевска Ако тргнеме од онаа дефиниција дека парите не ја прават среќата, јас се согласувам дека не ја прават, но се предуслов за добар начин на живот. Во светот има бројни истражувања кои укажуваат на тоа дека лицата кои се збогатиле преку ноќ, коишто добиле лотарија, таа еуфорија им трае околу година дена, а потоа се враќаат на стадиум во кој биле претходно, па дури и во полош.

Најголем дел на процент од луѓето кои имаат пари веројатно и поголем дел од својот ден го поминуваат на работа, од друга страна во она тркало на животот, парите и работата ни се на највисоко ниво, меѓутоа тука веројатно си го скратуваме времето за себе, за семејството, за пријателите, а тоа пак дополнително влијае да го намалиме квалитетот на живот во однос на другите сегменти. Така што, многу важно е да знаеме што во моментот ни претставува приоритет, и што е тоа што во моментот ќе биде клуч за мојата среќа.

Приказна: Колку социјалните мрежи влијаат на перцепцијата за среќа?

Георгиевска Социјалните мрежи имаат две страни. Од една страна тие знаат да ни бидат извор на стрес, среќа, од друга страна ние како лица кои сакаме да работиме на себе, добро е да си поставиме граница колку време ќе посветиме на примање информации од страна на медиумите. Социјалните мрежи претставуваат простор каде сакаме да се покажеме во едно социјално пожелно светло.

Во човековата природа е да сакаме секогаш другите не перципираат како среќни, успешни задоволни, иако не секогаш сме такви. Друг момент кој е важен, е дека социјалните мрежи поседуваат алатки и апликации кои пак се поврзани со тоа колку можеме да работиме на менталното здравје и на среќата.

Се смета дека социјалните мрежи се поврзани со хормонот на среќа, па секој лајк или преглед на видео го лачи ендорфинот кој пак е поврзан со среќата кај нас, така што веројатно треба сами да направиме селекција што ќе примаме како информација, од кој медиум и колку време, или пак дали истите ќе ги користиме да си го унапредиме сопственото здравје.

За Приказна,

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,683FansLike
3,356FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ