4.8 C
Skopje
Wednesday, November 30, 2022
spot_img

Славјанка Петровска: Етикетирањата на жените, водат кон насилство

„Јас бев предмет на напади и тоа во голем дел беа лични напади врз основа на мојот изглед, начинот на облекување. Тие веројатно имаа една единствена цел – а, тоа беше да ме демотивираат да продолжам по патот по кој сум започнала да одам. Како што гледате и после осум месеци од почетокот на тие напади, јас сè уште сум на истата позиција и не се колебам што сум тука. Им благодарам на сите добронамерни критичари и јавно и приватно кои ми даваат сугестии не само во поглед на моето однесување и облекување, меѓутоа и во поглед на работата, затоа што целта на секој од нас е да се стремиме да бидеме подобри во тоа што го работиме, а секогаш за добрите критики има доволно простор. Но, нападите ми беа изненадување затоа што на оваа позиција, очекував дека ќе дискутираме за критиките за начинот на кој што раководам со Министерството, за политиките кои ги водам и процесите кои се одвиваат, а не за нешто што јас лично го сметам за споредно“, изјави за Приказна, министерката за одбрана Славјанка Петровска.

Дали жените во јавната сфера се изложени на сексизам, мизогинија, дискриминација?

Петровска И во 21 век и во 2022 година кога зборуваме за жените и нивната позиција во општеството, заклучокот е дека да, се изложени. Она што особено е значајно и важно е како сите ние се однесуваме во општеството, односно дали таквите однесувања ќе ги прифатиме, или ќе ги осудиме.

Без разлика дали станува збор за нас жените, или сите во едно општество, треба да настапиме со осудување. Без оглед на тоа дали предмет на вакви етикетирања се жените во политиката или жените во која било друга сфера од општеството, едноставно за некои појави не смее да има простор.

На прво, можеби звучи дека само нè критикуваат заради тоа што сме жени, меѓутоа таквиот тип на појави како сексизам и дискриминација, можат да предизвикаат и други несакани појави. Многу често гледаме дека тие предизвикуваат насилство врз жените. Мора да бидеме гласни во осудувањата и да бидеме обединети во борбата против ваквите појави.

Како ги доживеавте личните напади врз вас?

Петровска Мора да признаам дека не ми беше сеедно со сите тие напади, не би ги нарекла критики. Критиките се добро намерни, јас барем така ги разбирам, и секој еден човек што решава да се занимава со јавен живот, без разлика дали е политика или нешто друго, треба да биде спремен дека ќе постојат критики.

Јас бев предмет на напади и во голем дел, беа лични нападите, врз основа на мојот изглед, начинот на облекување, итн. Па и веројатно со една цел, да ме демотивираат да продолжам по патот, по кој сум започнала да одам. И по 8 месеци, јас сум уште на истата позиција, не се колебам за тоа што сум тука и немам намера. Се разбира критиките кои ги имаше и беа добронамерни, јас ги прифатив. Им благодарам на тие критичари, и јавно и приватно коишто ми даваа определени сугестии, не само за моето однесување и облекување, меѓутоа и во поглед на работата, затоа што целта на секој еден од нас е да се стремиме да бидеме подобри во тоа што го работиме. Па и затоа, секогаш за добрите критики има доволно простор.

Нападите ми беа изненадување, затоа што кога се нафатив на оваа функција, очекував дека ќе дискутираме за политиките, за начинот на кој раководам со министерството, за политиките кои ги водам и процесите кои се одвиваат, а не за нешто што јас лично, го сметам како споредно.

Дали солидарноста на жените помага за надминување?

Петровска Апсолутно да. Иако од моја страна не беше поттикнато, меѓутоа во одреден период тие напади станаа и примитивни и неиздржани. Голем број на жени кои не ги ни познавам, се обединија во гласноста да зборуваат и да ги осудат таквите напади. Јас им благодарам на сите, затоа што тогаш сфатив дека не сум само министерка, сама оставена, туку општеството гледа што се случува.

Ние жените знаеме да се обединиме и помагаме меѓу себе.

Дали политичарки се повеќе изложени на критика од мажите кога е во прашање јавниот живот?

Петровска Ќе кажам да, многу повеќе се предмет. Најверојатно на мажите им пречи што навлегуваме во сите сфери од живеењето и се истакнуваме повеќе во просторот за којшто до поодамна, сметале дека е исклучиво машка професија.

Денес, професиите не ги делиме на машки и женски туку нам, жените не има буквално секаде. Тоа не е заради тоа што сакаме да освојуваме нечија територија, туку затоа што сметаме дека имаме доволно капацитет и квалитети кои треба да ги покажеме, и да помогнеме во општественото живеење.

Документарен магазин Приказна

Вие сте втора жена-министерка за одбрана. Кога Македонија ќе биде подготвена за жена премиер или претседател?

Петровска Мојата претходничка веројатно ја разби табу темата дека министер за одбрана не може да биде жена. Таа се вбројува како една од поуспешните министри за одбрана во нашата држава.

Имаме некој кој има капацитет да биде премиер или претседател. За овие 30 години независност, многу жени покажаа дека имаат доволно квалитети и успешно се водат со позициите кои ги имале и имаат сè уште и со тоа даваат надеж дека жените не се само квота во општеството. Јас сум убедена дека нашите граѓани, одлуките на изборите, без разлика дали се претседателски, парламентарни, локални, се помалку ќе ги носат на тоа дали некој кандидат е жена или маж, туку ќе бидат уверени во неговите или нејзините квалитети.

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,817FansLike
1,514FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ