15.8 C
Skopje
Friday, September 30, 2022
spot_img

Не се предавајте: Славчо Апостолов успеа, од 230 килограми сега има 86 килограми!

Славчо Апостолов целиот свој живот се борел со дебелината, поради што бил жртва на навреди постојано. Утехата по навредите за жал, повторно ја барал во храната. Пред неколку години ја запознава љубовта на својот живот, која го прифаќа Славчо токму таков каков што е. Не и пречело дека е гојазен, иако сите кога ги гледале заедно, ги исмејувале. Љубовта не познава граници и убаво е што ваква љубов има и на јаве, а не само во приказните.

Поради проблемите кои ги создава дебелината, Славчо бара спас во операцијата со скратување на желудникот. Зафатот го прави во 2019 година, кога заминува на операција во Турција. Операцијата минува тешко, а уште потешко заздравувањето на овој храбар човек.

Една година после операцијата, тој се бореше со нов проблем. Вишокот кожа, која беше неопходно да биде отстранета од неговите нозе, кои беа болни, отечени, поради што беше оневозможен со нозете да има нормална моторика.

Здравјето пак му е загрозено, болките неподносливи, ама желбата да успее, беше силна. Требаше да замине во Турција на нова операција за отстранување на вишокот кожа која чинеше шест илјади евра. Здравјето му зависеше од тие пари. Таа сума за Славчо кој зема минимална плата и живее прескромно колку да преживее, беше само сон.

Тој нема избор, па одлучува да се јави во емисијата „Срце на дланка“ со апел да му помогнеме.

Откако јавноста беше запознаена со неговата приказна, му помогна, но минимално. Крикот на Славчо го препознава директорот на Клиниката за хирургија во Скопје која ги извршува ваквите зафати.

– Запознаен сум со твојот проблем. Утре можеш да дојдеш и да почнеме со испитувањата и подготовките за операција, го известува Славчо. Овој миг е почеток на новата етапа во животот на Славчо.

Операција поминува успешно. Волјата на Славчо да успее е поголема од секоја болка.

– Живеам втор живот. Не знам како сум живеел досега со толкава тежина и толку вишок кожа на мене. Преполовен сум и убаво ми е во сопственото тело. Сакам да го заборавам ранливиот пат кој го изодев и ќе го сторам тоа, но сакам и да ги охрабрам сите кои имаат ист проблем како мојот. Борете се, не се откажувајте и не слушајте што ќе кажат другите.

– Сè уште ми е тешко но верувам во иднината и знам дека ќе успеам. Пост-оперативно морам да правам редовни купки, преврски кои мене ми се голем расход и понекогаш немам пари за да купам сè, но се снаоѓам и барам помош на социјалните мрежи кога не можам да си дозволам и кога останувам без пари. Но, горд сум што од 230 килограми дојдов до 86 килограми. Ништо нема да ме разубеди и предомисли и понатаму да се борам за моето здравје.

– Не се предавајте. Ако ви треба каква било помош за проблем како мојот, можете да ме консултирате во кое било време. Ќе го споделам своето искуство со сите, зашто сакам да ги направам луѓето среќни, а, и јас ќе се трудам да ја задржам насмевката што сега ја имам.

Автор Оливера Петрушевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,649FansLike
1,467FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ