12.8 C
Skopje
Thursday, June 1, 2023
spot_img

Славица Божиновска: медиумите не се грижат доволно за мајчиниот јазик

Славица Божиновска е еден од доајените на македонското спикерство. Со својата професија како спикер во МРТ, почнува далечната 1983 година, тогаш заедно со луѓе кои важат за столбови на македонското спикерство, како што се Ленче Смилевска, Розета Арсова, Катерина Намичева, Благоја Крстевски… Нема кој не се сеќава на нејзиниот милозвучен глас, правилното акцентирање, дикцијата, културата на говор, правилното држење. Беа тоа мигови од радиото и телевизијата кога беше невозможно човек да остане рамнодушен, слушајќи Македонско радио или гледајќи Македонска телевизија. Денес остануваат вредни спомените кои на новите генерации медиумски работници, токму оваа плејада на спикери од МРТ ги остави како аманет, укажувајќи дека љубовта, почитта и негувањето на својот мајчин јазик е суштината на оваа професија.

Во ред е да се погреши, но младите треба да прашаат, да се поправат, да вежбаат, како ние што сме правеле, никој не дошол научен, нели? Порано имаше школа што ја држеа Благоја Крстевски, Лилјана Крстева, Оливера Поп Анкова, Иван Антонов, тоа беа бардовите на Македонската телевизија и јас се гордеам што сум учела од нив и сум работела со нив, вели во интервју за „Приказна“, Славица Божиновска.

ПРИКАЗНА: Колку во минатото се посветуваше внимание на правоговорот, особено од спикерите?

БОЖИНОВСКА: Јас ќе го кажам мојот пример. Дојдов во МРТ и прво работев во радио три години. На почетокот само слушав кој како чита, каква дикција има, имавме вежби за говор, вежби за дишење.

Кога ми дадоа само еднаш да прочитам „означивме точно 15 часот“, тоа за мене беше како не знам каква голема работа да се случила. Значи така почнувавме, помалку и после тоа ќе ти дадат една реченица, после тоа две минути вести, па три минути вести. Јас имав проблем со акцентите и ми требаше долго време да ги усовршам акцентите. Сега веќе толку многу ми пречи кога ќе слушнам некој како греши.

Во ред е да се погреши, но младите треба да прашаат, да се поправат, да вежбаат, како ние што сме правеле, никој не дошол научен, нели? Порано имаше школа што ја држеа Благоја Крстевски, Лилјана Крстева, Оливера Поп Анкова, Иван Антонов, тоа беа бардовите на Македонската телевизија и јас се гордеам што сум учела од нив и сум работела со нив.

ПРИКАЗНА: Зошто денес имаме толку ниско ниво на култура на говор и правоговор?

БОЖИНОВСКА: Не сакам да обвинам никого, но приватните медиуми ни ја девалвираа професијата. На почетокот отидоа сите од МТВ и тоа беше во ред. Потоа почнаа да примаат секој и секого, со говорни маани, со дијалекти. Значи стандардниот македонски јазик мора да се употребува кога говориме јавно и нема тука отстапки. Дали е парламент, радио, телевизија, портали, тоа не е важно.

Еве еден пример од денес, каде прочитав „куќни миленици“, а ние имаме толку убав збор „домашни“. Единствено денес, можам да кажам дека Македонската телевизија држи ниво и мислам дека е престиж за тие што работат тука, бидејќи тука се работи професионално. Јас не сум работела во приватен медиум, не сакам никого да навредам, но не се води доволно грижа за мајчиниот јазик.

ПРИКАЗНА: Може ли да се врати правоговорот таму каде што припаѓаше некогаш?

БОЖИНОВСКА: Правоговорот и правописот мора да се вежбаат. Излез има секако. Треба само добра волја. Кај нас имаше некои обиди, доаѓа студенти, јас работев со нив, колешката Ленче исто така, но младите некако немаат волја и престанаа да доаѓаат. Ќе повторам, излез има, но треба малку волја и тоа е тоа.

За Приказна,

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

4,305FansLike
1,656FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ