26.8 C
Skopje
Saturday, April 13, 2024
spot_img

Симона Трајкоска: Дисциплината од часовите по карате, помага во детскиот, но и професионалниот развој

Симона Трајкоска е карате тренер. Под водство на тренерот на клубот Сенсеј– Живко Тасевски, заедно со Тамара и Ивана, како репрезентативка во кати за Македонија до 2016 година, го освоиле единствениот медал за Македонија во кати екипно сениорки во Тенерифе. Во Приказна, раскажа за нејзините лични придобивки од тренирањето карате, но и од важноста на каратето за детскиот развој.

На која возраст е најдобро едно дете на почне да практикува карате?

Симона Сме имале и случаи кога децата почнувале на 4 годишна возраст, но тоа би рекла дека е исклучок. Можеби најсоодветно е 5-6 години кога веќе децата почнуваат со училиште и тука влегуваат во една шема на создавање навики. Сметам дека тоа е идеалната возраст да се започне со карате.

Зошто по каратето е корисно за децата? Кои се придобивките од овие часови?

Симона Не се корисни само за децата. Корисни се за сите возрасти. Кога ќе почнеме со помладата категорија, многу е полесно понатаму. Во нашиот клуб се држиме до одредени принципи на работа, се викаат доџо кунт, тоа се правила на работа во сала. Тука го градиме карактерот на децата, ги учиме да бидат лојални, ги учиме да не се откажуваат, да се стремат кон остварување на целите, ги учиме да бидат добри личности, да почитуваат. Сите овие карактеристики се многу важни за секој човек.

Дисциплината која ја негуваме во сала, понатаму сите вежбачи ја негуваат и надвор од сала. Тоа им помага во секојдневието, во професионалниот развој.

Правило број еден е дека во каратето нема прв напад. Ги учиме да се воздржуваат од насилство, а во исто време ги учиме да бидат спремни на одбрана. Погрешна е перцепцијата за каратето дека децата се учат да се тепаат, напротив ги учиме на самоодбрана и ги учиме да владеат со ситуацијата, да не се провоцираат лесно, да знаат да ја надвладеат ситуацијата кога ќе дојдат во некој конфликт. Вежбањето карате е корисно од повеќе аспекти.

Документарен магазин Приказна

Каков е интересот кај децата и родителите за вежбање карате?

Симона Нашиот клуб е најстариот клуб во Македонија и можам да направам споредба низ годините. Порано, многу повеќе имаше интерес. Веројатно тоа беа годините кога немаше социјални медиуми, кога немаше телефони и кога навистина на децата им беше потребна таа интеракција. За жал, со ковидот малку забележавме пад на интересот, но полека децата повторно се враќаат во сала. Многу е важна поддршката на родителите во ваквите случаи.

Во ова брзо време на живеење можеби и не е толку лесно изводливо, но заеднички сите сме тука и работиме во интерес на децата. Сметам дека кога ќе влезат децата во сала и кога ќе ја осетат атмосферата во сала, навистина уживаат. Често пати родителите ги следат тренинзите, но и знаат да повежбаат со нивните деца.

Колку сте задоволни со успесите на децата, како тренер?

Симона Многу. Нашиот клуб со години вади квалитетни натпреварувачи а со тоа и квалитетни репрезентативци. Имаме успешни натпреварувачи. Имаме освоено преку 8000 медали низ годините, на домашни и меѓународни првенства. Имаме и деца кои не сакаат да се натпреваруваат и ние тоа го почитуваме.

И јас своевремено бев репрезентативка во кати во Македонија до 2016 година. Заедно со моите колешки Тамара и Ивана го имаме освоено единствениот медал за Македонија во кати екипно сениорки во Тенерифе, под водство на тренерот на нашиот клуб Сенсеј– Живко Тасевски. Тој беше селектор од осамостојувањето на Македонија до 2016 година.

Ваша препорака до младите?

Симона Јас мислам дека она што сум денес, во голема мера е заслужно каратето. Јас никогаш не се откажувам, упорна сум во остварување на целите, се фокусирам на тоа што го правам и мислам дека со тоа многу добивам. Почитувам ред, ги почитувам луѓето со коишто работам. Иако каратето е индивидуален спорт, кога се занимавате со спорт било да е професионално или рекреативно, еден друг ментален склоп се развива кај вас. Поинаку гледате и пристапувате на работите и гледате да најдете решение за секоја ситуација.

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,231FansLike
2,800FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ