8.8 C
Skopje
Tuesday, October 22, 2024
spot_img

Сања Ѓорѓева: Децата што не спијат навечер – немаат концентрација во текот на денот

Преморенто дете преку ден кое не спие, ќе се буди и навечер. Секој родител треба да знае колку дремки треба да има неговото дете според возраста и да се придржува до тој распоред, доколку сака тоа да биде смирено и во текот на ноќта, вели во интервју за Приказна, Сања Ѓорѓева – сертифициран тренер за спиење

Приказна Зошто е важен сонот за децата?

Ѓорѓева Квалитетен сон е многу важен за дечињата затоа што директно е поврзан со нивниот раст и развој. Мелатонинот се лачи навечер кога децата спијат, тој е директно поврзан со хормонот за раст. Кога детето не спие навечер, кога се буди – го нарушува хормонот за раст и тоа значи дека може да има одреден застој на некои полиња. Концентрацијата многу се намалува, децата што не спијат навечер – немаат концентрација во текот на денот.

Кај помалите бебиња го забележуваме во однос на тоа што не знаат да се заиграат сами, константно го бараат вниманието на таткото и на мајката. Цело време сакаат некој да биде околу нив, со плачење и кенкање. Поголемите деца не можат да ја задржат концентрацијата на училиште, па заспиваат и на клупа. Освен овој проблем, кај децата што не спијат добро може да се појави и гојазност, да се јават и срцеви болести – квалитетниот сон е директно поврзан со здравјето.

Приказна Може ли родителите да забележат кога децата не спијат доволно?

Ѓорѓева Ако родителите забележат дека детето повеќе од една недела не спие добро, има нарушен сон, се буди често и има променети навики за спиење, тогаш дефинитивно треба да се вклучи алармот и да се преземе нешто. За среќа, свеста кај родителите е сè поголема и поголема кога зборуваме за спиењето кај децата и сè повеќе знаат да се јават и да побараат помош. Знаат дека не е нормално дури и бебиња од 6-9 месеци да се будат често навечер.

Приказна Кои се причините поради кои децата не можат да заспијат, се будат или недоволно спијат?

Ѓорѓева Една од најчестите причини за будење на децата е неможноста да заспијат сами. Од друга страна, кај возрасните е малку покомплексно затоа што прво мора предвид да го земеме и здравствениот аспект. Дали има некое заболување, ако нема, тогаш треба да се види дали има некои лоши навики.

Возрасните кои имаат проблем со спиење, би требало барем еден час пред заминување в кревет да избегнуваат електронски уреди, а тоа да бидеме реални ретко кој го прави затоа што или гледаме телевизија или сме со телефонот во соба. Треба да се избегнува пиење пијалаци кои содржат кофеин, вечерата да биде 3-4 часа пред спиење и тоа да биде полесна храна. Да се легнува во исто време и да се будиме приближно во исто време. Треба да се внимава на хигиената на спиењето, на душекот, на перницата. Мора да се внимава на сите аспекти ако сакаме да го подобриме спиењето кај возрасните.

Приказна Колку часа сон е доволно?

Ѓорѓева Има разлика во однос на тоа како спиеме и колку часа спиеме. Може некој да каже дека спие 8 часа, но поважно е да се каже како се отспани тие 8 часа. За квалитетно спиење треба да знаеме дека самото заспивање не треба да трае подолго од 30 минути, откако ќе заспиеме – важно е да не се будиме во текот на ноќта. Во случај да има будење, нормално е еднаш до двапати, потоа треба лесно да се презаспие, да не се потребни часови за презаспивање. Кога ќе станеме наутро треба да се чувствуваме свежи, наспани и со енергија, да нема мамурлак или будење со главоболка.

Приказна Дали е потребно дремнувањето во текот на денот?

Ѓорѓева Кај малите деца до четири-пет годишна возраст се препорачува да имаат преспивање во текот на денот. Кај некои деца се забележува дека ако не спијат во текот на денот, потоа имаат тешкотии да заспијат навечер. Голем мит е тоа кога ќе се каже – нека го детето да се премори преку ден, за да спие навечер. Напротив, преморено дете преку ден кое не спие, ќе се буди и навечер. Секој родител треба да знае колку дремки треба да има неговото дете според возраста и да се придржува до тој распоред, доколку сака тоа да биде смирено и во текот на ноќта.

Кај возрасните е сосема друга ситуацијата, доколку имаме долга дремка по будењето можеме да се разбудиме повеќе поспани, понервозни и со главоболка. Затоа кај возрасните препорачуваме таа дремка да биде 20-30 минути, тоа е доволно време кое на телото му е потребно за колку-толку да ја поврати енергијата, малку да се освежи за да може да го продолжи денот. Препорачливо е дремката да биде меѓу 15 и 17 часот попладне, да не биде многу доцна попладне за да не го наруши ноќното спиење. Возрасните ако имаат многу долга дремка постојано и потреба за неа, треба да се запрашаат зошто е тоа така. Тоа е веројатно затоа што не спијат доволно долго навечер или имаат некое нарушување со спиењето.

Документарен магазин Приказна на тема спиење

Приказна Кои се придобивките од спиењето за нашето здравје?

Ѓорѓева Спиењето е клучно за здравјето, за да бидеме здрави, витални и со полн степен на енергија. Ако не спиеме или имаме нарушено спиење, тогаш сите органи се нарушуваат. За да можеме да бидеме енергични и да ги завршуваме сите наши обврски, спиењето е клучно, многу е важно да не го занемаруваме. Во денешно време зборуваме за здрава исхрана и вежбање, кои исто така се важни, но го занемаруваме спиењето. Важно е да се посветиме на сите три работи – здрава исхрана, вежбање и спиење ако сакаме да живееме здраво и долго.

За Приказна,

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,687FansLike
3,355FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ