26.8 C
Skopje
Saturday, April 13, 2024
spot_img

Савче Ѓошева: Со низок студентски стандард, младите луѓе брзо ќе бегаат од Македонија

Имаме само еден функционален дом којшто ги задоволува до некаде стандардите, но и таму се јавуваат недостатоци и проблеми. Имаме два студентски дома кои чекаат на реконструкција. Имаме криза за домување тука. Студентите не можат да се сместат во студентски домови, оставени се да си наоѓаат сместување надвор од студентските домови, а некои од нив не можат да си го дозволат тоа, вели во интревју за Приказна, Савче Ѓошева, студентка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, студентска правобранителка на УКИМ

Како го оценувате студентскиот стандард на студентите во нашава земја?

Ѓошева Кога велиме студентски стандард, најчесто тоа го асоцираме со студентските домови, но покрај тоа студентскиот стандард ја опфаќа исхраната, домувањето, јавниот превоз, културната програма којашто едно општество може да му ја понуди на еден студент, спортските активности, психолошката и здравствената помош и поддршка која државата може да ја понуди на еден студент. Доколку го споредиме сето ова со други држави, ќе сфатиме дека нивото на стандард овде е навистина ниско.

Има некои промени, но сепак се бавни. Како студентски организации се трудиме да правиме притисок, да овој студентски стандард се подигне на повисоко ниво каде ќе може да ги задоволи условите на еден студент.

Домувањето е еден од факторите кој се споменува како проблем. Каде е тука Македонија и колку овој проблем го препознава јавноста и дали институциите немаат слух да го решат?

Ѓошева Навистина проблемот е горлив. Имаме само еден функционален дом којшто ги задоволува до некаде стандардите, но и таму се јавуваат недостатоци и проблеми. Имаме два студентски дома кои чекаат на реконструкција. Имаме криза за домување тука.

Студентите не можат да се сместат во студентски домови, оставени се да си наоѓаат сместување надвор од студентските домови, а некои од нив не можат да си го дозволат тоа. Тука и јавноста треба да биде посвесна за проблемот, но институциите да ги слушаат нашите барања и да бидат поажурни. Само со стратегија и визија, може нешто да се постигне. Тоа мора побрзо да се случи.

Сè уште чекаме на реконструкцијата која беше најавена минатата година. Но, кај нас секогаш заглавуваме во некои бирократски процедури.

Кои фактори влијаат врз условите на студентскиот стандард?

Ѓошева Може да се каже дека буџетот кој го одвојува државата игра значајна улога. Оваа година буџетот за студентски стандард е намален за 10%. Тоа е жално што ни се случува во државата.

Треба да сфатиме дека кога вложуваме во студентскиот стандард, вложуваме во студентите и тоа е залог во целото општество. На тој начин ќе може да ги задржиме студентите тука, да останат работниците тука, идните интелектуалци кои треба да создаваат трудови ќе останат тука. Од друга страна, јавноста треба да биде поактивна.

Како студентски организации треба да бидеме погласни и да правиме притисок таму каде што е потребно. Сметам дека сето ова не е доволно дискутирано во јавноста.

Колку фали гласноста на студентите и колку тие имаат „вина“?

Ѓошева Како студентски правобранител, можам да видам дека се случуваат муабети каде студентите си ги искажуваат своите проблеми, но застанува тука. Не доаѓаат со претставки кај мене, не се охрабруваат да постапуваат и се соочуваме со младина која знае на моменти да биде апатична. Треба да ни биде јасно дека овој проблем ги засегнува сите страни, особено нас како студенти.

Мора да бидеме гласни и активни, дали преку вклучување во студентски акции, дали индивидуално ќе ги започнуваат овие процеси, дали како група ќе се соберат и дискутираат.

Дали постои процедура на кој начин може да се реагира? Како да достават претставка?

Ѓошева Оваа година фокусот е ставен на едукација на студентите, каде може да пријават, кому да се обратат, за какви проблеми да се обратат. Студентите до некаде може се запознаени со нивните права, но не ги препознаваат прекршоците и не се доволно упатени каде треба да се обратат. Секогаш кога нивното право е прекршено, треба да ми се обратат мене со претставка.

Имаме оставено контакт на официјалната инстаграм страна на универзитетското собрание, можат да ме најдат и контактираат. Покрај мене, постои и самото универзитетско собрание како тело и можат да достават барање и иницијатива за каква било промена. Дури и за корупцијата како проблем постојам јас и антикорупциски офицер. Треба да се искористат овие позиции и што повеќе да се зборува.

Кои се жртвите на студентите кои студираат надвор од своето родно место?

Ѓошева Самото одделување од средината која ви е позната и доаѓање во непозната средина е тешко. Дополнително кога ќе се соочите со студентски домови кои имаат огромни недостатоци како на пример во студентскиот дом Стив Наумов нема топла вода, истото се случува и во Пелагонија, немаат поставено тоалети, немаат правилна канализација, тоа се страшни проблеми кои дополнително му создаваат товар на студентот. Доколку отидете во мензите и погледнете во студентските домови, храната е нездрава и недоволна. Студентите дефинитивно даваат жртва.

Документарен магазин Приказна

Како реагирате кога ќе се пријави некој проблем? Што се прави со таа претставка?

Ѓошева Откако ќе ја добијам претставката, го извлекувам заклучокот и правам моја забелешка, ги испитувам засегнатите страни доколку постојат. Со таа претставка одам до институцијата којашто е надлежна и алармирам да се реши проблемот.

Едноставно мојата позиција вклучува вршење притисок врз одредена институција и креирање на дијалог каде што ќе може да се издискутираат проблемите и да се најдат решенија за нив. Не го оставам проблемот нерешен.

Финансиите се еден од факторите кои ја детерминираат тежината на проблемите. Одредени студенти се нафаќаат покрај студиите и на работа. Како тоа да го смениме?

Ѓошева Да, тоа е голем проблем. Кај нас сè уште се придвижува свесноста за младинско вработување односно за невработеноста. Оној економски систем бара од младите и студентите да бидат вработени во текот на своите студии за да се издржуваат себеси.

Се креираат стратегии за вработување на младите, за вклучување во процесите од коишто ќе можат да извлечат и практични вештини и да си го збогатат своето CV. Недоволна е вработеноста на младите, засега. Се прават чекори и се надевам дека кога ќе ги вклучиме младите и ќе ги поврземе со бизнис секторот, ќе се најде едно решение за оваа младинска невработеност.

Дали некој од бизнис заедницата се обратил со идеја дека може да помогне со стипендирање или друга поддршка?

Ѓошева Засега не сум запознаена некоја бизнис компанија да понудила стипендии или некаква активност каде младите се вклучени. Треба да се апелира и да се вложува во младите. Ако сакаме да ги задржиме младите, треба да им понудиме добри студентски програми и добри спортски активности.

Какви се искуствата од земјите од нашето опкружување? Имаат ли институциите сенс да го слушнат тоа?

Ѓошева Некои институции ве слушаат, но подоцна како се имплементираат работите е малку поинаку. Тука треба да се работи на креирање на здрав дијалог каде што ќе бидат задоволени нашите потреби. Министерството за образование знаеме дека доделува стипендии. Сепак, бројката на тие стипендии е недоволна според мене. Треба да бидат опфатени поголем број на студенти, особено оние што се на втор циклус на студии. Знаеме дека има такви кои не работат, одбрале да студираат втор циклус на студии, одбрале да вложат во себе и затоа треба да ги наградиме. Тука треба да има доделување на стипендии.

Дали има места за забава, кино, превоз каде се опфатени попусти за студенти?

Ѓошева Да, имаме соработка со МНТ каде што даваат попусти или гратис карти. Со Кинотека, Синеплекс си имаат одредени денови каде што студентите добиваат попуст. Треба да се вклучат повеќе институции во овој процес. Министерството за образование најави доделување на ваучери за меѓуградски превоз и би требало да стапи во сила во месец март. Суштината сепак останува дека треба да се решат прашања. Почнуваме од студентските домови, студентските програми, вклученоста на младите во системот, во носењето одлуки, сето ова е доста широк проблем кој треба да се решава.

Колку професорите се запознаени со овие проблеми?

Ѓошева Професорите ни се голема поддршка. Секогаш може да им пристапиме и да побараме совет, барем кај нас. Тие ја имаат мудроста, но го немаат еланот. Ние сме тие кои треба да го носиме еланот како млади луѓе.

Како да ја вклучиме јавноста повеќе да ве поддржи и разбере?

Ѓошева На едно колективно ниво и постоење слух за младите и нивните проблеми, може да ја поттикне свеста и да ја разбранува јавноста. Треба јавноста да биде вклучена. Доколку дома имате студент, разговарајте со него и видете кои се неговите проблеми. Ова е совет за сите кои имаат студенти дома. Со вклученост и на локалната заедница. Доколку сте на позиција да може да помогнете и влијаете, ќе ја осетите таа благодарност.

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,231FansLike
2,800FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ