8.8 C
Skopje
Tuesday, October 22, 2024
spot_img

Роза Крстеска: На семејствата им треба силна поддршка, за да се адаптираат на лицето со деменција

Во светот постојат и дневни центри за една окупациска стимулација и на старите лица, но и дневни центри за лица кои имаат деменција на кои исто така може да им се помогне за социјална стимулација, когнитивна стимулација, окупациски активности, а во исто време членот на семејството да ги заврши своите обврски, да имаат малку време и за себе. Кај нас, тоа недостасува. Често на запад се прават планови за посети на постарите лицата кои живеат сами, дали им е потребно пазарење, обврски во домот, снабдување со лекови, се со цел да се задоволат сите потреби зависно од степенот и тешкотиите што ги има тоа лице, вели во интервју за Приказна, проф. прим. д-р Роза Крстеска, психијатар и психогеријатар.

Што е деменција, кои се симптомите и како се манифестира?

Роза Крстеска Деменцијата претставува една група на заболувања односно повеќе видови на деменција. Кога зборуваме за деменција најчесто зборуваме за Алцхајмеровата болест, заради тоа што таа е присутна во 60 до 80% од сите видови на деменцијата. По тоа доаѓа васкуларната деменција и други кои со поголем процент се застапени во вкупниот број на деменцијата.

Деменцијата е неврокогнитивно нарушување коешто ги погодува повеќето психички функции но секако како најдоминантна промена каде што се случуваат е меморијата, памтењето. Како еден од главните симптоми кај Алцхајмеровата и другите деменцијата е заборавеноста којашто почнува, прогресира постепено. Страдаат и останатите функции коишто ги нарекуваме когнитивни функции, односно највисоките психички функции коишто во развојот човекот се здобил. Функцијата на внимание, на разбирање, расудување, одлучување во фазата како напреднува деменцијата исто така може да бидат зафатени. Емоциите и социјалното функционирање постепено стануваат се’ повеќе зафатени.

Како живеат луѓето со деменција кај нас, какви се бројките и условите за живот на овие луѓе?

Роза Крстеска Ние се обидуваме се’ повеќе да правиме промоција односно свесност да постигнеме на Алцхајмеровата деменција се со цел таа порано да биде дијагностицирана и што порано да преземеме мерки како во однос на терапијата така и да ги научиме луѓето како да живеат со оваа состојба, да помогнеме на семејството итн. Ако порано знаевме за некоја склероза, заборавање, тоа е Алцхајмеровата деменција. Истите промени се случуваат во мозокот како и кај нормалните луѓе коишто стареат, кои немаат деменција. Ова е болест која трае со години. Не е болест која оддеднаш ќе се појави и ќе ни земе член на семејството. Многу е важно навреме да се дијагностицира, да се почне на време со терапија, луѓето да се адаптираат како човекот кој има деменција, така и семејството.

За жал и во светот и во земјите со низок и среден приход, во кој и нашата земја припаѓа, најголем товар на Алцхајмеровата деменција го носи семејството. Кај нас сè уште лицата со деменција ги немаат сите можности кои ги имаат граѓаните на пример во земјите на ЕУ. Најголем процент живеат дома со своето семејство, што секако е препорака. Секогаш додека може лице кое има проблеми со памтење што подолго да остане во својот дом, доколку има можност и доколку семејтвото може да пружи можност.

Во светот постојат и дневни центри за една окупациска стимулација и на старите лица, но и дневни центри за лица кои имаат деменција на кои исто така може да им се помогне за социјална стимулација, когнитивна стимулација, окупациски активности, а во исто време членот на семејството да ги заврши своите обврски, да имаат малку време и за себе. Кај нас, тоа недостасува. Често на запад се прават планови за посети на постарите лицата кои живеат сами, дали им е потребно пазарење, обврски во домот, снабдување со лекови, се со цел да се задоволат сите потреби зависно од степенот и тешкотиите што ги има тоа лице.

Имаме ли институции или домови за стари лица кои се грижат за лицата со деменција и колку е важна поддршката од обучени луѓе кои би работеле со овие лица?

Роза Крстеска  Во нашата земја има државни институции кои се занимаваат со грижа и нега на стари лица меѓу кои и лицата со деменција. Капацитетите се недоволни, списокот на чекање е голем, иако се перфектно обучени со стручен лекарски кадар. Нивното лекување е мултидисциплинарно, треба невролог, психијатар, интернист и др. гранки. Денес постојат и приватни домови за нега и грижа за стари лица коишто нудат добри услови а сепак проблемот е тоа што има лица кои тоа не можат финансиски да си го дозволат.

Сè повеќе се оди на тоа здруженија и агенции да вршат обука на лица коишто се од други струки да научат како да пружат помош и нега на лицата со деменција. Имаме развој на невропсихологијата, тоа се психолозите кои се едуцираат за невропсихолошки тестови, што е навистина значајно, особено на почетокот кога треба да се постави диференцијална дијагноза меѓу лице кое старее има нормален процес на заборавање или онаму каде што веќе е започната деменцијата. Она што фали во нашата земја е да се има една национална стратегија којашто ќе се спроведува во пракса.

Колку и зошто е важна поддршката на семејството на лицето кое живее со деменција и со какви предизвици се соочуваат?

Роза Крстеска Секогаш мора да мислиме и на семејството затоа што за жал се даваат бројки дека лицата кои се грижат постојано за лице кое има деменција страдаат од анксиозност, депресија, несоница, многу поголем е ризикот за телесни заболувања, па токму од тој аспект секогаш треба да водиме сметка и за членовите на семејството коишто не само што пружаат 24 часовна грижа, едноставно и нивните потреби тешко може да ги задоволат. Затоа се важни тие дневни центри, каде лицето со деменција ќе ја добие сета своја потребна стручна помош, а семејството ќе може да има време за себе и за своите потреби.

Каква грижа е потребна на луѓето кои живеат со деменција?

Роза Крстеска Доколку се работи за старо лице коешто живее само, и ако е тоа блага форма на деменција, сепак тоа лице сè уште може да живее само со една добра поддршка од семејството, односно сè додека живееме независно, вршиме плаќање на сметки, набавка на лекови, посета на лекар, организирање на превоз. Како деменцијата напредува, оние тешкотии се во временска ориентација, ориентација во простор.

Во медиумите ќе кажат лицето го напушти домот, па бараат помош да се најде, на тие лица веќе им треба постојана грижа. Без разлика дали ќе биде лице од семејството или обучено лице кое ќе се грижи. Кај нас менталитетот е да старите лица сè уште не сакаат да одат во домовите, за разлика на запад, каде кога се постари и се сами, социјалните контакти се намалени, сами одат во тие домови каде што ги имаат сите услови.

Документарен магазин Приказна

На која возраст најчесто се појавува деменцијата и кои се ризик фактори?

Роза Крстеска Најголем ризик фактор е староста. Како старееме можноста да добиеме деменција е поголема. Ако зборуваме над 85 годишна возраст, таму можноста е 20-30%. Ако зборуваме над 65 годишна возраст, тука некаде е околу 5%. Колку сме постари толку е поголема можноста за нејзина појава. Има еден мал процент на раната форма на Алцхајмерова деменција која се случува пред 60 година. Сè што се случува над 65 година, спаѓа во таа група на сенилна форма на Алцхајмерова деменција.

Има една студија каде што излегоа од Комисијата за превенција, препораки и грижа на лицата со деменција со една истражувачка работа, кои ги издвојуваат ризик факторите за појава на Алцхајмеровата и другите видови на деменција. Во таа студија се вели доколку успееме да влијаеме на факторите на ризик, дури 40% може да се намали можноста за добивање односно ако добиеме таа да биде во поблага форма, да имаме подолг период за грижа за себе. Особено во пораната возраст важна е едукацијата, колку е поголема едукацијата толку повеќе ни дава можност и во превенцијата и кај поблагата форма на деменција.

Во средната возраст има ризик фактори како што е губење на слухот. Јас имам доста клиенти кои не сакаат да ги носат апаратчињата за слух, затоа што не можат да се адаптираат. Слухот е ризик фактор за развој на деменцијата. Потоа, повредите на главата, зголемениот притисок мора да се менаџира, зголеменото консумирање на алкохол исто така токсично влијае на мозокот, зголемената телесна тежина во средната возраст може да влијае во превенцијата и појавата на деменцијата. Во постарата животна возраст пушењето е ризик фактор. Доколку се престане и во постара возраст со пушење може да биде заштитен фактор против деменцијата.

Второ заболување кај лицата во повозрасната возраст е депресијата. Ние на депресијата малку обрнуваме внимание. Депресијата е ризик фактор за појава на деменцијата, па и луѓето кои имаат деменција може да развијат депресија. Друг ризик фактор е социјалната изолација. Физичката неактивност е исто така важна. Загадувањето на воздухот е ставен како фактор ризик во појавата на деменција. Сите заболувања треба соодветно да се третираат.

Постојат две групи на лекови, едната веднаш се почнува штом утврдиме дека постои деменцијата а другата почнува во умерена фаза. Тие се достапни, првата група се на позитивната листа, за втора не. Според мене сите треба да се. Тоа се два лека кои се користат во лекувањето. Колку порано се почне со лекувањето, резултатите се подобри. Оваа терапија се дава секаде во светот.

Овие лекови не се лекови кои се ја спречат или излечат деменцијата, но се лекови кои влијаат на прогресијата на деменцијата.

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,687FansLike
3,355FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ