22.8 C
Skopje
Saturday, July 27, 2024
spot_img

РОЗАЛИЈА СЕКУЛОВСКА: ДЕЦАТА ИМААТ ПОТРЕБА ОД ИГРА И СОЦИЈАЛИЗАЦИЈА СО ДРУГАРЧИЊАТА, НО И СО РОДИТЕЛИТЕ

Децата не ја покажуваат туку така осаменоста со збор, туку ја покажуваат со однесување. Додека се открие дека е осамено, може да се накалемат некои други етикети кај децата. Во глобала, детето може на долги патеки да биде осамено, вели Розалија Секуловска, магистер по развојна психологија.

Дали родителите се свесни дека детето може да биде осамено?

Секулоска Детето може да биде осамено. И предучилишното дете, училишното дете, адолесцентот, доцното детство, можат да бидат осамени, меѓутоа многу малку се зборува за осаменоста кај децата. Повеќе се зборува за осаменоста кај возрасните, кај родителите затоа што тоа го чувствуваат и вербализираат. Децата не ја покажуваат туку така осаменоста, со збор туку ја покажуваат со однесување. Додека тоа се открие дека е осамено, може да се накалемат некои други етикети. Во глобала детето може на долги патеки да биде осамено.

Јас се обидов нешто да истражам, ме интересираше оваа тема. Сите сме осамени после сите овие работи кои се случуваат, но и децата се многу осамени. Во некои анкети од истражувањата пишува дека родителите трошат 168 минути во просек на некои нешта кои не се поврзани со децата. Тоа е одење на работа, работење, враќање од работа, готвење, купување, активности околу домот. Една четвртина од родителите посочуваат дека се свесни дека нивните деца се осамени, но тоа го објаснуваат дека едноставно немаат време да им посветат на своите деца, активна комуникација и интеракција. Тука забележуваме дека родителите се свесни дека многу време поминуваат во нешто што не е поврзано со нивното дете и сето тоа се должи на она наметнато западно европско време.

Родителите работат многу долго, децата поради тоа некој треба да ги чува, бабите и дедовците се заменски улоги за родителите, но имаме одамна нова мода, тоа се сервис на стручни лица, негуватели кои ќе се ангажираат дополнително за да го чуваат детето.

Кога детето ќе тргне во градинка, бидејќи родителот троши во просек 168 минути, а верувам дека некој и многу повеќе доколку имаат бизнис и поголеми хоризонти за егзистенција, тогаш децата се пуштаат многу порано во градинка, наместо од девет, од шест месеци, наместо да се земаат пред ручек, се земаат дури во 17 часот, кога затвора градинката.

Кога тргнуваат во училиште, голем дел од децата остануваат во целодневна настава за да родителот може да работи. Па така, забележуваме како да ги предаваме нашите деца на системот, тој да се грижи и да ги чува, затоа што ние возрасните мора да работиме за да преживееме. Поразителни се овие информации. Родителите едноставно, и тие се ставени во кош, немаат доволно време да посветат активно, квалитетно време со своите деца.

Како родителот може да ја препознае осаменоста кај детето?

Секулоска Имаме родители кои не оставаат децата да бидат осамени. Постојано се тука. Тогаш имаме проблем со симбиоза или со некои стравови. Родителот е нонстоп тука, му помага на детето да ги заврши работите, да ги заврзе патиките, да ја напише домашната. На тој начин детето расте во едно стаклено ѕвоно каде што утре ќе биде дете кое ќе биде „неспособно“ за самостоен живот. Тоа е екстремноста која не е во ред. Учиме детето да биде беспомошно.

За разлика од овој, другиот екстрем каде што децата се препуштени сами на себе. Овој екстрем го има најчесто кај дисфункционалните семејства и тогаш тие деца можат да отидат по лоши патишта, стануваат сурови, но можно е и да станат деца борци.

Јас би одела во онаа златна средина којашто му е потребна и на родителот и на детето. Тоа е оној демократски родител. Колку може да дава што повеќе љубов, грижа, внимание, до определена доза, која е потребна во зависност од возраста на детето, меѓутоа да дава граници и контрола. На детето не му е сè дозволено, меѓутоа детето исто така има слобода да каже што сака, што мисли, што чувствува, да го покаже својот интерес. Честопати ни се случува нам родителите, на сите нас, да не видиме дека детето е осамено.

Децата кои се осамени најчесто се намуртени или немаат никаква фацијална експресија. Најчесто невербално покажуваат со рацете затвореност, за да се заштитат себе си дека не сакаат комуникација, се изолираат. Доколку во раните години не е воспоставено социо-емоционално здраво врзување, понатаму ќе биде уште потешко родителот да стапи во контакт со детето и да открие зошто е осамено, како да му помогне, како да го решат тоа.

Истражувањата покажуваат дека дури во тинејџерските години, колку и да кажува остави ме, не сакам да зборувам, всушност сака да зборува со родителите, само треба да се темпира вистинското време и начинот на кој ќе му се соопшти на адолесцентот она што родителот сака да му го каже.

Документарен магазин Приказна

Колку е важно родителот да се обрати на психолог, да побара помош?

Секулоска Јас отсекогаш сум се залагала за матичен психолог, психотерапевт којшто на долги патеки ќе го следи и детето и семејството и ќе ја забележува динамиката. Многумина особено од родителите, кога станува збор за нивното дете, имаат некој ѕид дека нивното дете е добро, сè е во ред, меѓутоа нешто му се случува. Што порано интервенираат, или едноставно побараат мислење, тоа е подобро за сите членови во семејството.

Родителите тргнуваат од тоа дека тоа е паметно, интелигентно, сето тоа е во ред. Но, тоа е дете кое убаво би било да има средина и услови каде што би можело да ги развие своите капацитети. Колку порано се забележат повлекување, изолација, агресија, несакање за комуникација, преголемо време поминување на социјалните мрежи, одвојување од врсничката група, толку подобро родители да пробаат да зборуваат со своето дете. Ако тие не успеваат, да најдат некој сродник, пријател, баби, дедовци или пак да побараат стручна помош. Овој проблем како голем проблем, може да се одрази после десетина, дваесет години.

Траумите не се одразуваат сега и веднаш. Тие си имаат свој данок и се одразуваат после десет, дваесет или триесет години. Ние тогаш масовно ќе работиме со осаменоста. Тргнуваме од моментот дека имаме деца единци коишто немаат браќа и сестри, немаме толку паркови и зелена површина каде што децата можат слободно да се собираат како што тоа беше во мое време.

Родителот мора да се организира со други родители да ги однесе децата на излет, а тоа чини пари, време, труд. Децата имаат потреба од анимација, сите имаме, и тоа го компензираат со социјалните мрежи. Знак прашање е што гледаат таму.

Би сакала додадам една иницијатива на една жена од Америка, којашто пред неколку години има направено нешто многу интересно. Жената побарала согласност од надлежните структури, направила петиција, по што добила во определени денови во неделата по еден час да бидат затворени сите улици, да нема сообраќај. Целта била децата со мајките или без нив, да излезат слободно да си играат. Ова потсетува на нашето време во кое сите слободно излегувавме на улица а да не се плашиме дека некој нема да не види и ќе се случи сообраќајна незгода. Сега е време за примарна превенција. За десетина, дваесет, триесет години ќе имаме секундарна превенција каде ќе работиме на последиците од осаменоста.

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,528FansLike
3,293FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ