27.8 C
Skopje
Tuesday, May 24, 2022
spot_img

Родителите се мета на дезинформациите за сексуална едукција

Сексуалното и репродуктивно здравје и права се табу како дома, така и во училиште. Во нашето формално образование само 13% од учениците учеле за кондом, а едвај 2% за орална контрацепција, иако сите податоци велат дека младите сакаат да зборуваат на овие теми.

Она што можам да го кажам како врснички едукатор за сеопфатно сексуално образование е тоа дека младите се доста заинтересирани да зборуваат на овие теми. Самиот момент произлегува од тоа што многу често немаат каде да зборуваат. Голем дел од нашите едукации се исполнети со голем број на прашања од страна на младите за овие работи и најчесто го уживаме целото нивно внимание кога ги имаме овие часови. Она што младите го викаат е дека сакаат сеопфатно сексуално образование и многу често после едукација добиваме пораки од типот „ајде да го правиме ова често или повеќе“, особено од градовите надвор од Скопје, бидејќи првичните обуки и едукации беа во Скопје, па кога ги проширивме и надвор од главниот град, се појави поголема заинтересираност кај младите“, вели Теа Милевска, врснички едукатор по сеопфатно сексуално образование (ССО) од ХЕРА.


Помеѓу младите, за жал сè уште постојат голем број на информации на оваа тема кои ги збунуваат, но дали има начин како да се препознаат вистинските?

Милевска Дефинитивно многу тешко прашање за да се даде одговор, бидејќи живееме во ера на информации насекаде околу нас. Она што би кажала на младите е да не се потпираат на оние информации кои многу често ги сретнуваме по форумите кај нас. Дефинитивно секоја информација треба да се провери пред да се верува и никогаш да не веруваме само на насловите. Вистинитоста на информацијата треба сами да ја провериме со истражување со цел вистински одговори.

Најчеста причина за лошата здравствена состојба кај младите е неинформираноста, но и митовите, особено за нивното сексуално и репродуктивно здравје. Кои се најчестите?

Милевска Јас би почнала со тоа дека не може да се забремени со првиот сексуален однос, понатаму дека не треба да се користи кондом. Потоа некои видови на контрацепција за кои ние никогаш не сме слушнале, кои всушност не постојат, користење на Кока Кола после сексуален однос, за да се превенира бременост. Исто така чести се митовите кои постојат околу оралната контрацепција, односно многу често се вадат делови или сегменти од оние последици кои може да се случат, но не секој ги има, па на тој начин се демотивираат младите девојки од користење на орална контрацепција.


Училиштето и едукациите се клучни за развојот и информирањето на младите, за грижа за своето здравје и за разобличување на митовите и дезинформациите. Како да успеете во разобличување на лажни вести и податоци?

Милевска На едукациите се гледа дека младите читаат многу погрешни информации. Едноставно секој греши и бил мета на погрешни информации, па затоа треба а бидеме свесни и храбри и некогаш да признаеме дека она што го знаеме не е вистина. Она што ние го правиме со нашиот прирачник за врснички едукации е тоа што многу често ги имаме фактите таму. Пристапот кој треба да ги имаме е да бидеме хумани и да не настапиме само со тоа дека вие не сте во право, туку да креираме простор за здрава дебата и дискусија каде што ќе се разменуваат факти, а не лични мислења.
Истражувањата на ХЕРА од една страна покажуваат дека родителите се за сексуално образование, но на социјалните мрежи, додава Теа, се води борба со лажни и неточни информации на кои дел од нив, за жал веруваат. Дали родителите имаат погрешна перцепција што е ССО?

Милевска Истражувањата на ХЕРА покажуваат дека родителите се за сексуално образование, но она што го гледаме на социјалните мрежи се многу често измешани информации, некогаш и лажно претставени информации. Родителите вака се мета и многу полесно паѓаат на вести од типот на „ќе има пракса во рамките на сексуалното образование“, но сексуалното образование е многу повеќе од тоа и ако родителите бидат насочени кон вистинските извори и кон изворите со факти, тоа ќе придонесе да влијае врз нивната перцепција што е тоа ССО.

Недостигот на соодветни информации е една од главните причини и за дискриминацијата, насилството, омразата и силеџиство во училишната средина. Токму затоа уште од 2009 година ХЕРА застапува сеопфатното сексуално образование да биде дел од наставната програма во основните и средните училишта.

За Приказна, Ване Марковски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,388FansLike
1,398FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ